1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улични борби кај Копакабана во Рио де Жанеиро

ЖА/дв/дпа/афп/ртре23 април 2014

Повод за ескалацијата на насилство беше смртта на млад човек поврзана со полициска акција. Гневните демонстранти протестираа против, според нивно убедување, самоволието на власта.

https://p.dw.com/p/1BmTb
Фотографија: Reuters

Едно лице загина во синоќешните безредија што избија во близина на познатата плажа Копакабана во Рио де Жанеиро. Демонстрантите протестираа поради убиството на еден млад танчер, за кое ја обвинуваат полицијата. Тие запалија барикади од автомобилски гуми поради што властите мораа да затворат две улици во Рио де Жанеиро. Демонстрантите кон полицијата фрлаа со рачно направени експлозивни средства.

Бразилските медиуми објавија дека полицијата го убила 25-годишниот танчер Даглас Рафаел де Силва Переиро, мислејќи дека е дилер на дрога. Неговите пријатели наведоа дека тој во понеделникот навечер се нашол на местото на судир меѓу полицијата и дилерите, по што се сокрил во блиската градинка, но подоцна е пронајден претепан на смрт.

Жртва во синоќешниот протест е 27-годишен маж. Тој е застрелан во глава и почина во болница.

Бразилската полиција во пресрет на Светското првенство во фудбал спроведува акции против криминалците и нарко-бандите во сиромашните квартови на Рио де Жанеиро.Во акциите притоа се‘ почесто се случува да настрадаат невини луѓе. Бразил за време на Мундијалот од 13 јуни до 13 јули очекува околу 600 илјади странски туристи.