1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судски процес: Груевски против Заев

ЕМФ/макфакс/нова2 септември 2014

Во Основниот суд Скопје 2 денеска (2.09) искази дадоа премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Рочиштето е дел од судскиот процес по тужбата за клевета и навреда што Груевски ја поднесе против Заев.

https://p.dw.com/p/1D5Ne

Македонскиот премиер Никола Груевски во судот рече дека е „тешко е да се опише чувството и загриженоста дека некој верува во изнесените навреди и клевети“. „Разбирам политичка критика, но ова е сосема друго“, нагласи Груевски. Тој е убеден дека, „невистините и клеветите дека јас сум татко на криминалот, дека сум зел 1,5 милиони евра кеш, дека сум ја оштетил државата поради неплатен данок и дека сум креатор на криминална мрежа, сè што е наведено во тужбата е една осмислена кампања за конкретна цел во конкретен момент - да ми се наруши угледот и честа“.

Премиерот рече дека доживеал тешка душевна болка и вознемиреност по објавувањето на аудио снимката и обвинувањата изнесени од страна на тужениот.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, во судницата во Основниот суд Скопје 2 рече дека аудио снимката, на која, како што вели, Груевски договара продажба на Македонска Банка, лично му ја дал Ден Дончев, кого судот на подготвителното рочиште во јуни не го прифати како сведок. Заев му поставуваше прашања на Груевски. Лидерот на СДСМ го праша Груевски дали ја преслушал снимката и дали гласот што се слуша е негов, на што премиерот одговори дека на тоа прашање дале одговор во сооопштение од неговата партија објавено истиот ден по обелоденување на снимката.

Заев, меѓу другото, рече дека иако бил свесен дека информациите што ги обелоденил може да претставуваат навреда и клевета, одлучил, сепак, да го стори тоа бидејќи бил мотивиран од неговата граѓанска одговорност.

Груевски поднесе тужба за клевета и навреда против Заев откако лидерот на СДСМ објави аудио снимка во која, како што тврди, премиерот договара продажба на Македонска Банка за што наводно зел поткуп од 1,5 милиони евра. Груевски првично бараше отштета од половина милион евра, но денеска неговиот адвокатот го намали побарувањето од Зоран Заев од 500 илјади на 50.000 евра, велејќи дека целта не е да се постигне висока штета, туку да се докаже чесноста на премиерот Груевски.

„Намалувањето на казната е евтин трик, а целта овде беше да се докаже вистинитоста на нашите наоди. Со самото тоа што судот не дозволува такви докази и го одби Дончев како сведок, ирелевантно е колку пари бара премиерот, бидејќи ние сме спремени да ја докажеме вистината“, рече Заев по напуштањето на судењето.