1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Следењето на комуникациите во Македонија се врши без контрола!?

Владимир Калински9 август 2013

Истражувачката група Ситизен лаб од Универзитетот во Торонто, неодамна објави податоци за малициозен софтвер наречен ФинФишер кои покажуваат дека го користиат 11 земји, меѓу кои и Македонија.

https://p.dw.com/p/19Mm2
Фотографија: imago/INSADCO

Прислушувањето како посебна истражна мерка ја користат службите за безбедност за поефикасна борба во откривањето и докажувањето на кривични дела, како организиран криминал, корупција, тероризам, перење пари. Но, демократските општества се соочуваат со предизвиците како да воспостават соодветна контрола на врз спроведувањето на овие посебни мерки, особено во делот на заштитата на човековите права и слободи.

Дигиталната ера и интернетот отворија нови поинакви можности за прислушување и собирање податоци, за кои во јавноста малку се знае. Тоа го покажува моменталната глобална вознемиреност поради програмата за прислушување на американската Национална агенција за безбедност. Откако поранешниот припадник на ЦИА, Едвард Сноуден, откри документи кои покажуваат дека американската влада ја загрозува приватноста на милиони луѓе, дебатите се насочени кон потребата од унапредување на законските регулативи за заштита на човековите права од прислушувањето.

Македонските институции немаат податоци за работата на службите во оваа област

Следењето на комуникациите во Македонија, законски е регулирано во 2006 година. Собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, е овластена да врши контрола на законитоста на следењето на комуникациите.

Tito Petkovski Mazedonien
Тито Петковски: Комисијата нема никаква моќФотографија: DW / Stojanovski

Претседателот на Комисијата, Тито Петковски, во разговор за Дојче веле, истакна дека Комисијата не е во можност да врши соодветна контрола, бидејќи нема пристап до документацијата од следењето на комуникациите од страна на полицијата:

„Власта не дозволува увид во никаква документација во врска со следењето на комуникациите. Комисијата нема никаква моќ. Кога јас, како претседател на Комисијата барам увид во документацијата, власта тоа го смета за обид за моја лична промоција. Случајот со Љубе Бошкоски потврди дека власта не е расположена за Комисијата да врши надзор врз следењето на комуникациите. Кога го бараме тоа од МВР, нивниот одговор е дека нема никакво следење на комуникациите кон ниеден граѓанин“, вели Тито Петковски.

На ваквото тврдење, побаравме одговор од Министерството за внатрешни работи: „Полицијата ги почитува сите институции и државни тела и до нив ги доставува сите информации што треба да ги достави“, вели потпаролот на МВР, Иво Котевски. 

Случаи на повреда на човековите права при спроведувањето на мерките за следење на комуникациите досега не се пријавени ниту до Народниот правобранител и граѓанските организации.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека: „Дирекцијата за заштита нема добиено претставки од граѓани кои се однесуваат на следење на комуникацијата. Единствените претставки кои Дирекцијата досега ги има примено, се однесуваат на интернет комуникацијата и злоупотребите на личните податоци преку користењето на интернет сервисите“.

Symbolbild Überwachung Internet Spionage Kabel
Фотографија: Fotolia/zorandim75

Дали законот се однесува на заштита на човековите права?

Во септември 2012 година беа донесени последните измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите. Пратениците со консензус ги изгласаа измените, истакнувајќи ја нивната важност за евроинтеграциите на земјата. Во извештајот на ЕУ за Македонија, во 2011 година, се наведува потребата од измените на законот поради директна вмешаност на Министерот за внатрешни работи при одобрување на следење на комуникациите. Така, со новите измени се овозможи предлог за прислушување до Јавниот обвинител, наместо Министерот за внатрешни работи, да дава службеник на МВР.

Избришан е и членот 2 кој претходно ги обврзуваше МВР и Министерството за одбрана да прислушуваат само со наредба на надлежен суд. Проширен е опсегот на институции кои можат да вршат следење на комуникациите, освен МВР, сега тоа можат да го вршат и Управата за финансиска полиција и Царинската управа. Веќе не постои ниту членот 8, според кој судот можеше да нареди следење на комуникациите само ако за одредено лице посојат основи за сомневање дека е сторител на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години.

Невладините организации тогаш изразија загриженост дека измените во законот ќе бидат злоупотребени од страна на власта. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнаа дека измените не даваат гаранција како ќе се заштитат човековите права и дека кај нив се зголемува чувството дека законот ќе се користи како инструмент. Од Македонскиот центар за европско образование, пак, беа со став дека и со овие измени полицијата има простор за злоупотреба, бидејќи нема систем со кој ќе се контролира следењето, рекоа од организацијата.
Проширувањето задира во приватната сфера?

Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите има обврска да достави до Собранието годишен извештај за нејзината работа и активности. Во него се наведени и дискусите меѓу членовите на комисијата во однос на Предлог законот.  

Во извештајот стои дека во дискусијата на претседателот на Комисијата, меѓу другото, било укажано дека: „ова проширување на следењето на електронските комуникации сериозно задира во приватната сфера и треба да се размисли кој ќе го прави и кај кого ќе пристигнуваат информациите, особено ако во подоцнежна фаза се утврди дека соменевањата не биле основани. Исто така треба да се размисли за посебен (единствен) центар за следење на комуникациите кој ќе биде надвор од Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа затоа што овие институции ги раководат политички поставени луѓе и може да има злоупотреби.“

Исто така, во дискусијата на претседателот на Комисијата било укажано дека: „со предложените измени се воведува и следење на интернет протоколите и бидејќи ваквата комуникација не може да се следи со стандардните начини и опрема за следење на комуникациите, ќе треба да се набави софтвер кој чини пари и ова уште еднаш во прилог на тоа дека законот предизвикува финансиски импликации“, се вели во извештајот.

Symbolbild Überwachung Internet Spionage Kabel
Фотографија: Fotolia/kubais

ФинФишер (FinFisher)

Истражувачката група Ситизен лаб од Универзитетот во Торонто, неодамна објави податоци за малициозен софтвер наречен ФинФишер кои покажуваат дека го користиат 11 земји, меѓу кои и Македонија. Според истражувањето, ФинФишер софтверот овозможува пристап до целиот систем на корисникот и следење на неговата комуникација преку интернет. На пример, што пишувате на тастатура, пристап до сите лозинки на компјутерот и мобилниот телефон, вклучување на вашата камера и микрофон, а без да знае корисникот. Во  извештајот на Ситизен лаб насловен „Комерцијализација на дигиталното шпионирање: Само за нивните очи“, се наведуваат причините зошто овој софтветр е штетен, а една од нив е фактот дека софтверот многу често се злоупотребува од страна на владите за следење и замолчување на граѓанските активисти или пак секој оној што не се согласува со политиките на одредена влада, а како конкретен пример за ова, во извештајот е наведен случајот Бахреин.