1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојбата во источна Украина се заострува

ЕМФ/ард24 април 2014

Украинската армија почна акција против проруските активисти во Славјанск. Притоа, според Киев, се убиени најмалку петмина проруски сепаратисти. Русија одговара со воени маневри.

https://p.dw.com/p/1Bo1P
Фотографија: Reuters

Украинските специјални сили при „антитерористичката“ акција освоиле три контролни пункта, соопштено е во Киев. Во акцијата бил повреден еден припадник на безбедносните сили. Претходно, претставници на „народната милиција“ верна на Москва известија за борби во регионот.

Славјанск, исто како уште десетина други градови во источна Украина, со денови е во рацете на проруските групи. Во градот има околу 2.000 вооружени лица. Дел од сепаратистите бараат припојување на овој дел на Украина кон Русија.

Украинските сили, според информациите од теренот, преземаат и други акции против проруските сили. Властите во Киев дале наредба за празнење на Градското собрание во Мариупол од проруски активисти, кое беше окупирано околу една недела. Зградата е „ослободена“ за да може повторно да се продолжи со работа, соопшти преку Фејсбук украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков. Според министерот, нема информации за повредени. На една локална информативна интернет страница, пак, осамна вест за пет лица кои биле повредени во судирите на окупаторите на објектот со полицијата.

Во текот на ноќта, според украинската влада, имало и напад од страна на проруски активисти врз армиска база во градот Артемивск. Нападот на повеќе од сто вооружени лица е одбиен, соопштија министерствата за внатрешни работи и за одбрана во Киев. Во нападот бил повреден најмалку еден војник.

Русија реагира со воени маневри

Рускиот претседател Владимир Путин го осуди новото насилство во источна Украина против проруските активисти. „Ако режимот во Киев ја ангажира армијата против населението во рамките на земјата, тогаш тоа, без сомневање, е сериозно злосторство“, ја пренесува изјавата на Путин руската агенција Интерфакс. Освен тоа, шефот на Кремљ поради украинската воена акција се заканува со „последици“.

Такви последици веќе има - Русија почна големи воени маневри на заедничката граница со Украина. „Приморани сме да реагираме на ваков развој на ситуацијата“, соопшти рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Вчера Москва индиректно му се закани на соседот со воена акција, по што НАТО го обвини раководството во Кремљ за „експлозивна реторика“.

Ukraine ukrainische Soldaten in Ostukraine
Украинските сили почнале „антитерористичка акција“, соопшти КиевФотографија: picture-alliance/AP Photo

Штајнмајер бара примена на Женевскиот договор

Украина, Русија, ЕУ и САД минатата недела во Женева договорија „разоружување на илегалните вооружени групи“ во Украина и повлекување од окупираните згради. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, кој е во посета на Грузија, се обрати до двете страни во конфликтот и од Украина и Русија побара целосно спроведување на договореното во Женева. Штајнмајер најави дека Германија ќе ја зајакне финансиската и персонална поддршка на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина.