1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три пленуми ќе го тестираат образовниот систем

Катерина Блажевска27 јануари 2015

Во образованието владее „затишје пред бура“: И во академски и во средношколски кругови прогнозираат жесток втор семестар и полугодие, со многу форми на „директна демократија“ против лошите образовни реформи.

https://p.dw.com/p/1EQv7
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Врие во сите степени на образованието. Во Професорскиот и во Студентскиот пленум се договараат активности против измените во високото образование, заменски професори ги менуваат штрајкувачите во основните и средните училишта, а екстерното тестирање за матурантите не се спроведе секаде поради штрајкот на СОНК. Додека од Синдикатот најавуваат дека штрајкот ќе продолжи се до исполнување на барањата, „работата“ во свои раце ја земаа и средношколците - најавија формирање на Средношколски пленум. Членовите на Иницијативата во обраќањето до јавноста соопштија дека цврсто стојат зад барањата за квалитетно образование, но пред се, за обезбедување на услови за работа кои се основа за посакуваниот квалитет.

„Условите и квалитетот во образованието Иницијативата ги смета за приоритет преку кои би се дошло до подобро образование, со што средношколецот би се издигнал од 'нема' фигура во општеството. Застануваме зад ставот дека екстерното тестирање за учениците е само дополнителен притисок врз нив, преку кое се изразува исклучиво необјективното оценување. Немањето услови, е дополнителна пречка за очекуваното „европско” образование кон кое се стреми државата. Казните за професорите и наставниците, дополнително влијаат врз притисокот кој се врши над средношколците. Зарем може работата на ученикот во текот на целата учебна година да се оцени со тест од 30 прашања по предметот за кој дознаваме 3 дена претходно? Оттаму, и нашето длабоко убедување дека последиците од лошите реформи во речиси сите степени на образование, а особено во средното образование, се доволен показател дека реформите негативно влијаат врз образованието во целина, како и врз положбата на средношколците“, се вели во обраќањето.

Притоа ги повикаа сите средношколци, средношколски организации и граѓани заедно да учествуваат во активностите на Пленумот.

„Да кажеме НЕ на реформите кои од нас направија експериментални глувци. Да се изјасниме гласно, затоа што тишината не е решение“, апелираа членовите на Иницијативата за основање Средношколски пленум.

Активности по испитната сесија

По Студентскиот и Професорскиот, ова е трет пленум кој ќе бара темелни, а не ад-хок решенија за постигнување квалитет во образованието. Во Студентскиот пленум велат дека го прочитале обраќањето на средношколците.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
Студентските протести во Скопје на 10 декември 2014 годинаФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

„Средношколскиот пленум е самостојна иницијатива, чии иницијатори не ги познаваме и досега не сме стапиле во контакт со нив. Целите на Средношколскиот Пленум не се комплементарни со целите на Студентскиот Пленум, но потполно го разбираме револтот од лошите и непродуктивните образовни политики кои систематично го девалвираат образовниот процес“, вели Андреј Стојковиќ од Студентскиот пленум.

Но, според извори упатени во Иницијативата за формирање Средношколски пленум, не значи дека активностите на третиот пленум ќе се концентрираат само на екстерното тестирање.

„Екстерното тестирање е актуелна форма на контрола на знаењето на средношколците. Но со оглед дека токму врз овие средношколци како идни студенти ќе биде 'тестиран' контраверзниот државен испит, не е исклучено дека тие ќе ги прошират своите активности чекор по чекор“, велат овие извори.

Чекор по чекор и во Студентскиот пленум ги договараат следните активности. Со оглед дека во тек се испитните сесии, формите преку кои ќе го изразат незадоволството од законските измени во високото образование, се очекуваат по завршувањето на испитите. Во меѓувреме, Студентскиот пленум им даде отворена поддршка на просветните работници.
„Студентскиот пленум најдобро го познава игнорантскиот однос на власта за образовните политики, кои се темелат на наметнати недоволно анализирани решенија, од кои се исклучени сите засегнати страни. Студентскиот пленум ја поддржува битката на просветните работници за остварување на нивните права и битката за квалитативно подобрен образовен систем, наместо куп администрација и квантитативно лоши решенија! Ги охрабруваме просветните работници да ја продолжат својата битка, во интерес на своите ученици, со барања за подобро образование и барање за анализа на досегашните постигнувања на екстерното тестирање, освен намалувањето на просекот на учениците и казнувањето на наставниот кадар. Да не заборавиме дека образованието е на сите нас, па од тука и оваа битка е на сите нас. Веруваме дека заедно и ќе ја истераме битката до крај и конечно образованието ќе биде вратено во вистинските раце!“, порача Студентскиот пленум.

Директна демократија

Студентите не ги откриваат формите на идно дејствување, бидејќи во тек се консултации. Во оптек се повеќе идеи, меѓу кои и предлогот за создавање слободна универзитетска зона, во која ќе се реализират перформанси и часови на професори, студенти и интелектуалци. Дали тоа ќе ја блокира „редовната“ настава, велат, треба да размислат оние кои со блокирање на претставничката демократија, ги принудиле студентите да размислуваат за форми на директна демократија.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

И Професорскиот пленум со денови е во континуирано заседание.

„Она што со сигурност го знаеме уште од почетокот на нашето здружување е дека професорите ќе стојат зад своите студенти и ќе обезбедат севкупна поддршка на одлуката на Студентскиот пленум, вели Жанета Трајкоска од Професорскиот пленум.

Се дискутираат можните опции на граѓанска непослушност, начините на спроведување, следните институционални чекори. Дел од професорите се во комуникација со нивни партери и колеги од странство, дел работат на анализи за причините и влијанијата на новите и сите претходни измени во високото и во другите сегменти на образовниот систем, се подготвуваат за иницијатива пред Уставниот суд...

„Помина еден месец откако во аулата на Филозфскиот/Филолошкиот факултет се основаше Професорскиот пленум. За некого тоа е краток период, но за нас кои живееме овие недели со и во Пленумот, ова е период кој незначителен во времетраење е исклучително важен по други параметри. Имаме над 500 професори кои со име и презиме застанаа јавно спроти поразителните политики во образованието и не планираат да запрат без оглед колку ќе трае оваа битка. Како поминува времето се повеќе сме свесни дека не можеме да дозволиме да се спроведува уништувачки закон кој длабоко задира не само во автономијата на универзитетите, туку и во она што е основа на секоја држава: јазикот, културното наследството и колективната меморија“, вели Трајкоска.

Нема дилема дека овие процеси носат и дополнителни придобивки за граѓанското општество.

„За мене, дополнителна корист од овие процеси е освестувањето на многу сегменти во државата кои посегнуваат по своето граѓанско право да бидат дел од создавањето и управувањето со јавните политики во Македонија. Овие процеси треба да не радуваат, бидејќи само така Македонија има шанса да стане вистинско демократско и плурално општество во кое сите сме еднакви луѓе, граѓани на оваа држава. Она што со децении го посакувавме да ни се случи - граѓани од сите етникуми и различни култури да се обединат околу една идеја сега го гледаме како се развива и живее низ активностите на Студентскиот пленум. И, тоа е бесценето. Вака гледано, можеби и можеме да бидеме делумно задоволни што лошите законски решенија беа тригер да се случи граѓанско обединување - нешто за што политичките партии може само да сонуваат, ако и воопшто тоа го посакуваат“, децидна е Трајкоска.

Според сите индикатори, сегашната состојба е „затишје пред бура“. И во академски и во средношколски кругови прогнозираат жесток втор семестар и полугодие. Три пленуми темелно се подготвуваат да го „тестираат“ образовниот систем.