1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок почеток - кога доселениците водат спор со германските органи

Марина Мартиновиќ / Александар Методијев30 август 2014

Романците и Бугарите сакаат само да добијат социјална помош од Германија - овие луѓе често се соочуваат со ваква предрасуда. Но, реалноста е дека тие сакаат да работат и да се интегрираат. На патот имаат бројни пречки.

https://p.dw.com/p/1BT4s
Фотографија: DW/A. Grunau

Во северниот дел на Дортмунд се доселуваат многу луѓе од Романија и Бугарија, затоа што станарините тука се нешто пониски. Тука живее и Романката Михаела Гоган со сопругот Радулеску и ќерките Дениса и Сара Џенифер. Радулеску Гоган е самостоен собирач на старо железо. Во Германија дошле поради кризата во Европа. Но, откако се тука, многу нешта одат на полошо.

„Сите Романци кои дојдоа овде имаа проблеми со здравственото осигурување. Едноставно има многу пречки“, вели Романката Михаела Гоган.

Една од тие пречки е клиниката „Дортмунд“. Михаела Гоган била донесена тука со мртов плод - близнак во утробата. Таа итно била оперирана и другото дете преживеало. Следувале многу третмани и сметки, како и долгови од повеќе од 85.000 евра, бидејќи Гоганови не можеле да докажат дека во време на лекувањето биле здравствено осигурани.

„Потоа семејството Гоган многу интензивно се ангажира и утврди дека сепак има здравствено осигурување во Романија“, вели Рудолф Минтроп, шеф на раководството на клиниката „Дортмунд“.

Rumänische EU-Zuwanderer nach Dortmund
Лекарите го спасија животот на едното дете и на бремената мајкаФотографија: DW/A. Grunau

И покрај тоа, во прво време долговите му останаа на семејството. А, следуваше и дополнителна, непредвидена пречка за семејството со скромен буџет - детски додаток доби дури по повеќе од годинаипол.

„Тоа нема никаква врска со дискриминација, туку едноставно станува збор за тоа колку е комплициран конкретниот случај, какви се семејните околности, кои документи ги бараме“, објаснува Сабине Ханцен-Папрота, портпарол во Агенцијата за вработување во Дортмунд.

Михаела и нејзиното семејство во секој случај се чувствуваат дискриминирани. Премногу хартии, премногу служби и - предрасуди.

„Нашите пријатели, кои се од Турција, од Италија, на пример, ни оддалеку немале вакви тешкотии какви што имавме ние. Имам впечаток дека германската држава не сака тука да има Романци“, вели доселеничката Михаела Гоган.

Birgit Zoerner Sozialdezernentin der Stadt Dortmund
Бригит ЦернерФотографија: Stadt Dortmund

Болничките долгови што настанаа со раѓањето на Сара Џенифер им предизвикуваа големи грижи на Гоганови. Во меѓувреме, девојчето има две и пол години. А случајот беше решен токму за време на истражувањата на Дојче веле.

„Разврската на случајот ни успеа преку бирото во странство на здравственото осигурување ’АОК Јуроп‘. Но, тоа траеше две години“, објаснува шефот на клиниката „Дортмунд“.

Тоа беа две години на надевања и стравувања во еден град, кој - како што им се чини - воопшто не ги сака. Освен тоа, овие луѓе доаѓаат во Дортмунд во опкружување кое и самото се бори со висока невработеност од 13 проценти. Сиромаштијата тука е видлива на улиците.

На Дортмунд му е потребна помош од Берлин, нагласува одговорната за социјални прашања во градот. Таа признава дека не биле подготвени за таканаречените „бегалци поради сиромаштија“ и реагирале доцна.

„Сметам дека беше потребно време додека сите градови низ Европа да констатираат дека ова е нов феномен, со кој мораме да се справиме. Велиме дека е ново, бидејќи ваков вид на миграција поради сиромаштија во рамките на ЕУ претходно воопшто немаше. Ново е и затоа што погодува вистински голема група луѓе“, вели Бригит Цернер, шеф на одделот за социјални прашања во Дортмунд.

Згрижување најчесто нудат хуманитарни здруженија, како што се „Диакони“ или „Каритас“. Гоганови не знаеја за ваквите понуди. Семејството од Романија во никој случај не сака да се откаже.

Семејството Гоган загуби многу време со постојаната грижа за заканувачките долгови и борбата со органите на власта. Дури сега тие можат целосно да и’ се посветат на работата и учењето германски јазик.