1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот за името не е алиби

Силвера Падори-Кленке17 октомври 2014

Германски политичари за Дојче веле оценуваат дека Македонија мора да спроведе реформи доколку не сака да ја изгуби поддршката од Европската унија. Спорот со името не е повеќе алиби за неспроведување на реформите.

https://p.dw.com/p/1DWes
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Според неколкумина пратеници од Бундестагот со кои разговараше Дојче веле, Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонијa ги детектирала вистинските проблеми во земјата. Во своите толкувања сите соговорници се категорични дека одговорноста за состојбите ја сноси македонската влада и од неа зависи во која насока понатаму ќе чекори земјата. Ќе се прифатат ли предлозите и критиките со кои ЕУ бара во Македонија да се спроведат реформите или ќе се продолжи како до сега, па земјата ќе остане осамена и без поддршка од никого во Унијата?

„Мислам дека на сите во земјата, но и на надворешните набљудувачи им е јасно во кои сфери има потреба да се делува. Реформите не се потребни само поради актуелниот извештај за напредок. На прво место е конструктивното решение на спорот со името со Грција, без кое нема членство ниту во НАТО, ниту во ЕУ. На второ место е конструктивното парламентарно работење - бојкотот на СДСМ мора да се надмнине, со отстапки од обете страни. Во една демократија, опозицијата има огромно значење и тогаш кога нејзината работа не носи веднаш видливи плодови. Моментната ситуација ѝ штети најмногу на Македонија, посебно поради тоа што одржливоста на раформите значително се сопира. Но, не треба да се заборави ниту натамошната борба против корупцијата, барањето на владеењето на правото, како и јакнење на слободата на медиумите“, е коментарот на демохристијанот Торстен Фрај. Тој инаку критички ја гледа зависноста на медиумите од државните грантови, како и приходите од реклами. Фрај понатаму вели дека го поддржува почетокот на пристапните преговори и покрај констатацијата на Европската комисија дека изминатава година Македонија назадувала.

Interview mit Thorsten Frei (CDU)
Сегашната ситуација ѝ штети најмногу на Македонија. Торстен Фрај (ЦДУ/ЦСУ)Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Јасно детектирани дефицити

„Извештајот ги именува дефицитите во Македонија. Задача на македонската влада и опозицијата е да се вклучат во дијалог и да изнајдат решенија за нивната земја. Ефикасни реформи во земјата може да има дури и во случај кога не се водат преговори за членство“, е кусиот коментар на Јосип Јуратовиќ, пратеник од СПД во Бундестагот.

Неговиот партиски колега Дитмар Нитан подвлекува: „Основно прашање е дали македонската влада е подготвна за натамошни реформи? Според извештајот за напредок е јасно дека во Македонија има назадување за кое одговорноста ја сноси владата. Затоа, македонската влада мора да покаже дека е подготвена за поголема транспарентност, за поголема слобода на медиумите, за елиминирање на политичката моќ преку медиумите. Сѐ додека ова не се случи никој на Македонија нема да може да ѝ помогне“.

Мануел Сарацин од Сојузот 90-Зелени вели дека „деветте години пред вратата на ЕУ и наштетиле на демократската култура и социјалната кохезија во Македонија. Жали што не се реализирани надежите за решение на спорот околу името со Грција, подвлекувајќи дека „оваа блокада е на штета на развојот на целиот регион“.

„Жалам поради грчкото вето, но и поради тоа што последниве години владата на Груевски со не особено мудри и историско-политички проекти не придонесе за брзо решение на спорот. Го делам мислењето на ЕУ Комисијата за почетокот на преговорите, но и покрај тоа сметам дека Македонија особено не се напрега, независно од пристапните преговори, брзо да ги исполни Копенхашките критериуми, посебно во делот на демократизацијата и владеењето на правото! Не се чувствува ништо од ревноста во исполнувањето на реформите на Владата во Скопје. Владата на Груевски мора да потврди дека и покрај спорот со името е волна, е решена да ги исполни условите од поглавјата за владењето на правото и демократијата. Европската унија, пак, мора да го поддржува процесот кој започнал во 2003 година во Солун и едновремено да ги исполни дадените ветувања“, истакнува и Мануел Сарацин.

Porträt - Manuel Sarrazin
За доближувњето или оддалечувњето до ЕУ говори ранг листата за слободата на медиумите на која Македонија е на 123 место. Мануел Сарацин (Сојуз 90-Зелени)Фотографија: DW/N. Jolkver

Кога е во прашање, пак, дали Македонија се доближува или оддалечува од ЕУ, тој е категоричен дека треба само да се погледне ранг листата за слободата на медиумите, на која Македонија се спуштила на 123-то место.
„Тоа говори многу за доближувањето или оддалечувањето од ЕУ. Пристапните преговори се важни и од аспект да се сврти вниманието кон ваквиот развој и да се бараат промени. Значи уште еднаш ќе повторам: македонската влада самата одлучува дали сака или не да ги спроведе реформите, за тоа не се потребни никакви разговори. Според мое видување Владата со сегашниот курс се оддалечува од ЕУ“, констатира Мануел Сарацин.

