1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студија за Германците во САД: Среќни реалисти

Мануела Каспер-Клериџ / Зоран Јордановски28 септември 2014

Една американска студија донесе вчудовидувачки резултат. Додека многу луѓе ширум светот се загрижени за својата економска состојба, Германците се вистински оптимисти. Тоа никого не изненадува, вели Мануела Каспер-Клериџ.

https://p.dw.com/p/1DLn8
Фотографија: Fotolia/Johanna Mühlbauer

Насмеани лица по улиците, среќни шефови на претпријатија, задоволни работници - дали е Германија остров на пресреќни во време на криза? Таков впечаток може да се добие ако се чита студијата на „Пју рисрч центарот“ од Вашингтон. Според неа, 85 проценти од Германците ја оценуваат позитивно економската ситуација во нивната земја, наспроти луѓето во другите развиени економии - така, на пример, во САД позитивно се настроени само 40, во Јапонија 35, а во Франција одвај 12 проценти од испитаниците.

Германскиот среден сталеж

Германците навистина ги берат плодовите од својата напорна работа. Вработените се откажаа од големи покачувања на платите уште пред светската финансиска криза и со тоа им овозможија на своите претпријатија да инвестираат и покрај тешкото економско опркужување. Германското средно стопанство, кое вработува 60 проценти од работниците со задолжителен придонес за социјално осигурување во земјата, и во кризни времиња следеше политика на континуирано вработување. „Примај и отпуштај“ (во зависност од моменталната потреба, н.з.) - тоа не беше и не е модел за многу од тие претпријатија. Наместо тоа, се спроведува политика на натамошно дошколување и доусовршување за да се зачува конкурентноста. „Џерман мителштанд“, како што го нарекуваат Англосаксонците, е важен мотор за работни места во Германија. Повеќе од тие претпријатија се водечки во светот во својата област.

Европејците се загрижени за работните места

Сосем поинакво е расположението во Грција, Шпанија или Италија. Таму тема број еден е стравот од невработеност. Германија многу профитира од својата индустриска база. Овде не се нудат само услуги, туку уште се изработуваат и производи: атрактивни автомобили, најмодерни индустриски постројки или дури и часовници за саат-кули. Веќе е во тек четвртата индустриска револуција, германските машинопроизводители работат врз фабриката на утрешнината. Машини и производи кои меѓусебно се усогласуваат - тоа треба да ја обезбеди конкурентноста и да создава квалификувани работни места. Фраунхофер-институтот за трудова економија пресмета дека потенцијалот на индустријата 4.0 во Германија во 2025 година е на околу 267 милијарди евра.

veraltet - BITTE AUSSCHLIEßLICH 48048656 verwenden!
Мануела Каспер-КлериџФотографија: DW

Песимисти колку Африканците

За Германците чашата е барем дополу полна, иако таа за најголемиот дел од Европејците е наполу или целосно празна. Од европските испитаници 88 проценти велат дека економската ситуација во нивната земја не е добра. Својата состојба толку песимистички ја оценуваат само уште некои во Африка, меѓу нив Кенија или Сенегал.

Милионерите го зголемија богатството

Финансиската криза ја влоши економската ситуација на многубројни луѓе. За многумина уште не е на повидок надеж за подобрување. Поради тоа, со оглед на растечката разлика во приходите, се зголемува лутината и несогласувањето. Во САД расте слојот на многу богатите. Бројката на милионери во САД и Канада порасна повеќе отколку во Европа, Азија, Латинска Америка и Блискиот Исток заедно. Според една студија на американската инвестициона банка „Мерил Линч“, два и пол милиона милионери контролират една третина од севкупниот американски имот. За банкарите тоа секако е повод да размислат околу нови препораки за вложување на парите, а другите со право се лутат.

Богати и сиромашни

Разликата помеѓу богатите и сиромашните е превисока, сметаат, според тинк-тенк институтот од Вашингтон, 46 проценти од Американците. Но, тоа предизвикува загриженост и кај 84 проценти од Грците и 55 проценти од Јужнокорејците. А, и кај Германиците - овде 39 проценти од испитаниците се жалат на превисоката разлика меѓу богатите и сиромашните. Германија, значи, не е само земја полна со оптимисти, туку исто така и со реалисти.