1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвори на ЦИА во Романија

Кено Ферзек/З. Јордановски27 април 2015

Со години официјални лица од Романија негираа дека во земјата имало тајни затвори на ЦИА. Таа тема не играше никаква улога ни во јавноста на таа земја. Сега одненадеж ситуацијата се менува.

https://p.dw.com/p/1FFIx
Фотографија: AP

Долго време се молчеше, а сега едно интервју на поранешниот претседател Јон Илиеску се најде на насловните страници во Романија. Во разговор со авторот на текстов Илиеску индиректно признава дека постоел затвор на ЦИА во неговата земја, зборувајќи за „пункт“. Некаде околу Нова година 2003, вели Илиеску, „нашите американски сојузници замолија за некој пункт“ и како шеф на државата тој принципиелно прифатил. Каде се наоѓал, тој не знае, оти за деталите се грижел Јоан Талпеш, тогашен раководител на претседателскиот кабинет и на президијалниот оддел за национална безбедност. Досега Илиеску постојано демантираше дека знаел нешто за затворите на ЦИА.

Тој и во интервјуто тврди дека ништо не знаел за активностите во тој „пункт“: „Тоа беше само гест на излегување во пресрет пред нашиот прием во НАТО. (...) Ние не се мешавме во тоа што правеле САД во пунктот“. Да го знаел тогаш она, што подоцна станало познато, „ се разбира“ дека немало да прифати, вели Илиеску: „Од овој случај научивме во иднина кај такви барања да бидеме попретпазливи и посовесно да одмериме“.

Урната куќа на тајно место

Јоан Талпеш му ги потврди на авторот на текстов наводите на Илиеску и дури изнесе детали: претставник на ЦИА во Романија му побарал околу Нова година 2003. објект, кој и’ бил потребен на ЦИА за сопствени активности, а Илиеску му дал „одврзани раце“ да го регулира американското барање. Тогаш тој и’ ставил на располагање на ЦИА зграда во Букурешт. Таа била користена од 2003. до 2006. година, а сега веќе не постои. Талпеш не сака да обелодени каде се наоѓала зградата.

Искажувањата на Илиеску и Талпеш предизвикаа не само внимание, туку и побуна кај многумина политичари во Романија, оти прашањето за можните затвори на ЦИА во Романијапред повеќе години беше предмет и на подолга истрага на парламентарна анкетна комисија. Таа во 2008. година дојде до заклучок дека нема докази ни за транспорти на затвореници преку Романија, ниту за затвори на ЦИА. И покрај поодробностите што сега ги обелоденија Илиеску и Талпеш, тогашната раководителка на анкетната комисија Норика Николај, денес европратеничка и потпретседател на либералната фракција, останува на тогашните ставови: „Пункт не значи автоматски и дека бил затвор“, вели таа за ДВ. „Мислам дека ЦИА имаше биро во рамките на соработката со Романија како што е насекаде вообичаено меѓу тајните служби“.

Мариа Николета Андрееску, претседател на романската организација за човекови права АПАДОР-ЦХ, ја оценува работата на анкетната комисија како „неефикасна“. Не била испрашувано одговорните како Илиеску и Талпеш, не биле доволно проверени информациите за транспорти на затвореници на ЦИА преку Романија, иако во други меѓународни извештаи, како на поранешниот специјален иследник на Советот на Европа Дик Марти од 2006/2007 година, беа приложени доволно индиции.

Ion Illiescu
Поранешниот претседател Јон Илиеску дал дозвола за затворот на ЦИАФотографија: AP

„Вршење тортура е непростливо“

АПАДОР-ЦХ во Романија, покрај другите, го застапува и затвореникот на ЦИА Абд ал-Рахим ал-Нашири, планер на нападот врз американскиот воен брод УСС Кол во октомври 2000. година во Јемен, кој од 2003. до 2006. година бил затворен и подложен на тортувра во Романија. Ал-Нашири во мај 2012. поднесол тужба против романската држава, а во врска со тужбата уште нема никакво решение. Во јануари годинава АПАДОР-ЦХ уште еднаш се обрати до државното обвинителство со барање информации во однос на состојбата со истрагата во тој случај, но безуспешно. Портпаролка на обвинителството изјави за ДВ дека истрагата уште не е завршена и поради тоа не смее ништо да соопшти.

Ѓеорѓијана Јоргулеску, адвокат и извршен директор на организацијата за човекови права ЦРЈ, која исто така се занимаваше со темата тајни затвори на ЦИА, смета дека сегашните искази на Илиеску и Талпеш имаат „сериозна тежина“: „Екстремно загрижувачки е кога шеф на држава и’ става на странска тајна служба на располагање пункт, без да се интересира што се случува таму.Државното обвинителство би морало по сегашните изјави на Илиеску и Талпеш да отвори истражна постапка за прашањето дали на на територијата на Романија се случувала тортура, оти Романија е потписник на конвенцијата против тортура. Во цивилизираниот свет нема место за тортура, без оглед дали станува збор за терористи или не, ова е непростливо“.

Поради тортура врз двајца затвореници, кои сега се наоѓаат во Гвантанамо, Полска во февруари годинава беше осудена од Европскиот суд за човекови права и мора ним да им плати парична казна. Во Литванија, каде исто така имало затвор на ЦИА, на почетокот на април државното обвинителство поведе нова истрага.

Поради затворањето на германскиот државјанин Калед ел Масри, кој беше преземен од ЦИА и изложен на тортура во Авганистан, и Македонија беше осудена да му плати обесштетување.