1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седмата „бомба“ открива - партијата не е одвоена од државата

Катерина Блажевска7 март 2015

Бишиот претседател на ФФМ, Хари Хаџиристески, е непријатно изненаден од „грозниот разговор“, Ромите се длабоко навредени, а аналитичари повикуваат на темелна истрага за сомнежите за изборен грабеж

https://p.dw.com/p/1En1C
Фотографија: DW/K. Blazevska

Жестоки реакции предизвика седмата „бомба“ на опозицијата. Посочените докази за изборен грабеж ги вжештија дебатите на телевизиите, но и на социјалните мрежи. Едни демантираат, други воопшто не се изненадени од тоа што го слушаат. Аудио-снимките, во кои има разговори на членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и функционери во Владата, најчесто се поврзани со парламентарните избори во 2011 година и локалните избори во 2013 година. Никола Рилкоски, претседател на Државната изборна комисија, вели дека од она што го слушнал, мисли дека разговорите не се однесуваат на изборите од 2014 година, за време на неговиот мандат. Неговиот претходник на таа функција, Борис Кондарко, пак, кусо изјави: „Не коментирам.“
Со исклучени телефони вчера останаа речиси сите актери во разговорите што ги презентираше опозицијата. Коментар на тоа што вчера го слушна јавноста, дадоа аналитичарите. Според Сашо Клековски, доколку се точни, разговорите се со недозволиво ниско ниво на политичка култура и комуникација и со недозволива одмаздливост.
„Овие карактеристики беа присутни и во поголем дел од претходно објавените аудио-снимки. Информациите од нив се илустрација на тоа што е констатирано во извештаите за набљудување на изборите во 2011, 2013 и 2014 година - нераздвоеност на партијата од државата, а со тоа, како и со присуството во медиумите - поврзаниот нееднаков терен за изборен натпревар. Дали и колку тоа влијаело на легитимноста и легалноста на изборите, треба да биде предмет на чесна, јасна и објективна истрага. Бидејќи опозицијата не верува во институциите и не го прифаќа предлогот на ЕУ за анкетна комисија, треба да предложи како да се спроведе таа истрага. И додека легитимноста на изборите треба да биде предмет на истрага, појасно е дека ако разговорите се точни, со нив се делегитимираа актуелни министри кои се со големо влијание на изборите, и истите не би ја имале довербата за повторно водење на министерствата во избори“, оценува Клековски.

Без граница меѓу партијата и државата
Содржините од разговорите укажуваат дека за лажни гласачи Јанкулоска бара комитетите да дадат повеќе адреси, бидејќи имало и „по 50 гласачи во стан од 40 квадрати“. Посебно внимание било посветено на општина Центар, каде ВМРО-ДПМНЕ губи, па министерот за транспорт, Миле Јанакиески на непознат соговорник му дава сугестија како да се изврши притисок врз вработени во образованието: „Да ги викнеме и да ги уплашиме малку дека Жерновски ќе ги брка (од работа н.з.)?..Треба многу јак притисок. Мислам имаше и минатиот пат ама треба огромен притисок на луѓето!“ Соговорникот го информира дека на оние што му ставиле на Жерновски „лајк“ на Фејсбук, остро им се заканил: „Ако тепаме (победиме), не улица ќе ве пратам да чистите, да метете со Циганите, а Сашо ќе ви биде шеф“.
Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски синоќа преку Фејсбук побара оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Само едно не ми е јасно - како можеш да се слушаш на снимкиве и сé уште да не си дадеш оставка? Како можеш, после сè, пак да глумиш чесен министер за внатрешни работи? Имај барем малку достоинство, за твое добро и за добро на државата. ОСТАВКА ВЕДНАШ!“
Некои од разговорите би можеле да бидат најдиректна потврда на забелешките на ОБСЕ и други организации, дека не постои јасна граница меѓу партијата и државата. Во разговор, во кој според СДСМ е гласот на министерката за внатрешни работи, таа на генералниот секретар на партијата, Кирил Божиновски, му објаснува дека во МВР е сместен и кол- центарот и месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но дека има друга сала каде што доаѓаат амбасадорите и гледаат дека е „се во ред“. „Јас повремено влетувам таму да видат амбасадорите дека е сѐ ок. После си се качувам кај мене на спрат и си работиме партиски работи. Така сме ние организирани“, му објаснува Јанкулоска.
Уранија Пировска, директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека објавените разговори на Јанкуловска поврзани со изборниот процес и нејзиното менаџирањето со сите други сегменти преку МВР, транспарентно ја покажуваат долгогодишната констатација дека институциите на системот, особено МВР се само инструменти за постигнување на изборните поени на ВМРО-ДПМНЕ и за спроведување на нејзините политики.
„Од разговорите јасно се гледа дека преку МВР директно се менаџира и во другите министерства, се даваат наредби за исплаќање социјална помош за оние чии гласови во изборниот процес биле на таков начин поткупени. Нема дилеми дека се работи за структурно насилство за време на изборниот процес, кое во најголем дел било вршено преку МВР. Јасно е дека во услови на вакво функционирање не постои одвоеност на партијата и државата. Напротив, повеќе од очигледно е дека се работи за злоупотреба на сите државни органи и институции за целите на партијата“, констатира Пировска.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Обвинувања за манипулации на изборитеФотографија: MIA

ВМРО-ДПМНЕ демантира
ВМРО-ДПМНЕ и последните обвинувања на СДСМ ги отфрли како неосновани.
„Преку денешната прес конференција Заев сака да ја убеди јавноста дека изборните процеси не биле регуларни и дека стотиците илјади граѓани кои гласале по свое убедување за ВМРО-ДПМНЕ всушност не гласале или гласале вон својата волја. Но секој граѓанин кој гласал за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата многу добро знае дали гласал и зошто гласал. Секој гласач нека се потсети дали гласал заради причините со кои денес не обвини Заев или заради политиките на партијата, делата што се направија, фабриките кои се отворија, 120 илјади нови работни места, новите патишта, болници, опреми, училишта, зголемените пензии, социјална помош, плати во јавниот сектор, поддршка на земјоделецот и макотрпна работа на владиниот тим предводен од ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.
Во аудио-снимките се објавени многу разговори во кои министри договараат „списоци за социјална помош“, итно решавање на „спорни пензии“, пари за откуп на тутун, закани за „одземање на лиценца“ на оној што не ги исплатил парите, како и посета на оние што добиле субвенции, од кои „сите се изјасниле дека позитивно ќе гласаат“ .
Според Пировска, она што јасно произлегува како заклучок, е третманот кој ранливите групи го имаат кај владеачката партија и нејзините претставници.
„Злоупотребени поради нивниот социјален статус со поткуп на нивните гласови, тие воедно се дискриминирани. Цигани е најчесто употребуван збор. Кон нив се постапувало на понижувачки и нехуман начин. Ова не се однесува само на Ромите, туку и на луѓето од Пустец кои беа злоупотребени поради нивната сиромаштија и неукост. Сето тоа го докажува менталниот склоп на луѓето на највисоки позиции во власта, односно нивната бескрупулозност кон оние што би требало по правило да бидат најзаштитени ако се има предвид нивната маргинализираност во општеството“, вели Пировска.

Roma Mazedonien
Длабока навреденост кај РомитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Ромите-луѓе од понизок ранг?!
Во разговорите најмногу доминираат навреди за Ромите, „25 пакети брашно, за да не негодуваат и бамбурат по улици“, но и многу стереотипи за оваа етнича заедница . На навредите за Ромите уште вчера реагираше Ашмет Елезовски, член на Извршниот одбор на Европскиот и ромски патувачки Форум (ЕРТФ) во Стразбур.
„Како никогаш претходно, состојбата со правата на Ромите во Македонија не доживеала толку голем чекор наназад, како што тоа е сега. По тие објавени разговори, конечно стана јасно зошто напорите за поголема вклученост на Ромите во Македонија доживуваат целосен неуспех и покрај многубројните обврски што државата ги има преземено. Државните органи што за сите граѓани треба да обезбедат еднаков пристап до правата и слободите гарантирани со закон и Устав, се всушност управувани од лица што за Ромите сметаат дека се само граѓани од понизок ранг и инструмент за злоупотреби во време на избори. Ромите мора многу поцврсто и целосно самостојно да се изборат за еднакви права и подобар статус во сопствената држава. Правото на Ромите да уживаат исти слободи и еднаков статус со сите други етнички заедници во државава не е и не може да биде во ничија сопственост. Затоа, никој нема право тоа да го 'нуди и ветувa', а уште помалку истото да го оневозможува!“, соопшти Елезовски и најави дека денеска напладне ЕРТФ ќе и‘ се обрати на јавноста.
Но, етничката припадност играла и улога на заплашување. Според СДСМ, за да се изврши притисок врз транспортерите, Јанакиски во еден разговор, предлага: „Да им пуштиме муабет дека ако СДСМ добие власт, на Албанец ќе го дадат министерството“.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, партија која во неколку мандати е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, не сака да го коментира овој, ниту други разговори во кои се посочува дека и ДУИ „испраќа автобуси на технички преглед“, за да ги спречи митинзите на своите опоненти.
„Во овие состојби нема да помогне ниту еден коментар. Институциите се наоѓаат пред проблеми што не можат сами да ги решат. Она што сега е потребно, е меѓународен мониторинг на правната постапка и странско посредништво за воспоставување политички дијалог, но без прејудицирање на конечниот епилог на тој дијалог. Во однос на правната постапка- важно е да се утврди начинот на кој се добиени разговорите, но исто толку е важна и одговорност за содржината на разговорите“, потенцира Османи.

Хаџиристески: Ако е точно - е грозно!
Аудио-снимката која предизвика многу реакции, се однесува на разговор, кој според СДСМ, го го воделе шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер и министерот за транспорт. Во него, Протоѓер наводно изразува незадоволство што 'мајмунот од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за натпреварот, за да не се наполни стадионот': „Ако не објават до понеделник, кажи му дека тој, жената, децата, сите во ендек ќе ги најдат...Мајката да им ја е... јас нивна комунистичка, педерска... Ај чao.“
Станува збор за фудбалскиот натпревар Македонија – Ирска, кој се одигра на 4 јуни, ден на изборниот молк, еден ден пред парламентарните избори на 5 јуни 2011 година. Тогаш во јавноста се шпекулираше дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ сака да го наполни стадионот со свои приврзаници, за да го ескивираат изборниот молк преку „спортско“ навивање за домашната репрезентација во партиски обележја. Хари Хаџиристески, тогашен претседател на ФФМ, за Дојче веле го сподели негоиот впечаток од аудио-снимката која сведочи за тој период.
„Многу непријатно е да слушнете такво нешто. Дури и не ми се верува дека политичари може така да разговараат. Ако сето тоа е точно, тогаш е грозно. Спортот треба да биде настрана од политиката. Јас со ништо не заслужив еден таков разговор. Бев коректен и со сите свои постапки се трудев да ја задржам автономијата на фудбалот далеку од влијанието на политиката. Но, изгледа, не можело така“, вели Хаџиристески.
Претпоставува дека станува збор за очекувани гратис билети за натпреварот, какви што ФФМ редовно испраќала до парламентот и дрги институции, до амбасади, поранешни фудбалери и спортски работници. Вели дека не добил некаква закана во тој период. Но, од функцијата се повлече по една година од споменатиот натпревар. На прашањето на ДВ, кои беа причините за тоа, Хаџиристевски кусо одговори: „Од здравствени причини“.