1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу извештајот за употреба на касетни бомби во источна Украина

Клаус Јансен/ Симе Недевски23 октомври 2014

Хјуман рајтс воч ја обвинува украинската влада за употреба на касетна муниција во Донбас . Киев го отфрла тоа, некои експерти се сомневаат во наводите на организацијата за човекови права, Германија бара независна истрага

https://p.dw.com/p/1DaA3
Фотографија: Reuters/Shamil Zhumatov

„На почетокот на октомври, испративме една мисија во источна Украина за да ги провериме извештаите за употреба на касетни бомби“, вели за ДВ, Хју Вилијамсон, регионален директор на ХРВ за Европа и централна Азија. Тој додава дека станувало збор за експерти за оружје од таа организација. Тие ги интервјуираа луѓето на лице место и разговараа со еден новинар кој се наоѓа на погоденото подрачје. „Тој можеше да го одреди типот на испалени ракети, а украинската армија располага со такви ракети“, вели Вилијамсон. Но најважно било да се востанови од кои позиции биле испалени ракетите. „ Нашите стручњаци ги пресметаа траекториите на ракетите, и ги обиколија погодените места и локациите на кои се наоѓале ракетните фрлачи. Дојдоа до следниов резултат: ракетите ги испукале силите на украинската влада. Не можеме да бидеме стопроцентно сигурни, ама сите докази упатуваат на тоа“, вели Вилијамсон.

Human-Rights-Watch Hugh Williamson
Хју Вилијамсон од ХРВФотографија: Raum11/Jan Michalko

Заврането оружје

ХРВ употребата на касетни бомби ја смета за воено злосторство. Активистите за човекови права притоа укажуваат на Конвенцијата за касетни бомби- односно договорот за забрана на ваков вид оружје, кој стапи во сила во 2010 година. Конвенцијата ја имаат потпишано 114 земји а ја ратификувале 86. Кон забраната се немаат приклучено ни Русија ниту Украина. Затоа ХРВ бара од двете земји да го сторат тоа и нагласува дека нејзините експерти во Донбас пронашле 22 остатока од касетни бомби: 16 испукани од повеќецевен ракетен фрлач Ураган и шест од ракетен фрлач од типот Смерч (Торнадо).

Официјален Киев ги отфрла наводите на ХРВ. Владислав Зелезнјов, портпарол на украинската армија за ДВ изјави дека оваа војска има ракетни фрлачи од типот Ураган и Смерч, но оти нема касетни бомби. „Кога знаеме дека на подрачјето на кое се наоѓаат позиции на бунтовниците има и цивили, не испукуваме ракети во никаков случај“, вели Зелезнјов.

Набљудувачот на ОБСЕ во Украина, Михаел Бочјуркив, за ДВ изјави дека украинската војска не употреила касетни бомби. „Во источна Украина имаме околу 90 набљудувачи. Да забележевме такво нешто, ќе го пријавевме, ама такво нешто се нема случено. Сѐ што ние имаме да кажеме за муницијата и ракетирањето го пишува во нашите дневни извештаи“, вели претставникот на ОБСЕ.

Сомнежи во извештајот на ХРВ

Сигурни сознанија за употребата на касетна муниција можат да прижат само воени експерти, смета Антон Мишненко од украинскиот истражувачки центар за војска, конверзија и разоружување. Тој критички гледа на извештајот на ХРВ: „ Граѓанските организации немаат кфалификувани експерти кои можат да кажат дали станува збор за експлозии на касетни бомби и од каде биле испукани“, вели Мишненко за ДВ. Тој смета дека сепаратистите намерно ги дезинформирале претставниците на ХРВ.

И Николај Сунхуровскиј од киевскиот истражувачки центар Разумков се сомнева во наводите на ХРВ: „Тие се темелат само на изјави на сведоци кои ја набљудувале траекторијата на ракетата“, вели тој за ДВ. Сунхуровскиј не ја исклучува можноста касетните бомби да ги употребиле „залутани единици на бунтовниците“, и оти тие можеле да навлезат во тампон- зоната меѓу сепаратистите и украинската армија и од таму да ги гаѓаат населените места.

Украина нема интерес во уништувањето на инфраструктурата и станбените објекти во Донбас, зашто по завршувањето на судирите Киев ќе мора да го обнови регионот, смета Сергиј Сгурец од украинската консалтинг-компанија Дефенс експрес. Тој смета дека Москва сака да го заслабне воениот потенцијал на индустрискиот регион Донбас и да ја дискредитира украинската војска , „а за такво нешто“, вели „најсоодветно средство е употребата на касетна муниција.“

SPD-Bundestagskandidat Gernot Erler
Гернот Ерлер, ополномоштеник на германската влада за РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Берлин е за независна истрага

Во меѓувреме германската влада се заложи за независна истрага на обвинувањата дека украинската армија употребила касетни бомби. Ополномоштеникот на владата во Берлин за Русија, Гернот Ерлер, изјави дека Германија нема сопствени сознанија дали во Украина се употребени касетни бомби и кој го сторил тоа. „Меѓутоа Хјуман рајтс воч е сериозна органиација а проектот е направен заедно со весникот 'Њујорк тајмс“, што значи: да се има нешто против украинската влада што е чисто како солза. Дотолку повеќе постои голема потреба сето тоа да се разјасни а за таа цел во секој случак е потребна неависна истрага“, порача Ерлер.