1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција во дилема: борба против ИД или Асад?

Баха Гунгор / Превод: Симе Недевски2 октомври 2014

Турција мора воено да се вклучи во борбата против ИД во Сирија и во Ирак, заедно со Курдите. Таа сега го плаќа цехот за надворешнополитичкиот цик-цак курс од изминатите години, смета коментаторот на ДВ, Баха Гунгор.

https://p.dw.com/p/1DOKI
Фотографија: picture-alliance/AA/I. Erikan

Лошите вести од воената зона на сириската страна од заедничката граница за Турција стануваат сѐ подраматични. Офанзивата на терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД) против сириско-курдскиот град Кобане, во близина на Турција, досега сѐ уште не може да се запре. Од други сириски региони, како и од северниот дел на Ирак, не престануваат лошите вести за натамошни успеси на ИД.

Денеска (2.10.) турскиот Парламент ќе одлучи дали да дозволи прекугранични операции на турската војска во Сирија, како и на ирачка територија. Згора на тоа, веројатно, исто така ќе одлучува и за користењето на турската територија од страна на странски вооружени сили во борбата против ИД.

Борба против ИД со или без Асад?

Но навлегување на сириска територија без официјално „да“ од Дамаск може да се покаже како многу скап потег за Турција и за нејзините сојузници предводени од САД.

Имено, и покрај тоа што режимот на Асад, исто така трепери пред ИД и би морал да биде задоволен со секаква поддршка во борбата против терористичките милиции, особено со оглед на тоа што новиот заеднички непријател навистина навестува омекнување на тврдиот курс на Западот во однос на Асад, сепак досега не постои одобрување на режимот во Дамаск за воените операции на сириска територија.

07.08.2014 DW Quadriga Studiogast Baha Güngör
Баха Гунгор, автор на коментарот

Турците, Американците и нивните сојузници во никој случај не би требало, едноставно да навлезат во Сирија и да се борат против ИД. Ова од страна на Дамаск би можело да биде оценето како „објава на војна“ со несигурни последици. Од друга страна, натамошните дејствија како на Турција, така и на САД, не смеат да зависат од согласноста на Асад . Излезот од оваа непријатна ситуација може да биде само со мандат на ОН на што е можно поширока основа - со согласност на Русија и на Кина, како постојани членки на Советот за безбедност.

Некритичката пристрасност беше грешка

За дилемата во која се наоѓа сега Турција во најголем дел е самата одговорна. Таа вложи сѐ на брз пад на Асад. Со нејзината премногу безгрижна поддршка на која било опозиција на деспотот, таа исто така ги зајакна бруталните исламистички фундаменталисти. Сомневањата дека поголеми групи на ИД веќе одамна би можеле да се вгнездени и во Турција и да имаат основано повеќе терористички ќелии, го шокираа општеството и предизвикаа големи стравувувања.

Ако е вистина дека терористи на ИД ги опколиле 36-те припадници на турската почесна гарда на гробот на дедото на првиот отомански султан, Турција тоа никогаш нема да го прифати без контрареакција. Гробницата е екстериторијална област на Турција во рамките на Сирија.

Турците и Курдите мора да дејствуваат заедно

Под впечатокот на оваа вест во турскиот парламент денеска се очекуваат жестоки дебати. Но постои ли подобра алтернатива освен да се даде согласност за предлогот на владата ? И така пред сѐ членовите на верско-конзервативната владејачка партија АКП ќе прифатат активно мешање на турската армија во војната на надворешната граница на НАТО кон Блискиот Исток.

Со оглед на тековните проблеми и потреби на Турција се заканува запоставување на мировниот процес со Курдите, а ова е уште една негативна последица од досегашната нерешителност во политиката на Анкара кон Блискиот Исток. Евентуални нови тензии меѓу Курдите и Турците во источна и во југоисточна Анадолија, многу би ја можеле да ја отежнат заедничката борба против „Исламската држава“.