1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ланчбокс рилоудид“

Винценц Грајнер / Е.М. Фиданоска17 април 2015

Свесна исхрана и брза кујна - работи кои според новата „ланчбокс култура“ не се противречни една на друга. Во Велика Британија има нови трендови на паузата за ручек.

https://p.dw.com/p/1F9vu
Фотографија: DW

Велика Британија e не само земја на сендвичите, туку и на скапата пауза за ручек. Еден британски работник годишно троши по речиси 3500 евра за ручек и други снекови. Не треба секогаш да се јаде само намачкан леб.

Еве што велат дел од жителите на Лондон:

„Само што купив чаден лосос и зеленчук.“

„Денес има поголем избор. Она таму е италијанска храна. Навистина вкусно.“

„Вообичаено јадам салата со туна или лосос. Малку е скапо, но тоа не е важно.“

„Ова е паштета од говедско и зеленчук.“

Очигледно побарувањата на паузата за ручек се зголемени. Дури и оној што донесол нешто од дома, сака тоа да е повеќе од само студени лазањи што ги јадел претходниот ден. За овој пазар веќе има редица актуелни книги за готвење, специјализирани за снековите за паузата на гурманите.

Меѓу нив е и „Сакај ја својата кутија за ручек“ од Џејмс Рејмсден. Во овој готвач има рецепти за тост со три вида сирење, спанаќ и чили-сос или леблебија со манго-сос.

Lunchbox in Tragetasche
Важно е оброкот да се подготвува брзо и да не биде прескапоФотографија: Fotolia/tab62

Лондончанецот верува, уделот на биро-снековите се зголемува. Готвачот и автор Џејмс Ремсден вели:

„Мислам дека се‘ повеќе луѓе стануваат се‘ посвесни за она што го јадат. Бидејќи постојано им се вели дека треба да го јадат ова или она. Тоа понекогаш може да води во погрешна насока, но во основа мислам дека е добро што се води повеќе грижа за она што се става в уста, а не едноставно да се влезе во сендвичарница без да се размислува и да се купи првото што ќе се види.“

Оброците на Рејмсден, како авокадо на тост со млад кромид и павлака со лимета, не треба да бидат само вкусни, туку и да одговараат на паузата за ручек. За ниту еден од рецептите не се потребни повеќе од 20 минути за приготвување дома. И сето тоа може да стои најмалку три дена во фрижидер.

Некои од неговите снекови мора да се завршат на работното место. За тоа се доволни тостер, микробранова печка или чајник за вода, кои најчесто ги има во канцелариските кујни.

Lunchbox Bento Japan
Бенто-кутиите се хит во ЈапонијаФотографија: Fotolia/okinawakasawa

Идејата на Рејмсден е при готвењето да се штеди време и пари. Секој оброк, колку и да е исклучителен, би требало да се транспротира и подготвува едноставно.

„Сите рецепти во книгата се поделени на она што мора да се подготви дома и она што се пакува во кутијата за ручек и потоа се подготвува во канцеларија.“

Тоа функционира, на пример, и со азиските јуфки. Едноставно сосот со зачини од дома се прелева преку сварените јуфки, се додава врела вода и оброкот е готов.

Рејмсден е убеден дека здодевноста од кутијата за ручек може да се истера со малку ангажман: „Многу пријатели ми рекле: „Здодевно ми е да одам во иста сендвичарница и да купувам ист сендвич со кесичка чипс и нешто за пиење.’ Освен тоа и скапо е.“

Lunchbox Sandwich Apfel
Навиките се менуваат и во Германија, но намачканиот леб се‘ уште „се држи“Фотографија: Fotolia/eurobanks

Она што на Британците им е сендвичот, на Германците им е намачканиот леб. Повеќе од половината работници го носат од дома. Но и во земјата на кари-колбасот и на сивиот леб работите се менуваат. Во меѓувреме многу граѓани трошат повеќе пари за јадење и пиење. Дел од нив велат:

„Си носам намачкан леб од дома и јадам на работната маса, за жал.“

„Ништо. Не си носиме ништо за јадење, секогаш јадеме некаде.“

„Земаме брза храна, за в рака.“

Паузата за ручек за многумина е кратка. Според една студија, Германците за ручек трошат во просек по 20 минути. Две третини од Британците имаат дури и помалку време.

Ана Пиндер и Наоми Твигден сакаат да помогнат во тој дел. Нивната старт-ап фирма „Ланч БХД“ во текот на паузата доставува на пример Киноа-салата со портокал и зелка.

Оброците ги има составено нутриционист. Менито се менува секоја недела. Сето тоа се пакува во кутии кои се рециклираат. Потоа лифернат на велосипед ги доставува точно на паузата за ручек до 150 муштерии дневно. Двете Британки почнаа во текот на летото и оттогаш побарувачката расте.

„Мислам дека пазарот е огромен. Особено сега, кога секој внимава да живее и да се храни здраво“, уверена е Ана.

Сендвич за гурмани: „Ланчбокс рилоудид“

Убаво спакуваните кутии за ручек имаат традиција во земји како Индија. Тука се јаде од лимени Тифин-садови, а во Јапонија од Бенто-кутии. На интернет има вистински натпревар за што поубави кутии. И Ана Пиндер и Наоми Твигден знаат дека изгледот е важен фактор.

„Сакаме да ги направите кутиите интересни и забавни и соработуваме со различни снек-фирми“, вели Наоми, а Ана додава:

„На пример, оваа недела имаме чоколадни колачиња и Мизо-супа. Тоа се колачиња од кокос и какао. Тоа е забавно, како кога го отворавме кутиите за ручек кога бевме деца.“

Ваков еден „ланчбокс“ меѓутоа не е евтин. Една порција чини околу 12 евра. Но затоа може да се јаде со мирна совест. Зеленчукот доаѓа директно од еден пазар во Лондон. Зачините потекнуваат делумно од сопствената градина. Свесна исхрана и брза кујна - работи кои според новата „ланчбокс култура“ не се противречни една на друга.