Спорот со името само дел од проблемите

Во целиот „пакет“ забелешки и задачи кои ги посочи Европската комисија повторно е спорот со името со Грција. Дали останува централен проблем или сега има „конкуренција“ во внатрешно-политичката ситуција во земјата?

„Вие ме познавате и знаете што мислам. Немило, здодевно е што Грција и Кипар работите ги блокираат, но не смее спорот со името да се зема како оправдување, извинување за неспроведувањето на реформите од страна на сегашната влада. Не помага да се игра 'Црн Петко'! Македонската влада мора да докаже дека и покрај спорот со името, и покрај грчката блокада - е подготвена да ги спроведе натамошните реформи. Доколку тоа не го направи, ќа ја изгуби поддршката од Европската унија и во еден момент ќе стои сосема осамена. Сега е решавачки момент, по овој извештај. Македонската влада мора да работи за поголемо владеење на правото, за доброто владеење, за транспарентноста, за слободното изразување. Ако не работи врз овие нешта и без блокадата на Грција нема да има ниту една од ЕУ држава што ќе ја поддржи Македонија“, оценува социјалдемократот Дитмар Нитан.

Dietmar Nietan SPD
Јасно е дека во Македонија има назадување за кое е одговорна владата. Дитмар Нитан (СПД)Фотографија: privat

„Имајќи го предвид најголемиот проблем - спорот со името, секогаш одново нагласував дека Германија со нејзината големина и значење во ЕУ, сигурно дека има можност и обврска, да посредува, да модерира и да доведе до конструктивно завршување на расправијата. Ова важи дотолку повеќе што кај мене е зголемен впечатокот дека Грција во спорот порадо е пасивна, отколку што сака да дојде до контструктивен крај. Незнам дали јасното позиционирање на пример на Бундстагот, може да биде доволно за да се даде нов импулс во процесот. Исто така гледам мала можност сите членки заеднички да се изјаснат против Грција, за да има напредок во спорот со името. Многу повеќе можам да си претставам од Германија инициран и од Советот на Европа поддржан посреднички процес кој би можел да доведе до успех“, е проценката на демохристијанот Торстен Фрај.

Ризици за други влијанија?

Кога некој на неодреден рок чека пред нечија врата, каков што е случајот со Македонија, прашање кое не е за потценување е: дали на „чекачот“ конечно ќе му преседне, па нема ли да поразмисли за некои други опционални врски со светот? Конкретно: гледаат ли германските политичари опасност и ризик за можно оддалечување на Македонија од ЕУ и доближување на пример до Русија, Кина или Турција кои имаат геостратегиски интерес за Македонија и Балканот воопшто?

„Секако дека гледам опасност. Можам да ги разберам и фрустрациите на луѓето од Македонија дека преку името и другите блокади го имаат чувството дека не се посакувани во Европа. Ова можам да го разберам, но на крајот е решавачко дали владата ќе ги спроведе потребните реформи и тоа не само поради ЕУ членството, туку и без него. Владата мора на својот народ, на опозицијата, на Германија и ЕУ да им покаже дека се ориентира кон демократските стандарди, дека ги спроведува реформите, дека не се потпира врз национализам туку врз соработката. Но, овие работи за актуелнава влада како да се отповеќе“, е оценката на Дитмар Нитан.

Заканата за пробивањето на Русија, Кина и Турција како опција за ЕУ во земјите од Западен Балкан и Македонија, како реална опасност и факт, ја толкува и Торстен Фрај.

Europatag
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Уште денес може да се види дека посебно Русија, но и Кина, се обидуваат да се пробијат и да добијат влијание во регионот. Тука во прв миг се мисли на многуте инвестиции во инфраструктурата и на широкоградоста. Но, во реалноста станува збор за обезедување зависност. Пред сите Русија во времто на кризата во Украина и со неа поврзаната изолација, се обидува да стави клин меѓу ЕУ и кандидатите за членство. Јас сум, меѓутоа, сигурен дека Македонците, Црногорците или Србите, препознаваат дека однесувањето на Русија и Кина во однос на човековите права и слободи и демократијата не се адекватни со нивните поими за организирање на државата и општественото живеење. Конечно, во сите земји лично можев да се уверам дека граѓаните и нивните претстави за вредностите се многу блиски до оние на Европската унија. Затоа за мене вклучувањето на Македонија и другите земји е поврзано со големите геостратегиски интереси на Европската унија. За мене е неспорно дека треба да ги затвориме отворените точки во центарот на Европа“, е ставот на Торстен Фрај, пратреник на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.

Josip Juratovic
Дали политичките елити ја следат определбата на народот? прашува Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: DW/A. Slanjankic

„Јас во Македонија доживеав дека народот себе си се чувствува и се разбира како дел од Европа. Убеден сум дека тука, во ЕУ е и иднината на Македонија. Решавачкото прашање, меѓутоа, останува: дали и политичките елити ја следат определбата на народот на патот кон ЕУ?“, коментира за Дојче веле социјалдемократот Јосип Јуртовиќ.