1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сепак, се може и заедно“

Свето Тоевски21 јануари 2015

Во 9 основни и средни училишта во РМ, со опфат на 562 ученици, се спроведува модел на интегрирано образование и за градење меѓуетничка комуникација и толеранција на „Нансен дијалог центарот“. Ефектите се охрабрувачки.

https://p.dw.com/p/1ENNL
Фотографија: DW/S. Toevski

„Досега не се знаевме, супер е ова, станавме пријатели“, вели Нинослав Јосифовски, ученик од прва година во средното стручно училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, за своите соученици Албанци, додека го следи часот со заеднички воншколски активности во рамки на проектот на „Нансен дијалог центарот“ од Скопје, кој содржи модел на интегрирано образование.

Љавдрим Рамани, ученик во прва година во албанските паралелки, се надоврзува на зборовите на својот другар Нинослав: „Добро оди, нема инциденти во училиштето, се прифаќаме полека едни со други.“

Овие двајца средношколци се дел од групата од 60 ученици од македонскиот и албанскиот етникум во „Моша Пијаде“ – две паралелки од прва и две паралелки од четврта година, кои во оваа учебна 2014/2015 година започнаа со новата фаза од реализирањето на моделот за интегрирано образование што се спроведува веќе петта година во училиштето. Во рамки на Нансен-моделот средношколците - Македонци и Албанци учествуваат во заеднички часови двапати неделно со воншколски активности, покрај часовите одделно во своите паралелки на македонски и на албански јазик. Бројката од 60-тина ученици е мала, ако се има предвид дека оваа средношколска институција во Тетово има вкупно 1200 ученици, односно 47 паралелки на албански и 25 паралелки на македонски јазик. Но, значењето на таквите заеднички активности е дотолку поголемо кога се има предвид и реалноста во ова и многу други средни и основни училишта во Македонија: етничката раздвоеност на Македончињата и Албанчињата, кои следат настава во различни и просторно оддалечени објекти, како некаква превентива да не доаѓа до меѓуетнички инциденти.

Уште при првото доаѓање во „Моша Пијаде“ ќе се забележи дека во едниот објект учат само албанските паралелки, а во другиот објект, 100 – 200 метри подалеку, се сместени македонските паралелки. Но, веќе три-четири години во училиштето речиси и да нема меѓуетнички тепачки, што се случуваше, на пример, во 2011. година.

Директорот на ова тетовско средно училиште Александар Бачевски истакнува: „Веќе со години кај нас нема такви инциденти. Нансен-моделот за интегрирано образование е добра форма за зближување на децата од различна етничка припадност, при што доаѓа до израз спонтаноста на нивното дружење.“

Помошник-директорот Шериф Абдурамани се надоврзува: „Да бидеме искрени, етничка раздвоеност и натаму постои во нашето училиште, но, ние како раководен тим заедно со наставниците, вложуваме големи напори тоа да се надмине и бележиме значајни резултати. Ученици од албанските и од македонските паралелки играат во мешовити екипи во рамки на училишните спортски натпревари, било да е тоа фудбал, било да е кошарка. Децата започнаа да изведуваат и заеднички проектни активности, кои се веќе дел и од практичниот дел од нивната настава.“

Вториот помошник-директор Томислав Тимосиевски го нагласува токму овој момент: „Дел од учениците – Албанци и Македонци заедно реализираа успешни проекти од областа на автоматиката и електротехниката. Минатата година организиравме екскурзија во Албанија за петмина ученици од двата етникума, како еден вид награда за нив, бидејќи заеднички направија добар проект од електротехника. Неколкумина работеа и на проект за лифт.“

Mazedonien Integrationsprojekt
Нансен-моделот за интегрирано образование е добра форма за зближување на децата од различна етничка припадност, вели директорот на „Моша Пијаде“, Александар БачевскиФотографија: DW/S. Toevski

Промена на менталитетот

Додека ги набљудуваме децата од двата етникума при нивното спроведување на предвидените неделни содржини од заедничките воншколски активности, кои се реализираат истовремено и на македонски и на албански јазик со преведувања, Афедин Исмаили, кој е наставник и кординатор на проектот на „Нансен“ во „Моша Пијаде“, фрла сумарен поглед на проектот: „Овој проект има големо значење, бидејќи се запознаваат учениците, се запознаваат различните етникуми, култури, различните јазици и вери. Полека се случува промена на менталитетот: овие 60 деца ги пренесуваат, ги шират своите новоздобиени животни и училишни искуства и меѓу другите сокласници од сопствените паралелки, како и надвор од училиштето - меѓу родителите и во средините каде што живеат. Децата докажуваат дека, сепак, се може и заедно.“

Се упатуваме во основното училиште „Братство – Миѓени“, втората тетовска образовна институција, во која од почетокот на оваа учебна година се применува Нансен- моделот за интегрирано образование, како проект кој поддржува меѓукултурен и меѓуетнички дијалог преку разни програмски активности, особено во сферата на образованието, со цел да се придонесе и кон спречување на конфликтите. Она што го има во „Моша Пијаде“ го забележуваме веднаш и во „Братство – Миѓени“: во објектот на централното училиште настава следат само албанските паралелки, додека македонските паралеки се дислоцирани во друг објект оддалечен околу еден километар, кај Спортскиот центар. Значителните меѓуетнички тензии дојдоа до израз пред неколку години, кога се пристапи кон преименување на ова училиште - од „Братство – Единство“, име кое постоеше половина век, училиштето на „консензуален начин“ беше преименувано во „Братство – Миѓени“. Факт е дека оттогаш колку-толку духовите се смирија, но иако сега во оваа училишна средина нема инциденти со меѓуетничка заднина, останува етничката раздвоеност на децата.

