1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Европа од Балканот е реален или привиден?

Томас Бреј (дпа) / Елизабета М. Фиданоска21 август 2014

Европските политичари и менаџери редовно предупредуваат од опасноста од „балканизација“. Сега во Берлин треба да се одржи конференција за Балканот. Но зошто тој регион се третира како лош? Анализа на ДПА.

https://p.dw.com/p/1CyjV
Фотографија: DW

Ако почетокот на Комунистичкиот манифест на Карл Маркс и Фридрих Енгелс од 1848 година се интерпретира слободно, тогаш може да се каже: „Сениште шета низ Европа, сеништето на Балканот“. Германската Бундесбанка во март предупреди од опасност од „балканизација“ при глобалното финансиското регулирање. Претседателот на Сојузот на германската надворешна трговија, Антон Бернер, во последните години последиците од евентуално откажување од еврото, постојано ги опишуваше вака: „На крајот доаѓа балканизација и маргинализација на Европа.“

Поранешниот шеф на Гугл, Ерик Шмит, не еднаш има алармирано дека е можна „балканизација на интернет“. „Се случува балканизација на Европа“, се лутеше пред три години германската индустрија со минерални масла, притоа коментирајќи ги различните критериуми за мешавини на горива. „Блискиот Исток се заканува да стане Балкан на 21. век“, напиша германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер минатата година во еден гостински текст за „Зиддојче цајтунг“. И поранешниот британски министер за надворешни работи и генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, за „Вашингтон пост“ оцени: „Отцепувањето на Шкотска може да доведе до ребалканизација на Европа.“

Но, што е толку лошо на Балканот? Каков е и каде воопшто се наоѓа? Во меѓународни рамки реномираниот словенечки филозоф Славој Жижек се обидуваше умешно географски да го лоцира Балканот, но попусто. За Србите Балканот почнува во Босна и во Косово, зашто српско-православните христијани со векови се обидувале да го одбранат целото христијанство од муслиманите. За Хрватите на север порта кон Балканот се Србите, кои за нив се деспоти и византијци. Словенците себеси се гледаат како „предстража“ на демократска Централна Европа и тие Хрватите ги третираат исто така како дел од Балканот.

Австријците и Италијанците пак, на Словенците гледаат како на почеток на Балканот. За некои Германци, дури и Австрија, поради нејзините историски врски со Балканот, некако е дел од него. Некои Германци од северот на земјата и Баварија ја опишуваат како регион со „извесен балкански флер“. Заклучокот гласи: „Балкан е секогаш оној другиот, тој се наоѓа некаде на друго место, секогаш малку појугоисточно“, пишува Жижек. Навистина, не малку минхенчани тврдат дека Балканот почнува јужно, а во австрискиот главен град општо прифатено е дека тој „почнува на јужната железничка станица“.

Symbolbild Tür Hoffnung
Каде вратата кон Балканот?Фотографија: Matthias Buehner - Fotolia

Уште потежок од географската состојба е описот на она што (наводно) го чини Балканот и Балканците. Во секој случај, тие карактеристики мора да се многу негативни, ако уште во 1876 година германскиот канцелар Ото фон Бизмарк во парламентот ставил јасно до знаење дека Балканот „не вреди ни колку здравите коски на еден единствен померански мускетар“. Единаесет години подоцна тој повтори дека Балканот воопшто не го интересира: „Пријателството со Русија ни е многу повредно од Бугарија и од сите пријатели на Бугарија кои ги имаме овде кај нас, во земјава.“

Денес тоа изгледа малку поинаку. ЕУ и пред се‘ Германија подолго време се обидуваат да ја убедат земјата кандидат за приклучување - Србија, која важи за најблизок сојузник на Русија во тој регион, да се приклучи на санкциите против Москва. Белград, меѓутоа, упорно се противи, со укажување на своите историски врски со „руските браќа“. Тоа би било „самоубиствено“, земјата „без Русија би паднала на колена“, предупреди пред повеќе денови српскиот професор по политика Иво Висковиќ за српската државна телевизија РТС.

„Балканизација на Европа“ е нешто што во повеќето предупредувања има значење на распад на голема целина на повеќе мали делчиња - мали европски држави, враќање на повеќе мали национални валути, поделба на интернетот на одделни сегменти. Со Балканот со векови владееја две големи империи - Хабсбурзите на север и Османлиите на југ. Од 19. век народите таму почнаа да се ослободуваат низ многу крвави војни и создадоа национални држави. Но со оглед на тоа што Балканот во долгата историја се наоѓаше меѓу линиите на поделба меѓу Истокот и Западот, меѓу наводно заостанатиот Ориент и напредниот Оксидент, границите постојано беа поместувани во една или друга насока. По војските доаѓаа цивилите кои не можеа да се прилагодуваат толку бргу на постојано новите граници. Настана шарен „пачворк“ од различни националности. Денес тоа се опишува како мултикултурно богатство. За регионот долго време постоеше сликата на шареното „крзно на леопард“. Но, по страшните војни во 1990-тите, Балканот се распадна на мали држави. Словенија, Македонија и Косово имаат два милиона, Црна Гора дури само 620.000 жители. Овие на број многу нови земји имаат се‘ уште отворени сметки меѓу себе. Тие во Западна Европа важат за заостанати, без функционални државни институции и пазарни економии со алчни и диктаторски настроени политичари на врвот, кои ги контролираат медиумите и правосудството.

