1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија доби демарш од ЕУ поради извозот на храна кон Русија

АТ/макфакс/ бета22 август 2014

Србија ќе го разгледа барањето на ЕУ, земјата да не поттикнува извоз на штета на Унијата, по што владата ќе заземе став, изјави шефот на српската дипломатија Дачиќ.

https://p.dw.com/p/1Cz6f
Фотографија: Reuters

Европската унија (ЕУ) и’ упати демарш на Србија, поради тоа што го искористила руското ембарго кон земјите-членки на ЕУ за извоз на храна, и пласирала свои производи на рускиот пазар, пренесува „Танјуг“.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, вчера изјави дека ЕУ од Србија бара да не поттикнува извоз на штета на Унијата, а српската влада ова ќе го разгледа и ќе заземе став.

„Србија не воведе никакви посебни мерки кои би поттикнале такви активности. Ние внимателно ќе го разгледаме ова барање на ЕУ и владата ќе заземе став“, рече Дачиќ за РТС.

Реакцијата упатиле и од руското министерство за надворешни работи, оценувајќи дека апелите на Брисел до третите земји да не извезуваат земјоделски производи во Русија покажува дека ЕУ не сака да го напушта перспективниот руски пазар, и изразиле уверување дека овие земји можат сами да одлучат како ќе се однесуваат.

Официјалните претставници на ЕУ неодамна ги повикаа сите трети земји и земји кандидати за членство во Унијата да не го користат руското ембарго против европските произведувачи.

„ЕУ жали поради објавените мерки на Руската Федерација за забрана на увоз на одредени земјоделски производи од Унијата. За да се обезбеди единство на меѓународната заедница и почитување на меѓународното право, ЕУ очекува од третите земји и земјите кандидати да се воздржат од мерките кои се насочени кон искористување на новите трговски можност настанати по воведувањето на овие мерки“, се наведува во заклучоците од состанокот на Советот на министрите на ЕУ на 15 август.