1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тегобните „градилишта“ на БНД

Марсел Фирстенау/превод: С.Недевски6 март 2015

Проблеми со имиџот, германската тајна служба БНД има веќе подолго време- поради својата улога во аферата НСА. На тоа се надоврзуваат нови штети, кои нудат повод за потсмевнување, но и загриженост, смета Марсел Фирстенау

https://p.dw.com/p/1EmWM
Фотографија: Tobias Schaertl/dapd

Германската разузнувачка служба заслужи критики. „Вотергејт во новото седиште на БНД“, е насловот во берлинскиот весник „Тагесшпигел“. Оваа играна зборови има заднина која во прв момент може да насмее: гигантското градилиште за идното седиште на БНД во центарот на германската престолнина, се најде под вода. Како што се дознава, од повеќе катови се украдени славини. Тоа и некако може да се поднесе, со оглед дека арматурите не биле златни. Штетата сепак се проценува во милиони. Водата која слободно протекла го пронашла својот пат до таванот, електричните инсталации и безбедносната техника. На тоа се надоврзува и новиот удар за имиџот на службата.

Веќе екстремно високите трошоци за изградба на седиштето кое се протега на 100.000 квадратни метри, ќе достигнат уште поголеми димензии. Најпрво се зборуваше дека трошоците за изградба ќе чинат околу 730 милиони евра, а сега веќе се говори за повеќе од една милијарда евра. Значи, водата се прелила и пред да бидат украдени славините. Но БНД не се соочува само со финансиски проблеми. Лаиците и стручњаците со право се прашуваат, како е можно да се случи такво нешто на наводно најдоброто чувано градилиште во земјата.

Речиси безвреден плен

Пред 4 години исчезнаа безбедносните планови за градба. Одговорните не се никогаш откриени и така би можело да биде и овој пат. Човек не мора да биде теоретичар на заговор, ако вината или вините ги бара во кругот на оние на кои им бил дозволен пристап. И покрај стотина камери и службеници кои патролирале, незабележливо исчезна санитарна опрема која за малку пари може да се купи во секоја специјализирана продавница зад аголот? На црниот пазар овој комичен плен не вреди ништо и секако не е вреден за целиот ризик. Одговорните за тоа мораат да одговорат на критички прашања: што берлинскиот „Вотергејт“ кажува за целокупната сотојба во службата? Во описот на службата спаѓа и грижата за безбедноста на Сојузна Република Германија и нејзините граѓани, без разлика дали станува збор за апстрактни или конкретни закани. Но, колку доверба може да се има во онаа тајна служба и нејзината ефикасност, која ни во својата куќа не е во состојба да се погрижи за безбедност. Таму каде што се гледа дека нема славини, можеби постојат невидливи работи. Кој може да ја исклучи можноста дека на целиот терен веќе одамна нема и бубачки? Оние за прислушкување.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW/S. Eichberg

НСА и ГЦХК веќе подолго време се лути на БНД

Срамот на БНД, во седиштата на партнерските американски и британски служби веројатно предизвикал мешавина на злобна радост и загриженост. НСА (ен-ес-еј) и ГЦХК (џи-си-ејџ-кју) веќе подолго време се иритирани од однесувањето на Германците. Од пред една година, БНД е во центарот на вниманието на една парламентарна истражна комисија на германскиот Бундестаг. Притоа станува збор за за прашањето дали германската тајна служба ги прекршила важечките закони кога собирала информации и ги проследувала на западните партнери.

Љубопитноста на ова независно тело им е сомнителна на англо-саксонските служби . Иако БНД и германската сојузна влада постојано на истражната комисија и ускратуваат важни инфорнмации, таа сепак внесува по малку светлост во темниот тунел. НСА и ГЦХК во својата логика на работење како тајна служби, во БНД се’ повеќе го гледаат безбедносен ризик. Тоа што германските колеги своето недовршено високообезбедено седиште во центарот на владината населба не се во состојба да го заштитат од крадци, би можело дополнително да ја зголеми скепсата кај критичарите на БНД.