„Ваков проект е одамна потребен“

Влегуваме на заедничкиот час со игровни, воншколски активности предвидени со проектот на „Нансен“, кој овде опфаќа 57 деца, од кои 35 Македончиња и 27 Албанчиња. Наставничката Габриела Апостоловска вели: „Ние живееме во Тетово, во мултиетничка општина, и затоа и децата ги учиме да се развиваат во духот на мултиетничноста. Децата вклучени во проектот започнуваат да се дружат меѓу себе, иако се од различна етничка припадност. Кога доаѓаат во просторијата се викаат едни со други. Мене ми се јави родител на еден ученик и ми рече дека ова е добра работа. Имаме два часа неделно за уметничка секција, а во второто полугодие ќе работиме и на содржините од темата ’Запознај ја Македонија’.“

Додека трите наставнички комуницираат со учениците напоредно на македонски и албански јазик со преведувања, фрламе поглед и ги забележуваме Блерим Зенели, Марија Аврамовска, Астрит Љума и Јелена Апостолоска, седнати на една заедничка маса, додека се задлабочени во играта, следејќи го концентрирано она што им го говорат нивните наставнички.

Наставничката за албанските паралелки Сихана Каба – Касами и нејзината колешка од македонските паралелки Даниела Кундевска истакнуваат: „Овој проект за зближување на децата требаше да се реализира многу порано, уште во постконфликтниот период. Децата играат многу убаво и се привикнуваат еден на друг.“

Mazedonien Integrationsprojekt
Фотографија: DW/S. Toevski

Сашо Стојковски, извршниот директор на невладината организација „Нансен дијалог центар“ од Скопје, образложува зошто споменатиот модел на интегрирано образование годинава се применува во Полошкиот регион: „Од оваа учебна година Нансен-моделот за интегрирано образование се имплементира и во основното училиште ’Гоце Делчев’ во Гостивар. Ќе направиме напори да бидат опфатени уште едно основно училиште во Тетово и едно средно стручно училиште во Гостивар. Основното училиште ’Братство – Миѓени’ претставува еден посебен позитивен пример и дава многу јасна и силна порака до сите нас: по 9 години физичка поделба по етничка основа на учениците, се враќа потребата и интересот за учење заедно на учениците - Албанци и Македонци. Оваа порака, испратена од страна на родителите на учениците и самите ученици, не смее да остане незабележана од надлежните институции. За поздравување е овој гест на родителите на учениците опфатени со проектот, кои сметаат дека нивните деца припаѓаат на истото училиште и треба да учат заедно. Учењето во два различни објекти ги оддалечува учениците уште повеќе, а со тоа растат предрасудите, стереотипите едни за други и стравот од непознатото, од етничката нетрпеливост, која понекогаш се манифестира преку насилство.“

Голем придонес во градењето кохезивна мултиетничка заедница

Во овој контекст еве што велат и Габриела Мерџанова, наставничка од македонските паралелки, и Нагихан Снопче, наставничка од албанските паралелки, кои го изведуваат Нансен-проектот во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар: „ Во проектот се вклучени околу 40 ученици од две паралелки од македонска и албанска етничка припадност. Воннаставни активности се реализираат четири пати неделно. Иако е се‘ уште рано за евалуација на ефектите од проектот, сепак, по само два месеца од неговата примена веќе се видливи меѓусебното прифаќање и поврзаноста на учениците од двете етнички групи. Тие соработуваат и си помагаат во сите предвидени активности. Овој образовен модел постојано ја поддржува соработката меѓу учениците, наставниците и родителите, која е втемелена врз почитувањето на меѓусебните разлики, а со тоа се дава голем придонес во градењето кохезивна мултиетничка заедница.“

Сашо Стојковски заклучува: „Поделбата на училиштата по етничка основа во Македонија и регионот е тренд кој што зема се‘ поголем замав, тренд кој што е многу ризичен и може да има големи негативни последици како за училиштата, така и за општеството. Целосно е погрешен пристапот да ги одвоиме учениците од ’другите’, за да немаат можност физички да се видат. Така на краток рок можеби ќе ги избегнеме можностите од меѓуетнички инциденти меѓу учениците во училиштата, но со тоа се зголемува ризикот и можностите за инциденти во училишниот двор, или на улица. Ако сакаме да продолжиме да живееме заедно, не смееме да дозволиме поделеното образование по етничка основа и гетоизацијата, кои се реалност во земјата, да не‘ донесат во ситуација, во која ќе биде многу тешко да се врати довербата, заедничкото учење, соработката, комуникацијата, па и живеењето.“