1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ посилен притисок врз христијаните во светот

Штефан Деге / Јули Руч / Александар Методијев18 април 2014

Иако христијанството е најголемата религија на светот, нејзините верници дури во 130 земји се под голем притисок. Не се навестува подобрување на ваквата состојба.

https://p.dw.com/p/1BT7E
Фотографија: AFP/Getty Images

Христијаните на африканскиот континент често се прогонувани и злоставувани. Така е и во муслиманската северна Нигерија. Таму реалност се нападите на црквите, училиштата, селата и семејствата. Само оваа година во тоа подрачје се забележани 400 смртни случаи, главно на христијани и муслимани. Иако е основана посебна полициска служба за борба против насилството, а ангажирани се дури и припадници на војската, сепак нападите не запираат. Напаѓачите главно се членови на радикалната исламистичка група „Боко Харам“, која поттикнува насилство меѓу христијаните и муслиманите.

Сѐ почесто нападите им се припишуваат и на припадниците на муслиманската етничка група на номадските селани Фулани. Но, дали овие напади се поврзани со религијата на жртвите? Експертите велат дека мотив за нападот е спор за територии.

На 25 февруари оваа година исламистите заземаа едно училиште во Јобе и запалија 43 млади луѓе. Претходно беа нападнати осум села и беа убиени најмалку 200 лица. Децата се присилени да учат исламска вера, а девојчињата присилно се мажат и исламизираат. Во Нигерија живеат околу 80 милиони христијани, а тоа е речиси половина од целото население. Десетици илјади луѓе веќе побегнаа на југот на земјата, каде што оваа вероисповед е мнозински застапена.

Сѐ почест прогон на христијаните

За сѐ повеќе такви напади информираа двете најголеми германски цркви пред неколку месеци во заедничкиот „Екуменски извештај за религиските слободи на христијаните во светот“.

Theodor Rathgeber
Теодор РатгеберФотографија: Theodor Rathgeber

Од 2007-ма година „повредите на правото на слобода на вероисповед и на погледот на светот значително зачестија“, дали преку државни закони или преку општествена нетрпеливост, која државата не ја спречува. Тоа се однесува на сите религии и на сите континенти. Според наведениот извештај, муслиманите се под притисок во 117 земји. Така исламот е втората најзагрозена религија во светот. На тажното прво место сепак се наоѓа христијанството. На најголемата светска религија и припаѓаат околу 2,18 милијарди луѓе. Нејзините следбеници трпат различни облици на притисок и прогон во дури 130 земји.

Нарачателите на извештајот, претседателот на Советот на евангелистичката црква Николаус Шнајдер и претседателот на Германската бискупска конференција, надбискупот Роберт Цолич појаснија дека извештајот бил создаден за на „христијанските браќа и сестри, кои се жртви на омраза, страдање и прогон, да им се посвети посебно внимание“.

„Тоа е работа од општ интерес, бидејќи каде и да постои прогон на христијаните, таму е загрозена слободата и на другите религии“, нагласија Шнајдер и Цолич во воведот на истражувањето.

Gottesdienst in al Muallaga
Христијаните во различни делови од светот под притисокФотографија: DW

Не страдаат само христијаните

Автор на истражувањето е експертот за човекови права Теодор Ратгебер од Гетинген. Своите сознанија тој ги темели на истражувањата напраправени од американскиот „Истражувачки центар ПЕВ“, кој пак располага со податоци од американскиот Стејт департмент и други меѓународни регистри на податоци, како и врз основа на податоците од меѓународната организација за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“.

„Ограничувањата во најголем дел од случаите не се однесуваат исклучително на христијаните“, вели Ратгебер.

Истражувањето ги издвојува Египет, Индонезија, Саудиска Арабија, Русија, Мјанмар, Иран, Виетнам, Пакистан, Индија, Бангладеш и Нигерија како земји со најголеми ограничувања на верските слободи. Во 64 земји се откриени притисоци кои ги правеле владите, на пример преку закон против богохулење или преку фаворизирање на одредени заедници. Бидејќи тука се наоѓаат и земји со голем број на население, како што се Кина, Индија или Русија, може да се заклучи дека околу 70 проценти од светското население трпи големи, па дури и преголеми притисоци.

Истражувањето не наведува број на жртви, но германската хуманитарна организација „Опен дорс“ наведува бројка од 100 милиони прогонети христијани во светот.

Напад врз христијани со кесиња со урина

Според црковниот извештај, притисоци врз христијаните се забележани во многу земји, но пред сѐ во муслиманските. Во Египет муслиманите не смеат формално да преминат во христијанство, бидејќи им се заканува притвор и не можат да добијат документи во кои би била наведена нивната нова религија.

Во Индонезија протестантската заедница Филаделфија не може да изгради црква југозападно од главниот град Џакарта, иако има право на тоа.

„Пасторот добивал закани со смрт, а верниците се напаѓани со камења, кесиња со урина и расипани јајца, а влезот во црквата често им е оневозможен со блокади. Полицијата во сето тоа е многу пасивна, а округот не ги спроведува пресудите на Управниот суд“, стои во извештајот.

Според извештајот, во Пакистан е многу опасно да се биде христијанин, како што е опасно да се биде припадник на слободната црква во Иран. Евангелистичката црква во Виетнам е во исклучително неповолна состојба, а во Северна Кореја се протерани речиси сите христијани. Таму имало и рехабилитациски центри во кои на истакнати членови на религиските групи им се „пере мозокот“. Во Турција, пак, и денес можат да се најдат погрдни изјави за немуслиманските верски заедници во учебниците, додека присуството на христијаните и евреите во медиумите е сведено на минимум.