Merkel Bundeskabinett 13.08.2014
Ангела Меркел кани на средба во Берлин, на 28 августФотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за економија Зигмар Габриел упатија покани за конференција за Западниот Балкан што ќе се одржи на 28 август во Берлин, за да се дискутира за дел од овие проблеми. Нагости доаѓаат премиерите, како и министрите за надворешни работи, за финансии и за економија на седумте југословенски држави наследнички плус Албанија.

Хрватката Марија Каталиниќ, која се занимава со истражување на културата и која живее во Берлин (организаторка на Berlin goes Balkan) на Балканците гледа исто толку неутрално како и на Скандинавците. Таа во текст за весникот „Нови лист“ иронично прашува: „Ние сме Балканци ако трошиме над лимитот на нашата сметка, ако пиеме кафе два часа во текот на работното време, ако не плаќаме даноци, ако ги тепаме нашите жени и ако ги експлоатираме нашите работници. Централна Европа сме ако имаме повеќе трговски центри од градинки, ако имаме домови за злоставувани жени, ако немаме пари за струја, но нашите деца имаат Ајфон?“

Белградскиот социолог Јован Бакиќ воопшто не гледа причина зошто Западот од наводниот цивилизиран рид би гледал од висина на инфериорниот Балкан. „Балканот е конструкција на Западот“, сигурен е тој: „Стереотип настанат уште во текот на Првата светска војна.“ Европа си има „скала за Ориентот“, критикува овој доцент: „Источна Европа е ориентална, Југоисточна Европа уште поориентална, а арапските земји, како и Турција, уште еден степен повеќе од тоа.“

Во Романија има судар со „балканизмот“ уште од средината на 19. век. Оттогаш има прилично распростането мислење дека државните структури не раснат органски, туку се „натиснати“ од Западот. Покрај прилично многу земјоделски ориентираните народи во регионот, има уште една заедничка работа - вековната експлоатација од страна на Виена и Истанбул. Од тоа е произлезена генерална недоверба на населението кон државата, која треба да се измами, нешто што во целиот регион важи за восхитувачки кавалерски деликт. Подоцна, во времето на комунизмот, реалсоцијалистичката економија, своеволието и диктатурата се омекнуваа со „маневрирање и подлажување“.

Kaffeetasse Tisch Kaffeebohnen
Секој има свое кафе?Фотографија: GG-Raw/Fotolia

Во Бугарија на тоа се гледа многу слично. Речиси никој не сака да биде дел од Балканот, зашто тој важи за заостанат. Секој од регионите на Балканот се „колне“ во својата наводно оригинална кујна, иако корените и‘ се главно чешко-австриски или османлиски. Затоа, симптоматична е постојаната кавга околу името на насекаде распространетото арапско црно кафе. Се тврди дека има голема разлика меѓу грчкото, турското, српското или босанското кафе, иако природниот производ и неговата подготовка се слични до нијанси. А кој ги измислил месото на стапче (суфлаки, ражњиќи) или питите со сирење, спанаќ или мелено месо, е нешто околу кое се спори исто како што посеверно се спори за тоа од каде потекнува колбасот со кари.

Се‘ уште широко распространетото обезвреднување на Балканците е нешто посилно присутно во Австрија. Таму луѓето од Југоисточна Европа се нарекуваат „чушен“: „Тоа е означување за лице кое е мрзливо, валкано, лажливо и непосакувано и кое во најдобар случај може да извршува само некои валкани, ниско рангирани активности, значи може само да биде слуга“, го објаснува овој сомнителен поим хрватскиот весник „Нови лист“. Оттука, тешко е да се сфати зошто „граѓаните на Хрватска толку многу се обидуваат да избегаат од Балканот на Запад“.

Кај многу луѓе на Балканот е распространето размислување, кое се опишува како теорија или виц, зависи од тоа од кој агол се посматра. Денес 5 од 28 земји членки на ЕУ се балкански земји. Шест други чекаат пред врата на прием. Со тоа, вистинската или наводната спротивставеност меѓу Западна и Северна Европа, како и Југоисточна Европа, среднорочно ќе исчезне сама по себе.