1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Торстен Фрај: Ми се гледа невозможно омекнувањето на грчките позиции!

Силвера Падори-Кленке24 декември 2014

Нема раздвижување во активностите за решение за името и ми се чини невозможно омекнувањето на грчките позиции, вели за ДВ германскиот политичар Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ) по одлуката на Брисел за Македонија.

https://p.dw.com/p/1E7zZ
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Дојче веле: Господине Фрај, како ја коментирате новата, шеста грчка блокада на Македонија во Европскиот совет и до кога една ваква ситуација е одржлива?

Торстен Фрај: Јас секогаш подвлекувам дека решението на спорот за името е најважна развојна цел на Макеоднија. Затоа и за оправдана ја гледам загриженоста на земјата дека грчката блокада носи стагнација и е закана во развојот. Конечно, нема речиси никакви движења во активностите за решението на спорот. Ми се чини за невозможно омекнувањето на грчките позиции врз основа на билатералните разговори, зашто Грција како членка на ЕУ, се наоѓа во позиција на релативна сила. Решение нема подолго од 19 години. Значи, подразбирливо е што Македонците стануват нетрпеливи и загрижени дека проблемот нема никогаш да се реши.

Ќе се ангажира ли Германија ова да се реши и конечно, нема ли да помогне промената на форматот на преговорите? На пример да се формира група од силни европски земји како Германија, Австрија или Велика Британија, кои би се ангажирале за решение на спорот?

Германија со нејзината големина и значање во ЕУ има можност, но и обврска споровите да ги решава, да ги модерира, со што би дошло до резултат. Ова е дотолку потребно, зашто ако се погледаат грчките активности, останува впечатокот дека земјата како да посакува да остане надвор од проблемот. Но, секако ќе биде тешко да се одбере постапка, формат на преговори кои би биле водени од една членка. Во тој случај постои опасност целиот процес да изгуби во сила и легитимност. Затоа претпочитам посредништво, модерирано од Европскиот совет, во кој на пример една држава би била носител на иницијативата. Инаку, јас се согласувам со делот на извештајот на Комисијата во кој се вели дека е возможно да се обезбеди динамика за решавање на проблемот со името и тоа пред отворање на преговорите. Значи, постои шанса за постигнување взаемно прифатливо решение околу името и во периодот кога ќе биде „скринингот“ и кога во Европскиот совет ќе се разговара за рамката на преговорите. Но, многу работи се и во рацете на Македонија - колку со сопствениот развој самата ќе придонесе за оваа динамика. А јас, навистина гарантирам дека на овој пат, Германија секогаш ќе биде на страната на Македонија.

Како ги коментирате критиките во извештајот за напредокот на Македонија од Европската комисија?

Wahlen Mazedonien
Одговорните во политиката треба да научат дека интересите на државата се над партиските!Фотографија: AP

Мора да се подобри и засили разбирањето на владеењето на правото.Тоа доаѓа од строгата поделеност на власта во државата. Судството мора да работи независно, исто како и медиумите како четврта сила во државата ( извршна, законодавна, судска власт и медиуми, н.з.) Политиката мора посилно да научи дека треба да биде легитимирана од граѓаните и во Парламентот да води политички дијалог. Не е добро ниту за ЕУ- членството, а уште помалку за развојот на земјата кога Владата, независно кој во неа учествува, ја користи својата моќ за влијание врз изборите, врз медиумите и врз судската пракса. И спротивно, за опозицијата е важно дискурсот и политичките расправи да ги води во Парламентот. Одговорните во политиката мора да научат дека доброто, благосостојбата на земјата е над се’. Дури и тогаш кога од тоа добро за државата може да страда и сопствениот (партиски н.з.) успех!

Торстен Фрај е пратеник и известувач за Македонија во пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.