1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сјајот и бедата на Вол Стрит во 2014

Јенс Корте/ СН25 декември 2014

Изминатата 2014. година постави нови рекорди на њујоршката берза. Ова е веќе шеста година во која вредностите само растат, иако од тоа полза имаат се’ помалку луѓе.

https://p.dw.com/p/1E9xV
Фотографија: picture alliance/Sergi Reboredo

Дони не се гледа веќе себе си на Вол Стрит. Со години работеше на најпознатата светска берза, а последниот потфат му беше промоцијата на акции на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед. Беше роден за берза и тоа буквално - уште неговиот дедо бил брокер во 40-тите години од 20. век.

Но, како и многу други вработени брокери, и Дони стана вишок. На пазарот на хартии од вредност има се’ помалку места за луѓе, а се’ поголем дел од трговијата ја преземаат компјутери. Ова лето мораше да си оди, иако индексите на берзата постојано скокаа од еден на друг рекорд.

Всушност, индексот Дау Џонс собори 35 рекорди во текот на 2014. година. На 3. јули за прв пат во историјата надмина 17.000 бодови, а пред Божиќ се движеше кон границата од 18.000.

Wall Street Dow Jones Rekordniveau
Фотографија: Getty Images

Која криза?

Во принцип изгледа дека американскиот пазар на акции поминува низ сите кризи како гуска која минува низ бура, а не се намокрува. Имаше само малку потреси есента, кога цената на нафтата за многу кусо време загуби речиси половина од вредноста. Најголемата сила на САД всушност лежи во домашната економија. Оваа земја многу помалку зависи од странство и извозот отколку на пример Германија, Русија или Кина.

„Економскиот раст овде е производ на 'домашната кујна', пред се’ врз основа на внатрешната побарувачка и потрошувачка“, ни објаснува Харм Банхолк, главен економист на американската филијала на банката УниКредит во Њујорк. Економскиот раст на САД во моментов изнесува околу 4 проценти, и потрошувачката го следи тоа, вели Банхолик. Бидејќи, со растот на вредноста на акциите, Американците имаат се’ повеќе пари на располагање. И состојбата на пазарот на труд се подобри во значителна мерка: по финансиската криза невработеноста беше над 10 насто, а сега е под 6 проценти.

Ansicht Wall Street New York
Фотографија: AFP/Getty Images

Само малкумина имаат полза

Тоа не значи дека на сите Американци им е подобро од минатата година. Во последните години има се’ помалку луѓе кои со сопствени пари учествуваат на пазарот на акции. Поради тоа само мал дел од населението има директна полза од она што се случува на Вол Стрит.

Покрај тоа, 2014. година во САД беше година на големи немири. Тоа не се однесува само на безредијата во Фергусон или Њујорк, туку на целата земја. Овие протести беа резултат на впечатокот кој го имаат многу Американци - дека се исклучени од општиот економски раст во земјата.

Пред Божиќ, жолтиот печат известуваше за „вртоглавиот слалом“ на Волстрит. Тоа навистина изгледа како најава на она што би можело да следи на глобалниот финансиски пазар во наредната 2015. година. Последните недели имаше силни осцилации на вредностите на пазарот на суровини, но и на девизи и на акции. Дејвид Велк од фирмата Бечтел, во чија надлежност е следење на пазарите во Европа и на Блискиот Исток, смета дека падот на цената на нафтата ќе му помогне на глобалниот раст на економијата. Од друга страна, Марк Винтерхоф од советничката агенција Роланд Бергер е малку повнимателен во својот оптимизам: тој верува дека полза од цената на нафтата пред се’ ќе има автомобилската индустрија.

Börsenhändler Wall Street
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Се’ е поврзано едно со друго

И тоа се добри вести, но изгледа дека е се’ потешко да се „има предвид“ целокупниот светски пазар. Брзиот раст или пад на цената на нафтата, златото, акциите или девизите речиси на непредвидлив начин се одразува и на други вредности.

Освен тоа, поголемиот број од вложувачите претпоставувуваат оти американската Централна банка веќе наредното лето ќе почне да ја зголемува основната каматна стапка, и тоа за прв пат по многу години.

И покрај големиот број теории, никој всушност не знае како тоа ќе се одрази на доларот и со тоа на долговите на земјите во развој како и на цените на суровините.

На Дони му недостасува вревата на Волстрит, но веќе успеа да најде друга работа. Ни тој не е сигурен дали овие опасни осцилации ќе продолжат и наредната година. Но сигурен е во едно: секогаш имало подеми и падови и секоја криза е почеток на нешто ново. Сепак, нешто ново, не мора да значи и нешто добро.