1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ацо Шопов и Гане Тодоровски прогласени за плагијатори

Катерина Блажевска12 јануари 2015

Книгата „Ресавски венец“ наиде на жестоки критики и од книжевни критичари и од писатели, како срамен обид за уривање на најголемите поетски класици од поранешна Југославија

https://p.dw.com/p/1EIqF
Фотографија: DW/N. Velickovic

Двајца македонски поетски класици се ставени во антологијата на „плагијатори“, дело што крена голем прав во книжевната јавност на земјите од поранешна Југославија. Станува збор за „Ресавски венeц“ (Плагијати на југословенските поети) од Милоје Дончиќ (1963). Книгата која е оценета како двоглава книга-бомба, содржи две антологии: на левата страна се изворните песни, на десната - плагијатите. Како што објави белградска „Политика“ за неа најмногу се зборувало на Саемот на книги, а тиражот од 3.000 примероци бил распродаден за само неколку дена.

На списокот на ју-поети, кои според Дончиќ плагирале стихови на светски познати писатели, покрај Васко Попа, Оскар Давичо, Мика Антиќ, Јеврем Брковиќ, Добриша Цесариќ, Хамид Диздар, Јуре Каштелан, Мира Алечковиќ, се најдоа и двајца македонски поети - Ацо Шопов и Гане Тодоровски.

Дончиќ за нивен „грев“ ги издвоил овие примери: Песната на Назми Хикмет (1902–1964) „Октомври“, почнува со стиховите: „Лежам во ноќта на октомври, што умирајќи пее“, а Ацо Шопов (1923–1982) песната „Август“ ја почнува со стиховите: „Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее“. Емил Бојсон (1900–1972) е автор на песната „Робот” („Жал ми е за роботот, што роб никогаш нема да биде / по своја грешка“), а Гане Тодоровски (1929–2010), во „Песната за роботот“ вели: „Го жалам роботот што нема роб да биде/по своја вина!“

Фантомска книга

Во македонските книжевни кругови за оваа книга слушнале само од она што го објавуваат српските медиуми. Книгата, која според многу српски критичари има за цел еден вид „сомнителна поетска лустрација“, никаде не може да се најде. Писателот Ристо Лазаров, вели дека има перфектни конекции за набавки на книги од Белград преку угледни издавачи и новинари, но се чуди што никој од нив не успеал да дојде до таа „фантомска книга“.

„Мошне чудно е што таа книга никаде не може да се најде. И тоа личи на смислен потег: по таблоидите се обвинуваат големи поети дека нешто препишале, а самата книга не ја даваат на увид на јавноста“, забележува Лазаров.

Според Дончиќ, книгата настанала благодарение на несебичната помош од неколку значајни професори и нивните асистенати од четири српски универзитети, бивши и сегашни професори од Филозофските факултети во Сараево и Подгорица, како и од пензионирани професори од катедрите за светска книжевност во Загреб, Љубљана и Скопје. Детално биле обработени 248 преводи на збирки песни, 982 броеви на книжевни часописи, 118 антологии, 151 зборник на трудови, 1.263 неделници, дневни весници и билтени, односно, вкупно 9.588 песни. Притоа била користен материјал на 74 преведувачи од 27 светски јазици и обработен материјал од 17 земји на 13 јазици. Од 496 плагијати, приредувачот на книгата потенцирал 31 песна како примери за „тешки случаи на плагијат“ во кои, според него, се работи за целосно препишување.

Pressekonferenz zu den Abenden der Poesie in Struga
Обвинувањата се фантомски, тврдат македонските поетиФотографија: DW/M. Jovanoski

Според Лазаров, чудно е што Дончиќ се повикува на професори на разни факултети - меѓу нив и од скопскиот Филолошки факултет, но никаде не ги наведува нивните имиња.

„Тоа е мошне сомнително, дотолку повеќе што тој досега нема напишано никаков теориски или критички текст. Книгите на коишто се повикува тој, ги нема никаде: ниту во Народната и универзитетска библиотека на Србија, ниту во библиотеката на Матица српска, никаде. За среќа, некои работи веќе се разјаснети. Тој вели дека Оскар Давичо, на пример, ја препишал „Србија“ од Чезаре Павезе, кој наводно има песна ,,Моја Сицилија“. Најугледни познавачи на делото на Павезе потврдија дека тој воопшто нема таква песна, а чудно е и тоа што песната ,,Србија” Давичо ја напишал во 1938 година, а наводната песна на Чезаре Павезе десет години подоцна! Овој анонимус тврди и дека Мика Антиќ препишал песна од Драгиша Васиќ а никој во српската културна јавност не знае дека Васиќ некогаш напишал каква и да е песна. Затоа ми е сомнително и вбројувањето меѓу наводните плагијатори на македонските поетски класици Ацо Шопов и Гане Тодоровски. Верувам дека и доказите за Шопов и Тодоровски му се такви - никакви, егзибиционистички, родени за таблоидно изживување и мамење на јавноста. И Давичо, и Васко Попа, и Мика Антиќ, а со нив и Ацо Шопов и Гане Тодоровски имаат импозантни поетски опуси кои заслужуваат највисока почит, а не какви и да е таболидни и саморекламерски ујдурми“, категоричен е Лазаров.

