1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тврдокорните во Кремљ владеат со Русија на Путин

Михаил Бушуев / Александар Методијев22 септември 2014

Од неговото доаѓање на власт пред 14 години, рускиот претседател Владимир Путин е опкружен со блиски пријатели. Тврдокорните во неговиот внатрешен круг низ годините добиваат се’ повеќе моќ.

https://p.dw.com/p/1DFIu
Меѓу Владимир Путин и Игор Сечин постои огромна довербаФотографија: picture-alliance/AP Images

Непопусливите лица во Кремљ се малку познати во западниот свет. Тие се кријат од вниманието на јавноста и не сакаат да даваат интервјуа. Зад кулисите, овие политички „јастреби“ преку претседателот Путин го насочуваат контроверзниот курс на Русија во однос на ЕУ и САД.

Тие се дел од она што Евгениј Минченко го нарекува „Политбиро 2.0“, израз кој се однесува na моќниот комитет на функционери од Комунистичката партија во Советскиот сојуз. Минченко, кој е познат руски политички консултант, вели дека „јастребите“ околу Путин станаа повлијателни од кога било претходно.

Според Иан Бремер, директор на „Еуроазија груп“, ова е само последица за конфронтацијата со Западот во однос на Украина. Кремљ го врами конфликтот во „екстремно националистичка, реваншистичка смисла“.

„За Путин тој е повеќе за геополитика, отколку што е за економија“, вели Бремер за Дојче веле. „Доколку ’гулабите’ во руската елита се наоѓаат во економскиот блок за креирање политики, тогаш нивното влијание врз оваа политика е екстремно слабо“.

Влијанието на „силовики“

Според Минченко, посебно тројца советници профитираа од курсот на тврда линија на Кремљ: Сергеј Иванов, Сергеј Шојгу и Игор Сечин. Сите тројца припаѓаат на „силовики“, термин кој се однесува на неуниформираните безбедносни служби, како што се, на пример, разузнавачките агенции.

Russischer Verteidigungsminister Sergei Shoigu
Сергеј Шојгу е министер за одбрана од 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Иванов е поранешен човек на КГБ, кој во моментов му служи на Путин како шеф на претседателската администрација. Шојгу е генерал, кој е министер за одбрана од 2012. Во однос на популарноста тој е втор по Путин. Сечин, кој е поранешен разузнавачки агент и еден од наjголемите советници од доверба на Путин, е шеф на државната нафтена компанија „Роснефт“. И самиот Путин е „силовик“, бидејќи има служено во КГБ.

Минченко објаснува дека не постои нешто како поранешен член на „силовики“ и го наведува примерот на шефот на „Роснефт“, Сечин, кој има влијание врз руската национална безбедносна политика, иако не припаѓа на некоја официјална структура на моќ.

Внатрешниот круг е стабилен

Според Бремер, иако ЕУ и САД се обидоа да го поделат Кремљ преку целни санкции, оваа политика всушност ги собра „јастребите“ околу Путин.

„Најголем дел од овие фигури беа меѓу првите цели на САД и ЕУ за кои беше наметнато замрзнување на имотот и забрани за патување, но како што гледаме овие мерки имаа мал ефект“, вели Бремер. „Ова можеби доведе до тоа да се засили зависноста од Путин на овие елити“.

Многу од компаниите блиски до Путин беа исто така погодени од санкциите од Западот. Но, како што оценува Минченко, ова само го зголеми влијанието на лојалните на Путин меѓу руските олигарси. Тие го направиле сопственото богатство главно од големи договори со државата.

„Поради слабата економска ситуација, најважните фигури во Политбирото добија големи компензациски пакети“, рече Минченко. „Пред се’, тоа се браќата Ковалчук и Генадиј Тимшенко“.

Gennadi Timtschenko
Генадиј Тимшенко е нафтен олигархФотографија: imago/ITAR-TASS

Јуриј Ковалчук е најголемиот акционер во банката „Росија“. Неговиот брат Михаил е на чело на „Курчатов институт“, кој спроведува истражувања во областа на нуклеарната енергија. Тимченко, пак, е нафтен олигарх со бројни акции во компанијата за природен гас „Новатек“.

Русија на Путин

Иако овие тврдокорни лица добија на сила и влијание, нивното значење не треба да се преувеличува, нагласува Минченко. Тој смета дека доколку тие се навистина до толку многу влијателни, тогаш „руските трупи ќе беа веќе во Киев“. „Тоа би било победа за ’јастребите’“.

Во тој контекст внимателен е и Бремер. Тој верува дека конзервативците го дефинираат развојот на настаните во Русија во моментов. Но, на крајот последниот збор за курсот на Москва го има претседателот Путин.