1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сиромаштија во исхраната“ ѝ се заканува на Македонија

Свето Тоевски18 октомври 2014

Со сиромаштија во исхраната се соочуваат 545 илјади граѓани, а десетици илјади гладуваат. Животниот стандард на голем дел од населението во Македонија драматично опаѓа, поради растечката сиромаштијата.

https://p.dw.com/p/1DY2s
Фотографија: DW/S. Toevski

Според податоците на европската статистичка служба „Евростат“, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа. Брутoдомашниот производ на земјата во 2012 година по еден жител, мерен преку паритетот на куповна моќ, изнесувал 35 проценти од просекот што го имаат 28-те земји - членки на ЕУ. Во конкуренција од 187 држави во светот според сиромаштијата таа се наоѓа на 84-то место - покажува годинашниов извештај на „Програмата за развој“ на Обединетите Нации. Светска банка укажува дека повеќе од 30 проценти од луѓето во Македонија живеат со помалку од еден долар на ден, а две третини од населението со помалку од два долара на ден. Според последните податоци на Државниот завод за статистика на РМ, кои се однесуваат на 2011 година, сиромашни лица се 30,4 отсто од сето население. Социјално најранливи групи се повеќечлените домаќинства: 48,5 отсто од сиромашните живеат во домаќинства со 5 и повеќе членови..

„Како се чувствуваат луѓето кои бараат храна во контејнерите за ѓубре?“

Д-р Маја Геровска - Митева, експерт за социјална политика од Државниот институт за социјална работа и социјална политика од Скопје, се надоврзува кон оваа фактографија: „Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, под прагот на сиромаштија во Македонија во 2010 живееле 558 илјади граѓани, а во 2011 545 илјади граѓани. Во 2011 година се зголемил бројот на лица, кои не можат да си дозволат секој втор ден јадење со месо, риба или соодветна протеинска храна. Во 2011 57 проценти од населението се соочувале со сиромаштија во исхраната’.“

Д-р Сунчица Димитриовска, експерт за социјална политика од истиот институт, коментира: „Неможноста да се купи доволно храна е македонската реалност за големиот број сиромашни луѓе, кои се невработени, но и за оние кои што се сиромашни, иако работат, чија бројка, исто така, се зголемува. Секој ден од оваа година гледав луѓе, кои бараат храна на места каде што се фрла отпадот – во контејнерите. Се прашувам: какви се чувствата на тие луѓе кога се гладни и кога бараат нешто за својот опстанок во контејнерите, а особено како се чувствуваат нивните деца, кои стојат до нив? Недоволната исхрана, па и гладувањето, ја загрозуваат биолошката егзистенција, а тоа е најосновното ’обесмислување на човекот’“.

Јорде Јаќимоски, експерт за социјална политика и животен стандард на населението и директор на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања од Скопје, фрла поширок поглед на „социјалата“.

„Сиромашните стануваат уште посиромашни, припадниците на средниот слој се спуштаат во долните општествени слоеви, а сѐ помал дел од населението станува побогато. Сиромаштијата во земјата е придружена со неисхранетост, ограничен пристап до образовните и здравствените услуги, невработеност и слично. Кај огромен дел од населението (невработени, пензионери, неквалификувани работници, земјоделци, домаќинки) се намалуваат ионака ниските финансиски средства за исхрана, облека и обувки, за опрема, школување на децата и слично. Околу 23 проценти од популацијата не можат да си ги покријат трошоците за храна. Најголем дел од популацијата што нема доволно пари да купи храна се невработените, лицата без образование, домаќинките и селското население во планинските и во неразвиените реони.“

Infografik Welthunger-Index 2014 Übersichtskarte Englisch
Индексот за гладот во светот во 2014

