1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови стратегии против дрогата

Јан Д. Валтер/ Симе Недевски21 ноември 2014

Во борбата против консумацијата на дрога и криминалот поврзан со неа, апсолутната забрана повеќе не е единствен политички концепт. Организацијата на американски држави расправа за можна легализација на марихуаната.

https://p.dw.com/p/1DqET
Фотографија: Frederic J. Brown/AFP/Getty Images

Пронаоѓање на алтернативи за затворските казни за прекршоците поврзани со консумацијата и трговијата со дрога како и легализација на марихуаната за медицински цели- ова се двете главни теми на состанокот на Интерамериканската комисија за контрола на злоупотребата на дроги. На состанокот (19.11- 21.11) на оваа комисија на Организацијата на американски држави (ОАС), во Гватемала сити, треба да биде разработен акциски план за периодот од 2016. до 2020. година.

„Сѐ повеќе политичари, пред сѐ во западна Европа, ама и во Латинска Америка во меѓувреме го застапуваат ставот за избегнување на стратегијата на прохибиција“, вели Тед Гален Карпентер, експерт за прашања поврзани со дрогата на либералниот институт Кејто во вашингтон. И тој е застапник на мислењето дека строгата забрана на дрогата која ја спроведува американската влада е погрешна стратегија. .

Atomgespräche in Genf
Познат приврзеник на нова политика против дрогата: Кофи АнанФотографија: picture-alliance/dpa

Познати личности за нова политика против дрогата

Кон ова ново, растечко лоби припаѓа и неофицијалната Глобална комисија за политиката за борба против дрогата, чии членови, меѓу другите се и поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, нобеловиот лауреат за литература, перуанскиот писател, Марио Варгас Љоса како и специјалниот пратеник на ОН за бегалски прашања, Торвалд Столтенберг. Во текстот со наслов: Да се преземе контролата: Патишта на една делотворна политика во борбата против дрогата, објавен годинава, тие побараа нови насоки во меѓународната политика за ова прашање.

Претседателот на оваа Комисија, поранешниот бразилски претседател Фернандо Енрике Кардозо изјави дека досегашните настојувања на политиката биле неуспешни и истакна дека „Наместо тие стари стратегии, ние предлагаме нов пристап кој би ги поставил во фокусот, здравјето, безбедноста како и човековите права и развојот„.

Хардлајнерите предупредуваат од опасностите на легализацијата

Борбата против дрогата не е новина. Уште во 1971. година американскиот претседател Ричард Никсон покрена вистинска „војна против дрогата“. Оттогаш во оваа „војна“ се потрошени речиси билион долари, но картелите, пред се‘ мексиканските, денес се помоќни од кога било порано.

Niederlande Amsterdamm Coffeeshop Kandinsky
Холандија веќе со децении практикува полиберална политика кон дрогатаФотографија: dapd

Противниците на легализацијата укажуваат на опасностите поврзани со зависноста и консумацијата на овие супстанции и нивните последици за општеството воопшто. Еден од тие противници е на пример Џон П. Волтерс, кој во периодот меѓу 2001. и 2009. година беше водечки експерт за прашањата на трговијата и консумацијата на друга во Белата Куќа. Тој ја доведува во прашање веродостојноста на поединечни членови во споменатата комисија за легализација на дрогата: „Сите многу добро знаеме колкави се трошоците и какви се кобните последици на зависноста од дрогата и нејзината злоупотреба. Сакаме ли навистина такво општество во кое зависноста од дроги ќе ја загрози слободата?“, вели тој.

Но, дека бројот на зависници од дрога се зголемува поради нејзината легализација, како што наведува Волтерс, досега никогаш не се потврдило. Во Холандија на пример, каде употребата и трговијата со марихуана и хашиш се легализирани уште од крајот на 70-те години на минатиот век, тоа не се случи. Во Португалија, каде консумацијата на сите видови дрога од 2001. година повеќе не се казнува и каде истовремено е засилена грижата и превенцијата за ова прашање меѓу младите- бројот на малолетни зависници оттогаш се намали. Слична е состојбата и во американските сојузни држави Колорадо и Вашонгтон, кои ја легализираа употребата на марихуана во 2012. година.

Важна улога на самите консументи

Една нова политика во земјите на северна Америка и Европа во борбата против дрогата и глобалниот криминал поврзан со неа, би можела да одигра одлучувачка улога во оваа „војна“. Имено , како што нагласува Карпентер, без платежно способните консументи во овие земји, организираниот криминал пред сѐ во Латинска Америка, никогаш не би станал толку моќен каков што е сега.

USA Legalisierung von Marihuana 04.11.2014
Сѐ повеќе сојузни држави на САД ја легализираат марихуанатаФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Така бандите во САД годишно од трговијата со дрога заработуваат околу 50 милијарди евра. Толку на пример изнесува годишната заработувачка на големите концерни како Гугл. Според информациите на Драг Полиси Алајанс, организација која се бори за декриминализација на консумацијата на дрога во САД, исто толку американските власти трошат на годишно ниво во борбата за сузбивање на користењето дрога и криминалот поврзан со неа.

Со други зборови, легализацијата на марихуаната во САД во секој случај многу би ја намалила заработувачката на нарко-картелите. Иако во моментов не може да се каже колкав би бил износот на загубата, но во секој случај тој би бил доволно голем за да ги намали влијанието и моќта на овие криминални групи, истакнува Карпентер. Впрочем, тоа би можело да биде само почеток.