1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се штеди или да се троши

Кристоф Хаселбах/ Симе Недевски23 октомври 2014

Германската влада се смета себеси за пример за цела ЕУ кога станува збор за консолидацијата на буџетот. Но сѐ повеќе запаѓа во дефанзива. Тоа ќе се покаже и на најновиот самит на Европската унија.

https://p.dw.com/p/1DZLX
Фотографија: Leon Neal/AFP/Getty Images

И без тоа посниот економски раст во Европа сега дополнително ослабнува. Стравот од нова рецесија се враќа. Притоа многумина се надеваа дека кризата е конечно надмината. Сега повторно во фокусот е враќа дискусијата за исправната политика. На едната страна стојат земји како Франција или Италија. Тие сакаат помалку да штедат и да го поттикнат растот со насочени државни инвестиции. На другата страна е во прв ред Германија, но тука се и Велика Британија, Холандија и Финска. Тие сметаат дека излез од кризата може да се најде само преку избалансирани буџети и поголема конкурентна способност.

Политички екстремизам како средство за притисок

Во актуелната ситуација Европа мора „да инвестира во растот“ а не само да се концентрира на тврдата линија на штедење, порача италијанскиот премиер, социјалдемократот Матео Ренци. Конечно, истакна тој, досегашната политика на штедење не донесе никакво решение. И францускиот претседател Франсоа Оланд, истотака социјалист, се надоврза на ставовите на Ренци: „Насекаде владее несигурност. Конјунктурата во САД е омлитавена , Европа уште не најде пат за враќање кон растот, а токму економскиот раст е она за што јас се борам“. Францускиот министер за економија Емануел Макрон предупреди дури и од рецесија како онаа во 30-те години од минатиот век: „Ние треба да учиме од овие грешки. Политичките консеквенци тогаш беа катастрофални“, изјави Макрон, алудирајќи притоа на подемот на нацизмот во Германија. Денес наспроти тоа Макрон пред очи ја има Франција. Таму Марин Ле Пен од десно-екстремистичкиот Национален Фронт врбува со едноставните рецепти на изолационизмот и непријателството кон странците

Symbolbild Haushalt
Фотографија: picture alliance/dpa

Франција е вкочанета

Во суштина Франција, согласно правилата на европскиот Пакт за финансиска стабилност мора значително повеќе да штеди , за конечно буџетскиот дефицит да го доведе под дозволената граница на нови задолжувања од 3 проценти. Во моментов тие изнесуваат далеку преку четири проценти Европската комисија теоретски би можела да ја принуди земјата на штедење. Меѓутоа уште во 2013. година да ѝ излезе пресрет на Франција и ѝ даде уште две години време за прилагодување на правилата. Сега француската влада меѓутоа бара продолжување од уште две години. Економскиот експерт Гунтрам Волф во основа смета дека европската политика на штедење треба малку да се олабави, зашто како што вели „и натаму живееме во специфично време“ . Новите задолжувања неопходни за тоа се издржливи поради ниските каматни стапки, смета тој. Но по овој пат, според него, треба да одат само држави кои за такво нешто имаат финансиски простор за дејствување, како на пример Германија. Франција, наспроти тоа , загуби многу од довербата што и беше дадена зашто имаше мали резултати во периодот за прилагодување што и го даде Еврокомисијата, истакнува Волф. „Ако Европската комисија повторно искаже подготвеност за компромис, таа ќе мора флексибилноста при толкувањето на правилата да ја комбинира со тешки задачи“, вели експертот од Брисел.

Шојбле треба да заборави на „црната нула“

Сепак дури и ако економски и буџетски стабилните држави можат да даваат повеќе пари, и натаму се поставува прашањето , зашто да ги даваат. Ако се влеваат во конзумот, државата на тој начин често само распламтува слаб оган без вистинско дејство. Тоа го доживеа и Франција во периодот 2009/2010 година. Гунтрам Волф вели дека постојат јасни предности но и слабости на трошењето ан државните пари : „Ако поправам еден мост, тоа е добра инвестиција, зашто потоа во наредните години помалку же се менуваат амортизери и ќе има помалку сообраќајни застои . Ако пак само ги зголемам пензиите , тоа не е потег за иднината туку чекор назад“. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, меѓутоа се скржави дури и за позитивните инвестиии. Ако се прашува тој, германскиот буџет наскоро за првпат по децении треба да биде без нови задолжувања. Со т.н „црна нула“ односно избалансиран буџет, германската влада сака да дадае јасен сигнал дека Европа и покрај тешките состојби треба да опстои на курсот на буџетска консолидација. Меѓутоа Гунтрам Волф е скептичен: „ Црната нула не е важна како сигнал. Таа во актуелнава ситуација економски речиси и да неможе да се оправда. Таа повеќе е политичка цел“. Цел која сега германската влада мора да ја прилагоди.

Schulden Haushalt Steuern Währung Konjunktur Euro
Фотографија: picture alliance/dpa

Структурните реформи се поважни отколку износот на дефицитот

Политичарите од северните земји-членки на ЕУ, како канцеларката Ангела Меркел , британскиот премиер Дејвид Камерон или пак поранешниот шведски премиер Дредрик Рајнфелд со години проповедаат дека веќе одамна работата не е само во буџетските бројки. Вистинската тема е всушност конкурентната способност. А за да се подобри таа најчесто не се потребни дури ни пари. И Гунтрам Волф истакнува: „Уште поважно од правилата за дефицитот се структурните реформи“. Шпанија е пример за тоа дека структурните реформи можат да придвижат напред една земја. Меѓутоа тоа е многу напорен пат и најчесто има и политичка цена. И владата на Меркел во однос на ова беше прилично малодушна. Таа профитираше од реформите на владата на нејзиниот претходник, но самата воведе програми за мајчинска пензија, за најниска законски гарантирана плата и за предвремено пензионирање. Сето ова добро проаѓа кај избирачите ама конкурентната способност страда. Поради тоа Германија не отиде премногу далеку со својата функција на пример за останатите во Европа.