1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден меѓу азил и амнестија

Геро Шлис / Александар Методијев31 јули 2014

Што ќе стане со Едвард Сноуден по едногодишниот азил во Русија? Очигледно тој преговараше за враќање, но украинската криза му го намали маневарскиот простор на Обама. Јавниот интерес во САД за темата се намалува.

https://p.dw.com/p/1CmUQ
Edward Snowden Asyl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Земајќи ги предвид напнатите американско-руски односи, случајот „Сноуден“ со сигурност не e високо на листата со приоритети на претседателот Барак Обама. Во моментов исто толку нереалистично како и неговото испорачување е доброволното враќање во САД, за што се дискутира одново и одново во вашингтонските политички кругови.

Неодамна сојузниот германски министер за правда Хајко Мас му препорача на поранешниот соработник на НСА да се договори со американската влада за условите за враќање во САД. На крајот на краиштата, тој не сака целиот свој живот да го мине од еден во друг азил. Но, договорот е далечно нешто.

„Никогаш не велам никогаш, ама сметам дека е екстремно неверојатно Сноуден да се врати во САД“, изјави за Дојче веле експертот за тајни служби Кен Гуде од „Центарот за американски прогрес“.

И републиканскиот конгресмен Чарли Дент смета дека „тој нема доброволно да се врати во САД“. „Имам сомнеж дали владата навистина ќе води искрени преговори со него“.

Преговори со владата на Обама

Гуде смета дека најмалку барем на почетокот на годинава се водени сериозни разговори меѓу владата на Обама и претставниците на Сноуден. „Прашањето што овде често се дискутира е дали треба да му ја дадеме на Сноуден од него побараната амнестија, за да се врати назад“, вели Гуде. Самата НСА соопшти дека е заинтересирана за разговори со Сноуден. „Најважната мотивација за тоа е што самата НСА денес - една година по објавувањето на првите документи, уште нема преглед на тоа што се’ тој земал со себе“, вели Гуде. Тој додава дека последните новинарски извештаи во САД информираат оти НСА во меѓувреме наводно го загубила интересот за „бизнис“ со Сноуден, оти неговите информации со текот на времето загубиле на вредност.

Charlie Dent
Чарли Дент (лево) бара испорачување на Сноуден во САДФотографија: DW/G.Schliess

Ако е јасно дека најголем дел од документите Сноуден одамна ги даде на рака, сега би било вредно за НСА да се дознае што уште има дадено, вели Гуде. „Овие информации би можеле да бидат вредни за него во преговорите, кои ги води со американската влада. Но, во основа тој нема силна преговарачка позиција и целосно е невозможно да добие генерална амнестија“, додава експертот за тајни служби.

Во моментов Сноуден ја очекува поштата од Кремљ. Пред неколку недели тој поднесе барање за продолжување на неговиот азилантски статус. Дозволата за престорј во Русија истекува денеска, 31.07.2014 година. Речиси никој не се сомнева дека на неговото барање ќе биде позитивно одговорено. Веројатно ниту Обама, кој од пред една година залудно бара испорачување на Сноуден.

Републиканците бараат поголем притисок од Обама

USA PK Obama zur NSA-Affäre 17.1.2014
Рацете на Обама му се врзаниФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Конгресменот Чарли Дент бара од Обама да направи поголем притисок врз Русија. Сериозноста на кривичното дело на поранешниот соработник на НСА оправдува нов почеток.

„Едвард Сноуден треба да биде испорачан на САД. Преку неговите објави САД беа засрамени и понижени, пред се’ во Германија“, вели Дент додавајќи дека Сноуден ги загрозил животите на многу американски војници во светот. За неговото враќање условот секогаш е амнестија. Но, Обама во моментов нема политичка волја за великодушен договор со Сноуден.

Медиумскиот интерес има граница

Конгресменот Дент, кој одржува интензивни односи со Германија и нејзината политичка класа, посакува ова да не се гледа како незаинтересираност за проблемите на еден важен сојузник. „Ирак е прегазен, во Сирија луѓето се убиваат меѓусебно, малезискиот авион беше соборен, а на нашата граница во моментов имаме десетици илјади деца без придружба кои ја преплавуваат земјата. Не е дека Американците не се интересираат за темата НСА, туку ова е натпреват со останатите случувања“, вели Дент.

Но, Сноуден сепак е присутен. „Пред неколку недели доушникот го разобличи водечкиот претставник на муслиманските организации во САД“, вели Гуде. Тоа наиде на голем интерес. А, пред неколку дена Сноуден раскажа во неговото големо интервју за „Гардијан“ дека неговите млади колеги од НСА со задоволство меѓусебно си испраќаат разголени слики, кои потекнуваат од следењето на електронската пошта. Со оваа приказна Сноуден успеа си најде место дури и во американските таблоиди.