1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајмерот одбројува, јавноста ја чека „бомбата“

Катерина Блажевска 9 февруари 2015

Терминот за активирањето на „бомбата“ се уште е непознат, јавноста е во исчекување, масовно се мобилизираат групи „за одбрана на државата од предавниците“, а во полициската мрежа паднаа уште двајца осомничени за пуч.

https://p.dw.com/p/1EY85

МВР синоќа (8.02) уапси уште двајца осомничени за случајот „Пуч“, токму во предвечерјето на денот Д - понеделник (9.02), кога тајмерот почнува ги одбројува последните часови пред најавеното активирање на опозициската „бомба“ со компромитирачки сознанија за власта. За случајот „Пуч“ веќе кривично се гонат лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, неговата сопруга и уште едно лице од Струмица. Уапсените Ѓ.Л. (51) од Скопје и З.К. (48) од Велес, според полицијата, соработувале со четворицата претходно осомничени. Против нив се поднесени кривични пријави за делата „шпионажа“ и „насилство кон претставници на највисоките државни органи“. Двајцата биле вработени во МВР во раните деведесети години. Едниот се уште работел во МВР, а на другиот во 2013 година му бил раскинат договорот. Полицијата ги сомничи дека работеле во корист на странска служба, а од првично направените проверки, констатирала дека имотот на двајцата бил несразмерно зголемен, односно дека поседуваат стотици илјади евра во готовина, но и во акции.

Последна порака зо Заев?

Аналитичарите се воздржуваат од коментари дали синоќешните апсења се директна и последна порака до Заев, со цел да се откаже од објавувањето на доказите против власта. Сметаат дека каква било прогноза е беспредметна, откако раководството на СДСМ соопшти дека е подготвено за сите ризици и дека „се ќе биде објавено“. За таквиот чекор Заев доби едногласна поддршка од партискиот Централен одбор, на седницата одржана во петокот (6.02). За реализирање на проектот наречен „Вистината за Македонија“, лидерот на СДСМ доби зелено светло и од Централниот одбори на коалициските партнери - НСДП и ЛДП.

„Целта на овие документи не е само да се констатираат постоечките состојби и да се објави вистината, туку и да се иницира процес на враќање на слободата и демократијата и возобновување на правната држава“, соопшти партијата. Според најавите, сознанијата нема да се објават во пакет, туку дел по дел.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави ваквата одлука на СДСМ, со оценка дека „очајот, алчноста и недостатокот на капацитет на Зоран Заев“ конечно добиваат свое финале.
„Народот на Македонија знае да цени кој работи за негово добро со проекти, реформи, програма, а кој се занимава со манипулации и деструкција. Многупати и досега СДСМ држеле вакви состаноци, најавувале и фрлале бомби, ни се заканувале, не навредувале, употребувале насилство и кажувале дека сме нервозни и уплашени“, реагираа од партијата и потсетија дека лидерот на СДСМ сам признал дека соработува со странски служби.

Премиерот гаси пожари

Во пресрет на „бомбата“, премиерот Груевски се обиде да ги релативизира сите експресно донесени законски измени, кои предизвикаа огромно незадоволство кај засегнатите категории граѓани. Најпрво Владата прифати едно од барањата на СОНК и ги продолжи преговорите со овој синдикат за другите барања, што резултираше со откажување на синдикалниот протест. Потоа, премиерот повика на средба претставници на Професорскиот и Студентскиот пленум, и најави одлагање на дел од усвоените мерки, како и нов закон за високо образование. Вчера, беше направена и трета отстапка - пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави измени на веќе усвоениот закон за придонеси на хонорарите, кои би биле поповолни за хонорарците.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
Владата експресно се повлекува од законите кои предизвикаа незадоволствоФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

„Ова нема да ви помине“, одговорија експресно потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права и граѓански здруженија. Тие соопштија дека ги отфрлаат најавите за измени на законот и дека остануваат на барањата доставени на 12 декември, од кои првото е – целосно повлекување на законските измени!

„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и доцнења на приходите. Затоа остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок во 14 часот“, соопштија синдикатите.

И од Студентскиот пленум стигна студен туш.

„Одложувањето на примената на членовите од законот, беше само прв чекор кон она што го бараме, нов закон со кој системски ќе го ревидираме концептот на високо образование. Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование. Ајде да го освоиме назад универзитетот, време е да креираме автономна зона!“, соопшти Пленумот, упатувајќи повик до студентите да дојдат в среда напладне на платото на УКИМ.

Волк во јагнешка кожа

Во јавноста нема дилема дека Владата ги ревидира сите потези кои до вчера жестоко ги бранеше само заради заканата од „бомбата“. Но, проблемот е што засегнатите од лошите законски решенија не веруваат дека тоа го прави од искрени намери, туку дека „волкот само се маскира во јагнешка кожа“. Според комуникологот Петар Арсовски, премиерот сака да ги затвори сите други фронтови, за да може да се фокусира само на справувањето со „бомбата“.

