1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската армија се повлече од аеродромот во Луганск

ЕМФ/ард1 септември 2014

По борбите со руски тенковски баталјон на аеродромот во Луганск, како што соопшти владата во Киев, украинските војници се повлекле оттаму. Москва повторно ги отфрла обвинувањата за инвазија.

https://p.dw.com/p/1D4pT
Фотографија: Imago/Xinhua

Портпарол на украинската армија изјави дека на украинските војници им е наредено повлекување од аеродромот во Луганск и од блиското место Георгијивка. Претходно, украинските трупи биле гаѓани со атрилериски оган од руски трупи, тврди портпаролот, додавајќи дека со оглед на „прецизноста“ на нападите е јасно дека во борбите учествуваат „професионални артилериски трупи“ на руската армија.

Владата во Москва во меѓувреме повторно го отфрла обвинувањето за воена интервенција во Украина. „Нема да има воено мешање. Ние сме исклучиво за мирно решение на оваа најтешка криза, за оваа трагедија“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а пренесува агенцијата Интерфакс. Лавров истовремено критикува дека Западот го поддржувал украинското раководство без каква било критика. Задача на ЕУ и на САД е да го бараат она што им го проповедаат на другите, вели Лавров, прецизирајќи: „Да се запре со употреба на тешко вооружување и борбени авиони против цивилни објекти и мирни луѓе.“

Контакт групата на средба во Минск

Независно од борбите во источниот дел на Украина, кои не престануваат, во Минск денеска (1.09) заседава т.н. Контакт група за Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека со тоа почнува „многу важен процес на директни разговори“. На средбата, според наводи на Белорусија, треба да учествуваат претставници на Украина, на Русија и на ОБСЕ. Се очекуваат и претставници на проруските сепаратисти.

Путин е за „нормална“ соработка

Рускиот претседател Путин денеска се изјасни првпат и околу планираните нови санкции на ЕУ против Русија. Тој изрази надеж дека ќе преовлада „здравиот разум“, дека двете страно „нормално“ ќе соработуваат и дека нема да си наштетуваат една на друга. Земјите членки на ЕУ треба да донесат одлука за нови санкции на предлог на ЕК во рок од една недела.