1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЗО со кризен план за борба против еболата

ЕМФ/БГ/дпа/дв1 август 2014

Светската здравствена организација има намера со итна програма од 100 милиони долари да ја стави под контрола епидемијата на ебола во западна Африка.

https://p.dw.com/p/1CnJg
Фотографија: Reuters

Светската здравствена организација соопшти дека програмата тешка 100 милиони долари треба да стартува денеска (1.08) со одлука на кризен самит во Конакри, Гвинеја. Со средствата треба да се зголеми значително бројот на медицински лица кои се ангажираат против болеста. Генералната директорка на СЗО, Маргарет Чен, оцени дека најитен проблем е наоѓање доволно лекари, медицински сестри и експерти за заразни болести, луѓе за логистичка поддршка и социјални работници. Акциониот план предвидува и зајакнати мерки за превентива. „Состојбата е надвор од контрола“, оцени координаторот на Лекари без граници, Маријано Луиџи, во Женева. Според него, вирусот не може да се запре, а здравствените власти во погодените земји не можат да се справат со еболата.

Првите случаи на ебола беа регистрирани во Гвинеја, во март годинава. Подоцна беше утврдено дека првите инфекции се појавиле уште во декември 2013 година. Набргу потоа вирусот се прошири и во Либерија и Сиера Леоне.

Според податоци на СЗО, до 27. јули од ебола починале 730 лица, или повеќе од половината од инфицираните. Ебола, или хеморагична треска, е многу заразно вирусно заболување. Има период на инкубација од два до 21 ден: почнува со треска и замор, потоа следуваат главоболки, повраќање и незапирлива дијареа, а на крајот завршува со повеќекратно откажување на органи и обилно внатрешно крварење. Вирусот се пренесува преку директен контакт со крв или слузница од заразено лице, или со предмети кои биле контаминирани од нив.

Ebola Westafrika Liberia
Фотографија: Cellou Binani/AFP/Getty Images

Против болеста и натаму не постои вакцина или друг сигурен лек, па стапката на смртност изнесува околу 50 отсто, а може да достигне и до 90 проценти. Лекувањето главно се состои од спречување на пациентот да не дехидрира.

Еболата е откриена во 1976 година во Конго, а името го добила по името на реката крај која биле најдени првите жртви на болеста. Американскиот центар за контрола на заразни болести смета дека болеста до луѓето најверојатно доаѓа преку инфицирани диви животни. Главни „осомничени“ во тој поглед се големите лилјаци кои живеат во региони на Африка.