1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туризмот - условен од мирот и стабилноста во Македонија

Милчо Јованоски25 мај 2015

Случувањата во Куманово негативно се одразија врз туризмот. Странските тур - оператори беа загрижени, а имаше и индивидуални откажувања. Хотелиерите сакаат мирно лето, многу гости и сезона барем еднаква на ланската.

https://p.dw.com/p/1FW3J
Фотографија: DW

Првите денови по инцидентот во Куманово телефоните во агенциите и хотелите не престануваа да ѕвонат. Разбирливо, тур-оператрорите прашуваа што се случува во Македонија и дали е безбедно туристите да доаѓаат? Реагираа и оние кои веќе беа во земјата. Имаше и откажувања на веќе закупени аранжмани. Претежно тоа беа индивудални, но и откажувања на групи, пред се’ од соседните Србија и Бугарија, како и од Хрватска, велат претставници на неколку агенции, хотели и туристички водичи од Охрид, Струга и Скопје.

Загриженоста кај луѓето од туризмот порасна по неколкуте вознемирувачки написи на странските медиуми и посебно по препораките на министерствата за надворешни работи на соседните земји, кои на граѓаните им препорачуваа да не патуваат или да бидат претпазливи при евентуалното патување во Македонија, поради нарушената безбедносна состојба во дел од земјата. Но, препораката на Холандското МНР беше проследена со најголемо внимание, што е и разбирливо. Само преку тур-оперторите Туи и Корендон до крајот на октомври во Македонија треба да одмораат близу 30.000 Холанѓани. Нивното евентуално откажување би значело тотален крах на се’ уште не започнатата главна сезона, која хотелиерите очекуваа да биде за 10 до 15 проценти подобра од ланската, а и девизниот прилив да биде поголем.

Neues aus Mazedonien 2011
Ќе биде ли сезоната како ланската?Фотографија: Milco Jovanoski

„По првиот чартер лет на гостите од Бенелукс, деновиве пристигнаа и нови, во нив немаше откажувања. Сега ситуацијата се смири, дури имаме нови резервации, но никогаш не се знае“, вели Зоран Михајлоски, извршниот директор на хотелите „Метропол – Белви “ во Охрид. Туристичката агенција ВИС ПОЈ од Охрид ова сезона носи гости од Данска и други земји од Европа. „Засега се’ е во ред, ама нашите партнери бараат детални информации за состојбата во Македонија,“ вели Јаким Маленко. Стравувуваат и луѓето кои вложиле или зеле кредити за да направат нови хотели и апартмани. Дел од нив најавуваат дека доколку се случи нешто непосакувано и не по нивна вина и објектите им останат празни, тие ќе бараат државата да ги обесштети. Некои медиуми од Србија и Бугарија отидоа подалеку и објавуваа авто-карти за тоа како на пример туристите да го одбегнат и транзитот низ Македонија, па патот до Грција да им биде преку Бугарија. Експерите велат дека е нормално соседите кои се конкуренти и во туризмот, да сакаат да ќарат дури и од нестабилноста во Македонија.

Холанѓаните ќе доаѓаат, но интересот за аранжманите паѓа

„Се создаде паника повеќе отколку што требаше. Нормално, зборот тероризам сам по себе звучи загрижувачки. Кој е тој, кој што би сакал да оди во земја за која се пишува и гласно се зборува дека има тероризам и дури се забележани и терористички напади“, вели за ДВ Крсте Блажески, претседател на Хотелско – туристичката асоцијација на Македонија (ХОТАМ). Имаше откажувања, додава тој, но незначителни и тие нема да влијаат во разликата на ноќевањата планирани за мај. Најмногу откажувања биле забележани во Скопје и тоа од типот на семинари и спортски настани, како и во хотелите крај Охридското Езеро. Т ака е досега, но првиот човек на ХОТАМ признава дека тур-операторите од земјите на Бенелукс им јавуваат дека за 10 до 15 проценти продажбата на аранжманите за Македонија е намалена. Чартер летовите остануваат, но бројот на гостите ќе биде помал. Блажески демантира дека се откажуваат аранжманите од балканските тури, во кои претежно доминираат групите гости од Турција. И во нив откажувањата се индивидуални. „На Охридското крајбрежје, токму за време на немирите во Куманово, по неколку години пауза се вратија и гостите од Израел кои се познати по специјалните безбедносни мерки. И тие се интересираат за состојбата, но засега аранжманите остануваат“, вели Блажески.

Paragliding vom Berg Galicica
Фотографија: DW

Кампања „Безбедна Македонија“ за спас на туризмот

По првиот налет на кризата реагираше и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија, на вонредна седница расправаше за актуелните состојби во туризмот. Советот на Агенцијата побара од странските амбасади да ги укинат препораките за претпазливост при патување во Македонија, а од македонските амбасадори побара да ги информираат властите во земјите во кои се дека состојбата во Македонија е стабилна и дека инцидентот во Куманово е изолиран терористички случај. Директорот на Агенцијата Кристијан Џамбазовски по примерот на Хрватска ја најави промотивната кампања „Безбедна Македонија“ која ќе содржи пониски цени на аранжманите со цел да се зголеми конкурентноста на пазарот, а најави и организирање на промотивни тури за странски новинари кои би пишувале од терен и најреално би ја пренесле состојбата во Македонија преку нивните медиуми.

Radtour in Galicica Natiolapark - Mazedonien
Туристите се вознемирени од вестите од МакедонијаФотографија: DW