Важен е контекстот

Првиот том на „Ресавски венец“, ги опфаќа поетите од бивша Југославија, родени помеѓу 1900. и 1939. година. Во вториот том најавен за наредната година, ќе биле опфатени поети родени од 1940. до 1980. година. Според Дончиќ, тој ќе бил значително пообемен, бидејќи и „бројот на модерните ресавци бил значително поголем“. Дебатата за книгата сега се врти околу оските на познатите изреки: „плагијатот е стар колку и книжевноста“, „поетите немаат право на сите достигнувања на своите претходници“ и „сите поети пишуваат една единствена голема песна“. Се редат прашањата - колкаво е влијанието на поетските претходници и нивниот тематски урнек? Што е оригинал, што плагијат, што се е дозволено во модерната литература? Писателката и академик, Катица Ќулавкова, вели дека плагијат не се утврдува само врз основа на делумни, ампутирани фрагменти - стихови во една песна.

„Треба да се проучи целиот контекст во којшто е напишана и во којшто се восприема една песна. Без контекстот не се конституира ни значењето на песната, а камоли нејзината естетска функција и вредност. Треба да се познава интенцијата на авторот. Некогаш авторот прави свесни, намерни алузии на други туѓи стихови, некогаш ги цитира туѓите стихови/мисли како свои и го презема туѓиот говор како свој, со што упатува не само експлицитни туку и имплицитни симболични пораки кои треба да се сфатат метапоетички: идентификација со претходникот, немоќ да се ослободи авторот од традицијата и претходниците, отпор спрема некоја поетика и некој автор, дијалог со некоја поетика и автор, реплика на некој текст, реминисценција, алузија, па и коинциденција. Во теоријата на интертекстуалноста и на цитатноста, како и на т.н. текстови 'од втора рака' тоа е подробно разработено. Некогаш изворот е препознатлив, некогаш не е. Кога е општо познат и неговите стихови се општоприфатено добро, тогаш се подразбира авторството, а туѓиот исказ се зема како културен интертекст, како усвоено знаење“, објаснува Ќулавкова.

Упад во поезијата

Критичарите се едногласни дека и молчењето и истражувањето имаат свои морални димензии, особено кога станува збор за починати поети. По првичната еуфорија околу ова дело, постепено почна отрезнувањето. Критичарите и публицистите не штедат критики на сметка на Дончиќ, претставен како автор на десетина збирки песни. Српскиот новинар и колумнист, Теофил Панчиќ, делото го оцени како „командоски упад во југословенската поезија, против секој жив или покоен поет кој во неа нешто значи“.

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien
Струга е град домаќин на поезијатаФотографија: Milco Jovanoski

„За да го докаже тврдењето, чија единствена мана е тоа што не е точно, Дончиќ, дали сам или со нечјија, хм, стручна помош, испоизмислил цела низа песни на познати светски поети, а кои божем биле извор на плагијатите на нашите бардови. Но, бидејќи е, не само трогателно неталентиран, туку и депримирачки неписмен, го направил тоа така што и од 'авион' се гледа неговиот дилетантизам“, пишува Панчиќ.

Други препознаваат многу политика за пресметка и смислено оцрнување на поетските класици.

Според Ќулавкова, во случајот со Дончиќ е најбитно да не се заборави дека вакви проекти имаат културно-политичка позадина.

„Нивната стратегиска цел е да се детронизираат воставените вредности и систем на вредности, да се деградира наследената книжевна традиција, а со неа и цела една епоха. Ако ја избришеме културната и книжевната меморија/традиција ние ќе бидеме лесно подложни на нови (мега) наративи и ќе ги прифатиме наративите дека книжевноста/културата наследена од југословенската епоха е безвредна, обичен плагијат, па (следствено) треба што побрзо да ги заборавиме и да ги потиснеме на буништето на историјата. Демек, и тие се дел од демонизираниот социјализам и југославизам. Затоа Дончиќ не се занимава со второкласни писатели, туку со првокласни какви што се Оскар Давичо, Јуре Каштелан, Ацо Шопов и многу други. Ако навистина некои универзитетски професори му дале стручна помош и поддршка, нека им ги наведе имињата, или и тие се дел од невидливиот цитат“, прашува Ќулкавкова.

Поголем број писатели со кои разговараше ДВ, делат сличен став: Дончиќ ги згрешил адресите на кои решил да урива потески вредности... Стрелата насочена кон врвните поети се врати во неговата книга полна со измислици“... Тој не може со лаги да ја дискредитира поезијата на Шопов и Тодоровски, бидејќи таа одамна е на сигурно место - меѓу оригиналите и кај читателите!“