1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студии за светското културно наследство

28 април 2011

На Бранденбуршкиот технички универзитет во Котбус, од 1999 година е застапен единствениот студиски правец во Германија за светското културно наследство, т.е Ворлд Херитиџ стадис (World Heritage Studies).

https://p.dw.com/p/111qo
Централната зграда на БТУ во КотбусФотографија: BTU Cottbus

Чилеанката Кристин стои пред платното за проекции во просторијата за семинари. Пред неа седи доцентот и повеќе студенти кои доаѓаат од различни земји во светот. „Тука сме речиси 20, но претставуваме 13 земји, тоа е неверојатно и навистина многу учиме едни од други. Тоа овозможува отворен пристап кон светот, тоа е најдоброто што ќе ни остане во сеќавање. Исто така тука учиме дека нашиот свет не е единствениот, а сметам дека толеранцијата е една од работите која во денешно време е навистина потребна“, вели Кристин.

Патување низ светот

Screenshot World Heritage Studies an der TU Cottbus Technische Universität Cottbus Weltkulturerbe Studien
Студиите за светското културно наследство во Котбус се единствените од таа област во ГерманијаФотографија: www.tu-cottbus.de

Патувањето низ светот продолжува понатаму. Една студентка од Кина претставува еден антички водоводен систем во нејзината татковина, една Јапонка со помош на видео снимки прикажува како во Јапонија се градат куќи кои се издржливи при земјотреси. Ива има 25 години, доаѓа од Хрватска и зборува за снабдувањето со вода на Дубровник во историјата. На Ива пред се‘ и‘ се допаѓа што на овие студии секој конкретно ги претставува културните богатства на својата земја: „Учиме за светот, а професорите можеби не би можеле на истиот начин да ги пренесат знаењата. Сметам дека никој не може во целина да ја објасни историјата на архитектурата од целиот свет. Но, со помош на студентите тоа е возможно.“

Претставниците од целиот свет се среќаваат токму во Котбус, во близината на границата со Полска, и тоа со добра причина, вели Кристин. Тоа е единствен универзитет во Германија, каде може да се студира нешто од областа на културното наследство. „Пребарував во интернет каде има студиски правци во врска со културното наследство. Најдов по еден во Ирска, во Австралија, во Јапонија и еден во Германија. Поради тоа што не зборувам јапонски, а не сакав ни да одам во Австралија, се одлучив за Германија.“

Се изучуваат различни стручни области

Prof. Dr. Jörg Kühn TU Cottbus World Heritage Studies bei einer Exkusion in London mit Kollegen
Професорот Јерг Кин, раководител на студиите по светско културно наследствоФотографија: Jörg Kühn

Студиите траат четири семестри, студентите веќе имаат барем завршени бачелор студии, а во Котбус продолжуваат со мастер студии. Ворлд херитиџ стадис е студиски правец со три и: интердисциплинарен, интернационален и интеркултурен. Покрај различните националности на студентите, различни се и стручните области. На пример, Хрватката Ива студираше туризам: „Некои имаат предзнаења за архитектурата, и посетуваат повеќе курсеви за архитектура. Многумина имаат културолошки предзнаења, некои се определуваат за природните науки. Но, сите подеднакво имаат социјални науки, но тоа е навистина едноставно.“

Доцентите доаѓаат од различни факултети од Бранденбуршко техничкиот универзитет и, што е исто така невообичаено во покраината Бранденбург, сите предавања и семинари ги држат на англиски јазик.

Гаранција за добро работно место

UNESCO Gebäude Paris Frankreich
Централата на УНЕСКО во ПаризФотографија: picture-alliance/dpa

„Значи ова е една од најблескавите ѕвезди на БТУ. Тоа може да се каже без ароганција“, вели професорот Јерг Кин, раководител на студиите по светско културно наследство. Студискиот правец Ворлд херитиџ стадис, кратко ВХС, формално е дел од катедрата за архитектура. Но студентите, на пример, исто така учат да работат економично и дека мораат да го применуваат меѓународното право.

Наставниот план понекогаш е преполн, но трудот се исплати. Дипломата од ВХС е меѓународно призната и гарантира добро работно место. Професорот Кин се радува секојпат кога ќе види што работат денес неговите поранешни студенти: „Како што е различно потеклото на студентите, од аспект на културата и образованието, така се разликува и она што го работат по студиите. Некои работат во УНЕСКО во Париз, други се на водечки позиции во областа на заштитата на културните споменици и на културното наследство во нивните земји. Спектар кој не може да биде пошарен.“

Слично изгледаат и плановите на Ива. По студиите таа сака да се врати во Хрватска и таму да добие раководна позиција во областа на туризмот. Но, доколку УНЕСКО и‘ понуди место во париската централа, веројатно нема да го одбие.

Автор: Саша Ерлер/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска