1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сепаратистите ги предадоа црните кутии

АТ/ макфакс/ афп/ртр/дпа22 јули 2014

Проруските бунтовници ги предадоа црните кутии од боингот на „Малезија ерлајнс“ кој најверојатно беше соборен над Источна Украина. Советот за безбедност на ОН бара независна истрага.

https://p.dw.com/p/1CgQq
Фотографија: Reuters

Лидерот на проруските бунтовници, Александар Бородај и ги предаде црните кутии на делегација од Малезија во Доњецк во присуство на околу 150 новинари.

Во таа прилика двете страни во седиштето на самопрогласената Народна Република Доњецк, во регионот Доњецк, потпишале документ, кој Бородај го нарекол „протокол со кој се финализира оваа процедура“.

Претставникот на Малезискиот совет за национална безбедност, полковникот Мохамед Сакри, пред новинарите истакнал дека сите црни кутии се „во добра состојба“.

Проруските бунтовници исто така најавија прекин на огнот во радиус од 10 километри од местото на падот на леталото, со цел на меѓународните истражувачи да им се овозможи безбеден пристап.

Малезискиот авион во кој патуваа 298 лица, меѓу кои и 80 деца, падна во четвртокот на подрачјето на областа Доњецк, каде се водат жестоки борби помеѓу проруските бунтовници и украинската војска. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за соборувањето на авионот кој леташе од Амстердам за Куала Лумпур.

Москва до сега ги негираше сите обвинувања од Киев за својата вмешаност во овој случај.

Подготвеноста за соработка на бунтовниците е очигледно реакција на масовната меѓународна критика на досегашното однесување и на притисокот од Русија. Русија гласаше и за резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која „најостро“ се осудува најверојатното соборување на авионот на летот МХ17 и се бара независна истрага. Освен тоа највисокото тело на ОН бара одговорните за соборувањето на боингот на „Малезија еирлајнс“ да бидат повикани на одговорност.