1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српското (не)видливо дистанцирање од Додик

Ивица Петровиќ / Елизабета М. Фиданоска30 август 2014

Во предизборната кампања во Република Српска Белград не сака отворено да поддржи никого, затоа што ако неговиот фаворит загуби на изборите, можни се дополнителни проблеми во односите со РС, оценуваат српски аналитичари.

https://p.dw.com/p/1D44G
Фотографија: DW/D. Masksimovic

Изјавата на српскиот премиер Александар Вучиќ дека Белград нема да се меша во предизборните активности во Република Српска (РС) и дека нема да поддржи ниту една страна, не беше предмет на внимателни политички анализи. Беше забележана главно само изјавата на премиерот Вучиќ дека Србија ќе ја почитува народната волја, без каква било поддршка за кој било од кандидатите. Исто така, се пренесуваат и изјавите на претседателот на РС, Милорад Додик, дека тој таква поддршка и не очекувал, како и неговите тврдења дека „ориентацијата кон неутралност на државниот врв на Србија по прашањето на избори во БиХ (се одржуваат во октомври, н.з.) нам сосема ни одговара“. Какви и заклучоци некој да изведува од ваквите изјави, сигурно е дека сегашниот став на државниот врв на Србија прилично отстапува од некогашната пракса. Бившиот претседател на Србија Борис Тадиќ и Милорад Додик имаа традиција на активна меѓусебна поддршка во предизборните кампањи и отворено изразуваа поддршка еден на друг. Во паузите меѓу избори, пак, се забавуваа со заедничко дружење на спортски натпревари и други приредби.

Дали Белград го напушти Додик?

Политичкиот аналитичар Бранко Радун смета дека е добро што таа пракса сега ќе биде прекината. „Тој однос на Тадиќ и Додик беше нешто од што само тие двајца имаа полза, а немаше никаква полза за Република Српска“, вели Радун и објаснува: „Тоа беше политика ’јас тебе, ти мене’, која се засноваше на нивните партиски потреби и маркетинг и каде тие двајца си правеа услуги еден на друг. Можеби некој има забелешки на односот на сегашната власт кон Додик и РС, но факт е дека сега тие односи резултираат со многу повеќе конретни активности од кои можеби некаква полза ќе имаат и самите граѓани.“

Бранко Радун за ДВ оценува дека целата приказна оти Додик сега е напуштен од страна на Белград, е пренадуена. Секој на ситуацијата гледа од свој агол, како што му одговара, забележува Радун: „Оние во меѓународната заедница кои се нервираат поради Додик, сега се задоволни, зашто тој наводно ја загубил поддршката од Белград. Се разбира, задоволна ќе биде и сараевската јавност која сега ќе создаде цела приказна, затоа што сметаат дека е полесно да се излезе на крај со некој друг наместо со Додик.“

Според Радун, „јасно е дека многумина би сакале Додик да исчезне од политичката сцена“ и дека затоа сега има реакции од овој тип на изјавата на Вучиќ. „Но, мора да кажам дека односите на Белград и Бања Лука сега се далеку подобри отколку пред една година“, оценува тој, додавајќи: „Впрочем ако Белград имаше кренато раце од Додик, тоа ќе беше проследено со некаква негативна медиумска кампања против него во српските меидуми, но такво нешто нема и затоа мислам дека ова е само преувеличуавње на еден неутрален став на Србија, кој по мое мислење е добар, затоа што покажува дека Србија не сака да се впушта во партиската борба во РС“, вели Радун.

Boris Tadic mit Milorad Dodik und Vuk Jeremic
Политика „јас тебе, ти мене“? На фотографијата од лево кон десно: Вук Јеремиќ, Борис Тадиќ, Милорад Додик, Драган Ѓилас (мај, 2012 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

(Не)видливо дистанцирање

Неутралниот став на српскиот премиер пред изборите во РС е дел од некоја европска приказна, каде едноставно не се сака да се загрози европскиот пат на Србија на никаков начин, оценува за ДВ Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. „Онака како што тоа се правеше во време на владеењето на Борис Тадиќ, секако не можеше да придонесе за нормализација на односите на Белград и Сараево. Меѓутоа, сепак, забележливо е дека тоа дистанцирање не е премногу видливо“, потенцира Попов. „Имено, ако се погледне малку наназад, ќе се види дека имаше доста средби на челниците на РС и на Србија, па и заеднички седници на владите. Но, во секој случај, виден е еден далеку порезервиран став на раководството на Србија кон самиот Милорад Додик“, смета Попов.

Политичката судбина на Милорад Додик сепак најмногу ќе зависи од тамошните избирачи и од тоа што е сторено за граѓаните на Република Српска, а помалку од Белград, додава Попов. „Мислам дека Милорад Додик и натаму е силна политичка личност во РС и дека можеби некоја посебна помош од Белград и не му е потребна“, оценува Радун.