1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Универзитетот Лудвиг Максимилијан

21 август 2011

На Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен се застапени скоро сите студиски насоки. Освен тоа, странските студенти добиваат добра стручна помош, а и самиот град Минхен има што да понуди.

https://p.dw.com/p/PENY
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Почетоците на денешниот Универзитет Лудвиг Максимилијан (ЛМУ) се многу одамна. Кога војводата Лудвиг Богатиот од Баварија-Ландсхут во 1472 година го основал универзитетот, понудата на предмети била многу традиционална. Студиите на Филозофскиот факултет, тогашниот Артистички факултет, биле предуслов за запишување на студии на некој од другите три факултети по право, медицина или теологија. Името не Универзитетот Лудвиг Максимилијан потекнува од името на неговиот основач војводата Лудвиг Богатиот, како и на кнезот Макс IV Јозеф.

„Универзитас“ во класична смисла

Денес, на ниту едно друго место во Баварија, изборот на студиски насоки не е толку голем, како на Универзитетот Лудвиг Максимилијан. На 18-те факултети има понуда од околу 150 студиски насоки. Може да се студира скоро се‘, од египтологија до стоматологија. Спектарот е широк, од општествени и културни науки, преку правни и економски науки, се‘ до природните науки и медицина. Така Универзитетот Лудвиг Максимилијан е „универзитас“ во класична смисла на зборот.

Ludwig Maximilians Universität in München
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Од 2006 година, на овој Универзитет кој важи за елитен, нема чисто инженерски студиски насоки. Тие се застапени на Техничкиот универзитет во Минхен, кој исто така е прогласен за елитен универзитет.

Елита во областа на природните науки

Успехот на Универзитетот Лудвиг Максимилијан (ЛМУ) во иницијативата за првокласност, се должи на неговите проекти за истражување во областа на природните науки. Успешен беше концептот за „Факултет за системска неврологија“ ("Graduate School of Systemic Neurosciences"), која нуди интердисциплинарни програми за докторанти, кои детално се занимаваат со прашањето: „Како функционира мозокот?“ Факултетот во рамките на „Минхенскиот центар за неврологија - Мозок и ум“, нуди комбинација од различни методи од биологијата, компјутерска неврологија, неврофизиологија, невропсихологија, како и научна теорија и неврофилозофија. На тој начин се отвора простор за нови прашања, иновативни методи и концепти. Во рамките на Иницијативата за првокласност особено голема финансиска поддршка добиваат истражувањата во областа на наносистемите, истражувањата за протеините и фотоните.

Кампусот на Универзитетот не е класичен

Atrium der Ludwig-Maximilian-Universität, München
Фотографија: picture-alliance / HB Verlag

Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен не е универзитет со класичен кампус. Таму студентите учат на повеќе локации. Покрај главната зграда на плоштадот на Ханс и Софи Шол, меѓу другото во Гросхадерн е таканаречениот хај-тек кампус, клиниките во центарот и други установи низ целиот град. На овие локации студираат вкупно 45.000 студенти, од кои 15 проценти се од странство.

Богата програма за стручна помош на странските студенти

На Универзитетот Лудвиг Максимилијан за странските студенти има голема понуда на стручна помош и програма за слободното време. Тука спаѓаат на пример таканаречените групи за одредени земји, специјално за бугарските, кинеските, полските, турските или украинските студенти. Освен тоа Канцеларијата за меѓународни работи организира програми за тутори, манифестации и екскурзии.

Автор: Свенја Инг / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска