1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сојуз: Задоцнето, но сепак на целта

ЖА/дв/миа/дпа/ртре28 март 2014

Капсулата на Сојуз првично требаше да се закачи на МВС по шест часа лет, но не успеа поради компјутерска грешка. По два дена кружење околу Земјата, астронаутите стигнаа на целта.

https://p.dw.com/p/1BXcc
Фотографија: NASA/dapd

Вселенскиот брод Сојуз ТМА-12М, со тричлен меѓународен екипаж, по дводневно задоцнување во текот на минатата ноќ се закачи за Меѓународната вселенска станица (МВС). Бродот, што на 26 март беше лансиран од космодромот во Бајконур, на МВС ги однесе Русите Александар Скворцов и Олег Артемиев и Американецот Стивен Свонсон. Со нив екипажот на станицата повторно се зголеми на шестмина членови. Новајлите беа пречекани од Михаил Турин, Коити Ваката и Ричард Мастракио.

На екипажот во следниот речиси шестмесечен престој во вселената му претстои изведување на повеќе големи зафати. Експедицијата во орбитата ќе остане точно 169 дена. За тоа време ќе прифати неколку товарни бродови и ќе изведе мноштво научни истражувања: 49 експерименти од руска програма и 170 од американската. Освен тоа, за време на излегувањето во отворена вселена, планирано за август, руските космонаути ќе пуштат во употреба перуански мини сателит.

Првично се планираше Сојуз да се закачи на МВС по кратката, шестчасовна процедура, но поради проблеми во работата на системите за ориентација на бродот беше одлучено да се премине кон резервната процедура.

Работата на МВС инаку ја обезбедуваат 16 држави, но главно ја финансираат Русија и САД. Американците се зависни од руските ракети Сојуз, зашто по запирањето на нивната програма Спејс шатл, не можат веќе самите да испратат космонаути во вселената.