1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје - тајната европска престолнина на ракометот

Бјерн Пацен,дпа/С. Недевски19 април 2014

Под овој наслов германската новинска агенција ДПА прави осврт на успехот на македонските тимови Вардар и Металург спроти нивната четвртфинална пресметка во Лигата на шампионите со германските клубови Фленсбург и Кил.

https://p.dw.com/p/1Bl02
Фотографија: Agentur Makfax

Тоа досега го немало во ракометот: два градски ривали квалифицирани во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Викендов Вардар и Металург од Скопје сакаат против Кил и Фленсбург да го продолжат вивнувањето во ракометните височини.

Металург и Вардар меѓусебе се сакаат колку Борусија Дортмунд и Шалке (големите фудбалски ривали од Рурската област во Германија, н.з.) . Сега двата македонски клуба рака под рака пишуваат спортска историја. Тие веќе се потрудија за една новина: не станаа Барселона или Париз први градови со два клуба во четвртфиналето на Лигата на шампионите, туку Скопје е новиот таен ракометен главен град на Европа. Металург денеска (19.04.) игра против Кил, а в понеделник Вардар му гостува на Фленсбург.

„Овој успех е неверојатен за Скопје, за Македонија“, вели Лино Червар. Хрватот кој репрезентацијата на неговата татковина ја предводеше до олимписката титула во 2004. година и до светската титула во 2003. година, е тренер на Металург од 2009. година и со три национални титули го претвори клубот во перјаница на ракометот во земјата. Финансиски поддржан од производителот на челик Минчо Јорданов, кој според магазинот Форбс е најбогат човек во Македонија, Червар создаде екипа, која во минатата година за првпат се погрижи за сензација на меѓународната сцена. Металург стана првиот македонски клуб во историјата кој се пласираше во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Handball: RK Metalurg Skopje gegen Paris Saint-Germain
Фотографија: MAKFAX

„Скопскиот пекол“

Тогаш рускиот мултимилионер Сергеј Самсоненко ја откри својата љубов кон ракометот. Тој го презема градскиот ривал на Металург, Вардар, вложи милиони во екипата и Вардар стана македонски шампион во 2013. година. Пред актуелнава сезона тој повторно го одврза ќесето и ангажираше бројни руски ѕвезди и најголемиот ракометен талент во светот - Алекс Душебајев. Покрај тоа тој купи уште една светска селекција за женскиот ракометен клуб на Вардар. И ракометарките им го покажаа патот на двата машки клуба во Скопје и во првата сезона во Лигата на шампионите веднаш се пласираа на финалниот турнир. Таму, на фајнал-фор турнирот за машките клубови во Келн, сакаат да се квалификуваат и Вардар и Металург. Последните пречки за нив се викаат Кил и Фленсбург. „Тоа е сѐ друго само не лесна задача“, вели менаџерот на Фленсбург Дирк Шмешке. „Имаме голем респект“, истакнува и менаџерот на Кил, Клаус Елварт.

Кил денеска во првиот натпревар од четвртфиналниот двомеч го очекува „скопскиот пекол“. Зашто арената „Борис Трајковски“ е озлогласена. Во групната фаза од Лигата на шампионите - токму на дуелот Вардар-Металург, таму веќе леташе една пластична столица на теренот, на кој правдата ја делеа германските судии Ларс Гајпел и Маркус Хелбих

Handball HSV Hamburg vs HC Vardar 30.03.2014 in Hamburg
Фотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

„Во ниту една сала не е толку гласно како во Скопје, никаде нема толку френетична публика“, веќе се увери во тоа тренерот на Хамбург, Мартин Швалб.

Скопски лекции за Хамбург, Барселона, Париз сен Жермен

Бранителот на титулата во Лигата на Шампионите веќе ја доби својата скопска лекција. По нерешените 28:28 кај Вардар, ракометарите на Хамбург во осминафиналниот реванш загубија на домашен терен со 30:29 и испаднаа.

Ниту една екипа сезонава сѐ уште нема победено во Скопје: Вардар дома избори реми против светските ѕвезди од Барселона и Париз Сен-Жермен, а Металург е единствениот тим сезонава кој успеал да му нанесе пораз на големиот фаворит за титулата - Барселона, се разбира во арената „Борис Трајковски“, каде истотака го совлада и Париз Сен-Жермен.

Поради тоа кај двата градски ривали владее голем оптимизам: „Фленсбург е најлесниот противник за да се пласираме на финалниот турнир“, порача капитенот на Вардар Филип Лазаров, кој минатата недела со неговата екипа по вторпат по 2012. година ја освои регионалната СЕХА лига.

„Во Скопје сѐ уште не победил никој, и така треба и да остане“, вели генералниот секретар на Металург Зоран Цветковски и додава: „Ние си заслуживме противник како Кил“.

А, ако не се успее? Рускиот милионер Самсоненко веќе си најде втор потпорен столб - тој го презема и фудбалскиот клуб Вардар и сака што е можно побргу пласман во групната фаза во Лигата на шампионите. Визии во Скопје не недостасуваат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема