1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Толеранцијата меѓу религиите е важна за стабилноста

12 ноември 2011

Исламот е дел од европската цивилизација и грев е ако се прикажува како јатак на верскиот тероризам, вели Хаџи Јакуб Селимовски, поранешен поглавар на Исламската верска заедница во Македонија и член на Мешихатот.

https://p.dw.com/p/139ZN
Јакуб СелимовскиФотографија: DW

Во Македонија има верски слободи, луѓето си ги почитуваат адетите, се негуваат традициите на различни религии. Од овде, ние на Европа и‘ покажуваме како се негуваат и испреплетуваат различностите, вели во интервју за ДВ Хаџи Јакуб Селимовски, поранешен Улема (прв човек на ИВЗ), сега задолжен за верската наобразба на младите имами:

„Најверните муслимани во регионот, кои најверодостојно го практицираат исламот, се токму муслиманите во Македонија. Овде е срцето на исламот на Балканот. Тука се најсочуваните вредности и артефакти на муслиманството, на исламот во регионот. Ако е тоа повеќевековно искуство, ако овде се пресекуваат патиштата на светските религии и живеат луѓе со различни вери, зошто исламот не би бил европска цивилизациска вредност?“, прашува Хаџи Јакуб Селимовски, кој беше еден од острите критичари на појавата на вахабизмот во Македонија. Тој оценува дека улогата и влијанието на вахабизмот се маргинализира во ИВЗ:

„Вахабизмот, како дел од салафистичките движења, неговите припадници, одвреме-навреме се појавуваат и во Македонија. Нивната тенденција е да се конзервира, да нема промени, развој во општествените вредности, и по цена на стагнација. Вехабизмот е дел, или иницијатор на таквите учења, и мислиме дека во нашата исламска заедница тој го достигна својот врв, кулминација и сега неговото влијание е во сериозно опаѓање“.   

Хаџи Јакуб Селимовски беше дел од одбраното свештенство кое ги изработи основите на веронауката и денеска тврди дека како етички кодекс таа треба да се изучува. Тој одговара на гласините и негодувањата дека џамиите никнуваат како печурки, а со тоа се шири и радикалниот исламски фундаментализам:

„Ние не градиме џамија на некоја планинска кота, туку верски објекти во населени места, каде што верниците пет пати на ден ја користат за своите молитви. Поголемите православни храмови во државата се од османлискиот период, или се сочувани во тој период или се возобновени во најголем дел во тој период, или пак се изградени во тој период.“

Притаен верски ривалитет?

Во ИВЗ се‘ погласно негодуваат на практиката Владата само со поповите од МПЦ да ја осветува изградбата на јавни објекти што им користат на сите граѓани од различна вероисповед и се трошат нивни заеднички буџетски средства. Но, политиката треба да го штити секуларниот карактер на државата. Тоа, во последниве неколку години, е загрозено, со праксата православието да се третира како своевидна државна религија. „Со тоа се нарушува принципот на рамноправност, но и секуларниот карактер на државата. Таквиот однос може да и‘ одмогне и на самата МПЦ во борбата за својата позиција во православието“, додава Хаџи Јакуб Селимовски.

Symbolbild Religionen
Меѓуверската толеранција е еден од столбовите на соживототФотографија: Fotomontage/AP/DW

Дали и оваа реакција зборува за притаениот верски ривалитет меѓу МПЦ и ИВЗ, кој колку ќе изгради цркви или џамии?

„Исламската заедница има загубено преку 250 џамии, одземени или урнати и за бизарни потреби, како изградба на некаков мал парк. Само во Скопје се загубени 35 џамии од 1945 година до самостојноста. Денес во Македонија има над 1800 цркви и манастири на МПЦ, додека ИВЗ управува со 600 џамии“.

Политиката на фаворизација беше една од причините што и покрај најавите, претставници од ИВЗ не присуствуваа на дебатата „Меѓуверска соработка“, која се организираше по повод 20-те години од осамостојувањето на државата и на која беше заклучено дека за успех во одржувањето на стабилноста се важни и комуникацијата и толеранцијата меѓу претставниците на религиите и на верските заедници.

„Конфликтот не беше меѓуконфесионален“

Еден од влијателните старешини на ИВЗ, поранешен нејзин поглавар, беше дел авторите на декларацијата за меѓуверска толеренција, што во 2001 година беше потпишана во Швајцарија. Во тие мигови на воени судири, кога страдаа од ракетни напади или уривање цркви и џамии, верските поглавари не дозволија тие да се претворат во меѓуверски ривалитет и војна, оценува Селимовски:

„Конфликтот не беше меѓуконфесионален, но имавме сериозни искушенија како да се одредиме кон одредени настани при уривањето на џамиите. ИВЗ беше подеднакво решителна и во осудата на нападите и уривањето на лешочкиот манастир Свети Атанасиј“, потсетува Хаџи Јакуб Селимовски, еден од врвните луѓе на Мешихатот, на раководството на ИВЗ во Македонија. 

ИВЗ, во изминатите две децении самостојност се надеваше дека со денационализацијата ќе и‘ бидат вратено она што според турските тапии и‘ припаѓа на ИВЗ, но и покрај ветувањта од властите, досега одвај 5 до7 насто од имотот и‘ е вратен во владеење.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска