1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струшките вечери на поезијата - традиција и иднина

Милчо Јованоски24 август 2014

Струга над пет децении е центар на светската поезија. „Струшките вечери“ се оригиналот, а сите други поетски фестивали се негова копија, велат соговорниците за ДВ. Годинава има низа нови содржини и повеќе млади поети.

https://p.dw.com/p/1CztL
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Четврток е во „Паркот на поезијата“ меѓу бистите на големите поети од светот овенчани со „Златен венец на поезијата“ е мошне живо. Со нетрпение се чека годинeшниот лауреат – поетот Ко Ун од Јужна Кореја традиционално да засади дрво.

Ун доаѓа и вели: „Денес одам по стапките на многуте поети, ќе засадам дрво. Се надевам дека тоа ќе раззелени и дека ќе ја заштитува човечката вистина и дека ќе ја промени човечката лакомост.“ Час подоцна хотелот „Дрим“ „дише“ со неверојатната енергија на поетите учесници на фестивалот. Се делат насмевки, бакнежи и топли прегратки. „Е сега фестивалот може да почне,“ вели некој. Всушност годинава тој почна уште во неделата на 17 август, а ќе заврши во вторник во Скопје. Во дослух со новото време се одржаа „Саем на книгата“, „Недела на поетски документарни филмови“, промоции на дела од македонската поетска продукција, работилница за рачна изработка на хартија.

Која е магијата на Струга да ги собира поетите од цел свет?

Лебди мислата, која е магијата и амалгамот што со толкава леснотија од година во година поетите од целиот свет ги враќа во Струга. Еден од основоположниците на СВП академик Милан Ѓурчинов. „Најважно е што Струшките вечери успеаа да се одржат низ годиниве и според мене да станат најзначајна книжевна и културна манифестација во Македонија. Работи кои сме ги поставиле на почетокот кога бевме млади и не искусни, заедно со нашата ориентација се покажаа единствено правилни. На времето многу ме напаѓаа кога се залагав ова да биде светски фестивал. Но, тогаш во тој систем постоеше страв дека одредени работи не поимливи за остатокот на светот ќе излезат на виделина. Сепак „Струшките вечери“ останаа една плуралистичка слободарска сцена на отворена и ангажирана поезија без никакви политички парадигми и погледи. Таа беше свртена кон поезијата од првиот ден. Овде нам ни дојдоа многу големи поети од самиот почеток и тој печат не следи до сега.“

Мостовите како универзален симбол на поврзувањето на културите

Познатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски кој зад себе има богата интернационална кариера, а во мигов е претседател на Управниот одбор на СВП објаснува: „Овој фестивал има свое место во целокупната светска литература. На повеќе фестивали на кои сум бил сум видел копии на Струшките вечери на поезијата. Но тие ја немаат онаа духовна страна. Во Струга важна е водата, важен е амбиентот, важни се мостовите. Мостовите како симбол што поврзуваат нови литератури, култури и цивилизации. На струшкиот мост во една вечер се среќаваат многу јазици се разменуваат, се збратимуваат и заедно се Вавилонска кула од јазици.“

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Раководството на СВП се обидува фестивалот да го менува не концепциски туку со внатрешни содржини да го следи светскиот тренд. Да наоѓа нови можности за комуникација на поезијата до народот, да ја направи уште по пристапна. „Вклучуваме и нови технички средства, нови медиуми кои на некој начин ја прават поезијата и по атрактивна, интересна и по допадлива за сладокусците на поезијата. Струшкиот е мамутски фестивал и промените не можат да се направат одеднаш. Знаеме кои се внатрешните промени, што е она што му пркоси на новото време, мислам. СВП имаат строга структура и програми кои не може на ниту еден начин да се менуваат бидејќи тие се основата. Тоа се: „Меридијани“, pортретот на добитникот на „Златниот венец на поезијата“ во Света Софија во Охрид и „Мостови“ нај атрактивната приредба на фестивалот. “

Не е флоскула за Струга поетите во светот знаат и го почитуваат

„Првпат сум во Струга. Чест ми што сум поканета да дојдам овде. Струшкиот фестивал не само што е познат во Словенија, туку и во Франција, Англија, Израел, Канада не се сеќавам на земја во која сум била со поезијата, а за него да не се знае. Овде е изворот на сите други фестивали. Сите го копирале, а овде е оригиналот“, вели поетесата Барбара Погачник од Словенија.

Познатиот поет Раде Силјан за СВП смета дека има магија и ги привлекува поетите од целиот свет да се дружат, да комуницираат, да ги развиваат своите поетски вистини и со тоа да се проткајуваат јазиците од целиот свет. „Мислам дека раководство посебно внимание посветува на комуникацијата со помладите автори и од Македонија и од странство. На тој начин создаваат континуитет кој во основа може да придонесе за натамошен нејзин подем. Тоа се млади поети со поинаков поглед на светот и начин на комуникација меѓу себе“.

Schriftsteller Rade Siljan
Раде СилјанФотографија: DW/Toevski

За младите поети СВП се празник и аманет

СВП за мене и за сите млади автори претставува празник. Нели се вели дека поезијата не е професија, туку начин на живот. СВП има традицијата и ние младите ја доживуваме како аманет. Секој од нас живее со поезијата. Размената на енергијата што се доживува овде е она најважното. Ние ја носиме новата поетика, што би требало да е иднината на македонската поезија“, објаснува младиот македонски поет Иван Антоновски. „Бројноста на младите македонски автори присутни изминативе години на СВП споредени со бројноста на младите кои доаѓаат од странство е сепак поголема. Контактираме и секој момент го користиме за соработка. Се надевам со измените во програмата и претставувањето на нашето творештво и во превод на англиски јазик и со присуството на раководители од други поетски фестивали во Струга сигурно ќе можеме нашата поезија да ја доближиме и до нив“, заклучува Антоновски.

Ivan Antonovski
Иван АнтоновскиФотографија: DW/M. Jovanoski

Токму во Струга министерката за култра на РМ Елизабета Канческа-Милевска соопшти дека министерството ќе поддржи 16 проекти од 15 автори за превод на македонски дела на странски јазици, меѓу кои и збирки од познати македонски поети. Преводите наскоро ќе бидат презентирани на самеите на книга во Франкфурт и Гетеборг. Деновиве беше соопштена иницијативата за создавање „Музеј на поезијата на СВП“. Проект зад кој ќе стои турската фондација ТИКА.