„Мислам дека во моментов, по признание на Груевски, материјалите кои чекаме да бидат пуштени во оптек се вистинити, а судејќи по неговото однесување, тие се и опасни. Во таква ситуација, кога 'виси' објавувањето на документи кои би можеле да ги разместат картите на политичката сцена, Груевски е во обид да ги затвори сите други фронотови за да може да се фокусира на справување со 'бомбата', но и да не остави простор за многу незадоволство кое објавените документи би можеле да го 'запалат'. Тој работи на сите варијабли кои би можеле од бомбата да направат поголем проблем за него: се обидува да го намали опсегот на материјали и го минимизира нивното значење; се обидува на ја намали можноста истите да се објават во поширок обем; го стега обрачот околу тоа кој ќе си дозволи да ги пренесе и се обидува однапред да создаде терен во кој материјалите не би имале никаков ефект, преку купување социјален мир 'во аванс'. Сепак, со последните потези потенцијалот на 'бомбата' всушност е засилен наместо намален, и сега сме на втората точка: дали опозицијата ќе се осмели во масовна акција материјалите да ги направи достапни на јавноста. После ќе се занимаваме со тоа кој ќе ги објави, а со ефектите дури подоцна. На крај, можно е целата ситуација да заврши со предвремени избори, а мислам дека купувањето социјален мир треба делумно да се толкува и како стратегија да се оди на избори со само еден, а не сто проблеми“, прогнозира Арсовски.

Се множат „бранители на државата“

Во меѓувреме, ништо не е оставено на случајноста. Поддршка за политиките на Владата, односно „за одбрана на Македонија од предавничките марионети на странските служби и интереси“, постојано расте. Актери, пејачи, пистели, кои, како што изјавија „примаат плата од државата, работат за државата и имаат обврска да ја бранат“, се организираа во Граѓанско движење за одбрана на Македонија. Експресно се појави и „Форум на слободумни париоти“, а како печурки по дожд слични здруженија секој ден никнуваат во разни општини. На сцената доминира масовна мобилизација против сето она што ќе го соопшти лидерот на СДСМ. Аналитичарот Даут Даут, кој е член и на Комисијата за лустрација, нема прогноза дали она што ќе следи ќе биде еден вид јавна лустрација на власта.

Symbolbild Bombe
„Бомбата“ на СДСМ ќе доведе до натамошна поларизација во земјата, проценуваат аналитичаритеФотографија: Fotolia/vlorzor

„Што да се очекува, освен некое големо изненадување, веројатно проследено со прашањето дали е можно и дали е вистина, голема поделба на медиумите за и против, дебати, анализи, колумни и најглавно од се, политичко - правничко мудрување и надмудрување дали се автентични материјалите, дали се добиени од нашите служби или странски, дали имало злоупотреби на власта или обид за пуч од опозицијата и.т.н. Заев премногу долго играше на картата на најава и закана за објавување инкриминирачки материјали, што влијаеше на подобрување на одбранбениот механизам од другата страна, во вид на преземање иницијатива за водење на играта во обратна насока. Кога би имале судство како што го немаме, тогаш покрај овој процес наречен 'Пуч' кој ги доведува во спрега водачите на опозицијата со странска служба, би имале и друг паралелен процес, оној за носители на власт, за евентуално нивно учество во компромитирачки дела, па кои факти и аргументи ќе превагнат..? Лошо е што имаме две спротовставени публики кои ќе навиваат за своите 'играчи', давајќи им безрезервна поддршка без оглед на инкриминароста на материјалите“, вели Даути.

Тој очекува медиумите да се изборат својата улога да ја одиграат „онака како што очекува јавноста, не придржувајќи се на препораките на јавниот обвинител, кој минатата недела беше најконтраверзниот и најкритикуван потег“.

Обвинителството молчи

А за соопштението од Обвинителството, во кое се наведува дека е забрането да се објавуваат и емитуваат материјали кои може да станат предмет на понатамошна кривична постапка, загриженост изрази и американската амбасада во Скопје.
„Амбасадата на САД со загриженост ја проследи изјавата од 3 февруари на Канцеларијата на Јавното обвинителство дека 'објавувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво со закон'“. Како што се наведува, слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи, како што е наведено, и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности.

„Загрижени сме дека медиумите во Македонија може да ја толкуваат изјавата на Јавното обвинителство како истата да значи дека тие не треба да ја играат оваа значајна улога. Ги повикуваме властите да дадат јасно правно објаснување за изјавата од 3 февруари, поконкретно определувајќи ги околностите во кои една информација мора да се третира како службена тајна и да објаснат како новинарите ќе знаат во кои случаи ќе постојат таквите конкретни околности", се наведува во соопштението од американската Амбасада.
До денес не стигна никакво објаснување од Обвинителството до медиумите. Прашање на часови е кога „бомбата“ ќе биде објавена, јасно е дека медиумите имаат обврска да информират за тоа, без оглед на тоа што неизвесноста околу обвинителските „стандарди“ за нивната работа ќе расте, со иста брзина како и тензиите во поделеното општество.