Живот на работ на опстанокот

Дојче веле посети две тетовски семејства, кои се наоѓаат токму во зоната на сиромаштија, проследена или со повремена глад, или со почеста недоволна неисхранетост на нивните членови. Павле Г. со своите четириесеттина години има веќе позначителен стаж и како „технолошки вишок“ во неговото поранешно претпријатие, во кое работел 15-тина години, а потоа и како „социјалец“. Ова е неговата животна приказна: „Четири души дома се издржуваме од 180 евра, од платата на мојата вработена сопруга. Во август и септември годинава ми беше најтешко последниве десеттина години. Откако ќе ги платев сметките, со денови имав дословно само по еден денар во џепот, или сосема останував без пари. Кога двете деца ќе го отвореа фрижидерот не наоѓаа ништо во него, освен евтин маргарин од половина евро. Имав и само два леба. Ништо друго за јадење. Летово се снаоѓав продавајќи отпаден метал од визбите на моите роднини и пријатели. Се прашувам допрва со кои пари ќе ги плаќам зимските сметки за струја, водата и ѓубрарината, кои штотуку во Тетово поскапија за 50 отсто ... Кои пари ќе ни останат за прехранување?“

Џеладин Х. има 49 години и четиричлено семејство, за кое секојдневно води борба за опстанок. Тој вели: „Живееме од денес за утре. Не сум вработен. Повремено се снабдувам во маалските продавници со леб и млеко на вересија, па плаќам по 10-15 дена. Јадеме недоволно, месо и такви ’луксузи’ не сме виделе дома барем 4 месеци. За среќа, двата сина ми се вредни и работливи, па поработуваат повремено како аргати и донесуваат нешто пари дома. Не дозволувам да не обземе очај.“

Кои мерки на планот на социјалната заштита на населението презема Владата? Таа истакнува: „Социјалната заштита се остварува преку систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици, на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита. Социјалната заштита во 2014 година се реализира и преку обезбедување права на парична помош од социјална заштита и тоа постојана парична помош за лицата неспособни за работа и материјално необезбедени, социјална парична помош за лицата способни за работа и материјално необезбедени, право на здравствена заштита и еднократна парична помош и друго.“

Hunger in Mazedonien
Во народните кујни се добива топол оброкФотографија: DW

Што презема Министерството за труд и социјална политика заради помагање на лицата, кои немаат финансиски средства самите да се прехранат? Тоа посочува на проектот наречен „народни кујни“: „За да им се излезе во пресрет на потребите на старите и немоќните лица, кои се наоѓаат во исклучително тешка социјална положба, поради материјална необезбеденост, Владата се определи за обезбедување еден топол оброк за оваа група граѓани. Затоа досега се отворени се 44 народни кујни со 3597 корисници. Годинава ќе се отвори ваква кујна и во Ранковце.“

Професорката Геровска - Митева смета дека „народните кујни се „последен излез“, или последен инструмент на „социјалната сигурносна мрежа“: „Тие не можат и не треба да претставуваат замена за системот на социјално осигурување (на пример, пензиите) и системот на социјална заштита (на пример, социјалната помош). Долготрајното решение за споменатите проблеми треба да се бара во: подобрување на пристапот до образование, здравство и социјално домување за најранливите категории (оние кои немаат идентификациони документи, непријавените работници и слично), воведување даночно финансирани народни пензии (за лицата над 65 години кои немаат никакви приходи), како и преку социјални надоместоци, кои обезбедуваат соодветен животен стандард.“

Професорката Димитриовска дополнува: „Вклучување нов корисник во услугите на народните кујни е можно само по испразнето место на друг корисник. Голем дел од потенцијалните корисници, кои се сиромашни и имаат потреба од приготвен оброк, поради немање пари за превоз, или поради намалена подвижност, не се во можност да дојдат сами да ја земат храната, што е услов за користење на тие кујни. Ова е голем недостаток во постојната политика и во примената на програмите за набавка на храна.“

Црвениот крст и оваа година го одбележува Меѓународниот ден на храната и против гладта со повеќе активности, кои ќе се организираат во текот на кампањата „Помислете и на нас''. Се очекува во оваа кампања да се вклучат и компаниите од стопанството и тие да уплаќаат парични средства за оваа хуманитарна организација, зради набавка на пакети со храна, кои ќе бидат дистрибуирани до сите општински организации низ земјата.