1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција станува полициска држава?

Томас Зајберт/бг2 март 2015

Турската влада планира да донесе нов закон за демонстрации. Иако опозицијата стравува дека тоа е уште еден чекор кон полициска држава, премиерот Давутоглу бара Законот што побрзо да се донесе

https://p.dw.com/p/1EjdM
Фотографија: AFP/Getty Images

Физичките пресметки не се реткост во турскиот парламент, но оние што се случија во изминатите две недели се новина и за Анкара. Имено, еден пратеник при туркањето падна по скалите, а има и ранети од куршум и повредени од удари со тупаници. Дури и чеканот и звончето кои се користат во парламентот во еден момент станаа „оружје“ за време на парламентарните расправи.

Поголеми овластувања за полицијата

Причина за кавгата во парламентот беше „Пакетот за внатрешна безбедност“ кој содржи повеќе од стотици различни закони. Владата на Ахмет Давутоглу на тој начин сака да и даде поголеми овластувања на полицијата при апсењата и истрагите. На тој начин осомничените, уапсени во текот на демонстрации, би можеле да бидат задржани во притвор и до 48 часа, пред да бидат изнесени пред истражен судија или обвинител. Исто така, на полицијата за време на протести ќе и се овозможи употреба на „лесно огнено оружје“. А забраната за покривање на лицето на демонстрантите би можело да им донесе и повеќегодишна затворска казна.

Давутоглу вели дека сето тоа е неопходно за да се сочува „здравјето на граѓаните“. Тој тврди дека на тој начин ќе се спречи и уништување на имотот, што се случуваше при минатогодишните курдски немири. Истовремено, треба да биде воведен и нов механизам на казнување за полициска бруталност.

Türkei Streit in Parlament in Ankara Plenarsaal
Тепачка во турскиот парламентФотографија: picture-alliance/dpa

Предупредувања и од бившиот претседател

Парламентарните опозициски партии стравуваат дека со усвојувањето на тој пакет владата ќе и овозможи на полицијата да употребува сила против своите неистомисленици и критичари. Тие бараат повлекување на законот. Дури и поранешниот претседател Абдула Ѓул, коосновач на владејачката АКП, предупредува на опасноста од усвојување на тие закони и бара тие да се подобрат. Во парламентот, АКП има мнозинство од 312 од вкупно 550 пратеници. И покрај тоа, опозицијата со сите средства се обидува да ја одложи расправата за предложениот пакет закони. Досега се усвоени околу 20 од вкупно предложените 130 закони. Сепак, гласовите на опозицијата нема да бидат доволни за да се спречи усвојување на комплетниот пакет.

Исчезнување на правната држава

Генералниот секретар на Турската фондација за човекови права, Метин Бакалчи смета дека спроведувањето на владините планови претставува „црна иднина“ за Турција. „Во случајов се работи за укинување на правната држава и поделбата на власта“, вели Бакалчи за ДВ. „Тоа би било првпат во историјата овластувањата на правосудството да се префрлаат на полицијата“.

Владата тврди дека се е во усогласено со стандардите на ЕУ, што за Бакалчи е апсурд. ЕУ, Советот на Европа како и меѓународните организации како Хјуман Рајтс Воч и Амнести Интернешнл ги критикуваа плановите на владата. Адвокатската комора на Турција исто така наведува дека „земјата е пред воведување на страховлада“.

Türkei Ministerpräsident Ahmet Davutoglu
Ахмет ДавутоглуФотографија: picture-alliance/dpa

Последици од изборите

Владата во Анкара досега не беше подготвена на промени. Според Адил Гур, истражувач на јавното мислење, Давутоглу и АКП, не смееле да се дозволат така непопустлив став на неколку месеци пред изборите закажани за 7. јуни. „Секако дека пакетот мерки ќе биде остро критикуван“, вели Гур за ДВ, „но граѓаните повторно ќе гласаат за АКП“.
Оттука, протестите против мерките не претставуваат преголем ризик за владејачката партија. „Гласачите пред сѐ ја гледаат економската страна и се прашуваат: дали сум задоволен со својот живот“, вели Гур. Одлуката за тоа кому да се даде гласот на изборите е поврзана и со преговорите со Курдите, но не и со содржината на новите кривични закони, заклучува Гур.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема