1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седењето на две столици го поткопува кредибилитетот на Србија

Ивица Петровиќ/ СН17 декември 2014

Отворањето на првото поглавје во преговорите со Европската унија, очигледно мора да сочека. Брисел од Србија бара натамошни чекори за нормализација на односите со Приштина и исполнување на Бриселскиот договор.

https://p.dw.com/p/1E61a
Фотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

Србија пропушта во 2014 година да го започне процесот на отворање на првите поглавја во преговорите со Европаската унија и исчекувањето на тој датум ќе продолжи и во 2015 година. Унијата и порача на Србија дека од неа е побарано да спроведе одредени договори за нормализација на односите со Приштина за да може да се очекува отворање на првото поглавје на преговорите за членство. Исто така е наведено дека, кога станува збор за отворање на важното проглавје 35, кое се однесува на нормализацијата на односите со Косово, Србија мора да направи уште некои работи во таа нормализација. Европските претставници истакнуваат дека ниту српската, ниту косовската влада не можат да се оправдуваат со другата страна за сѐ она што самите можеле да го сторат. Истакната е и важноста на постепеното усогласување на надворешната политика на Србија со онаа на ЕУ.

Слатки соништа за Евроазија

Српските власти се обидуваат некако молчешкум да преминат преку фактот дека Србија нема да добие датум за отворање на првото поглавје од преговорите со ЕУ, вели за ДВ, Јелена Милиќ од Центарот за евроатлантски студии. „Тој факт е всушност предупредување на Унијата до Србија дека во изминатата половина година не била доверлив и предвидлив партнер- не заземала надворешно-политички курс кој се очекува од земја-кандидат, а згора на тоа не го исполнила ни она на што се обврзала со Бриселскиот договор. Така што сметам дека сега тој кредибилитет и кредит кој оваа влада го имаше, до некаде се истопи со таа политика на седење на две столчиња“.

Putin in Belgrad 16.10.2014 Fans bei der Militärparade
Фотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Еврокомесарот Јоханес Хан (насловна фотографија) напомена дека на српските власти јасно им ставил до знаење што се очекува од нив и затоа нема простор за изговори. Ако се анализираат причините зошто Србија не сторила доволно во спроведувањето на Бриселскиот договор, Душан Јањиќ, координатор на Форумот за етнички односи, вели дека главната причина лежи во отпорот на определени интересни групации. Србија сѐ уште е под диктатура на шверцери и тајкуни, на кои едноставно им одговара да не се промени ништо, вели Јањиќ и додава дека втората по тежина причина е од полититичка природа.

„Кога ќе се погледнат изборните ветувања, испаѓа дека сите кои влегоа во парламентот се сто насто за европска интеграција, а објективно, со сигурност барем половина од нив сонува за Евроазија. Таа политичка дилема сега ги зафати и врвовите на власта, го зафати врвот на Српската напредна партија (СНС) и не постои политичко единиство за влез во ЕУ. Тој став кон ЕУ, е разнишан и од економската и финансиска криза, ама и од кризата во Украина и успешноста на руската политика во пренесување на таа криза во Србија, особено на Косово. Значи мислам дека сега Србија, ама и премиерот Александар Вучиќ, бидејќи врз него е најголемиот товар, мораат да исчекорат кон европските интеграции. Тоа е лесно да се каже ама ќе биде многу тешко да се стори. Ќе има многу отпори и од неговата партија, и од коалициските партнери, а нема многу да му помогне ниту Борис Тадиќ и сличните на него, бидејќи ним им е поважно да се занимаваат со перење на своите биографии отколку да ги поддржуваат европските интеграции“.

Што не е направено?

Јелена Милиќ истакнува дека сето она што мора да се направи од Бриселскиот договор не е никаква тајна, иако можеби се стекнува таков впечаток. Тоа пред сѐ се однесува на изградбата на цврсти гранични премини на Косово, некои договори од областа на енергетиката, како и формирање на заедница на српски општини. „Мислам дека српските власти малку подзаспаа на ловориките, мислејќи дека е доволно да го потпишат Бриселскиот договор и оти никој потоа нема да бара тие работи да се спроведат“, истакнува Милиќ.

Serbien Kosovo Grenzübergang
Фотографија: picture-alliance/dpa

Душан Јањиќ нагласува дека малку нешта се проведени од Бриселскиот договор, а тоа што е направено се само некои делови. „Србија да речеме примени некои делови за полицијата, ама не го реши проблемот со полицајците од МВР на Србија кои останаа на Косово и сега се нерешен социјален проблем“, вели Јањиќ. „Сѐ уште не проработе судот, статутот на општините, кој наводно е напишан, не беше објавен, бидејќи наводно имаше техничка влада, прашањето на приватизацијата на претпријатија на северот на Косово не е решено, прашањето на наставата и образованието не е решено. Значи има тука уште многу работа, а дури и ако би се тргнало во сериозна работа и би се направил сериозен тим за тоа, Србија не би можела сето да го заврши ни до крајот на наредната година“, смета Јањиќ.