1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ помалку земји со смртна казна

Хеле Јепесен/ Ж. Ацеска1 април 2015

Се‘ повеќе земји во минатите години ја укинаа смртната казна. Во 2014 година смртна казна беше извршена во 22 држави, додека пред 20 години, тоа се случи во 42 земји.

https://p.dw.com/p/1F0Ra
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lott

Меѓународното право не забранува смртна казна. А меѓународниот Пакт за граѓанските и политички права, ИЦЦПР, т.н. „цивилен пакт“, пропишува минимум норми кои се однесуваат на земјите во кои уште се вршат смртни казни.

Само за најтешките злосторства

Во кривичното право убиството со умисла важи како најтешко злосторство (член 6 од ИЦЦПР). И покрај тоа, постои долга листа други злосторства поради кои се изрекува смртна казна, на пример трговија со дрога, поседување дрога или корупција. Во Обединетите Арапски Емирати во 2014 година беше воведена смртна казна поради браколомство, во Саудиска Арабија - поради вештерски активности, а во Пакистан и во Иран луѓе беа осудувани на смрт поради богохулство и „навреда на Пророкот“.

Услов за изрекување на пресудата е и фер судење (член 6 од ИЦЦПР). Освен тоа, обвинетиот мора да биде т.н. правно способно лице. Амнести интернешнал во својот најнов извештај за смртната казна (01.04.2015) наведува: „Во најголем број земји во кои во 2014 година луѓе се осудувани на смрт или егзекутирани, судењата не ги задоволуваа меѓународните стандарди за фер судска постапка.“

Амнести во новиот извештај со загриженост пренесува дека многу признанија на обвинетите, врз основа на кои се изречени смртни казни, се изнудени со мачење. Во Иран, пишува организацијата, некои од тие признанија се емитувани преку телевизија.

Смртната казна за малолетници е забранета

Вршењето смртна казна е забрането врз лица кои во време на извршеното дело биле помлади од 18 години, како и врз бремени жени. Во извештајот на Амнести се наведува оти во Иран, Малдиви, Нигерија, Пакистан, Саудиска Арабија, Шри Ланка и Јемен има погубени кои во време на извршувањето на кривичното дело биле помлади од 18 години. Староста на обвинетите често не може со сигурност да се утврди, зашто, често тие немаат документ за датумот на раѓање.

ОН во 1989 година го усвоија Вториот протокол на цивилниот пакт. Државите кои го потпишаа тој протокол, ја укинаа смртната казна. Но, тие имаат можност повторно да ја воведат во случај на војна. Кон крајот на 2014 година, кон Вториот протокол пристапија 81 земја, а Ангола, Унгарија и Сао Томе и Принципе го потпишаа, но уште не го ратификуваа.

Организацијата на американски држави ОАС во 1990 година донесе Протокол против смртната казна во мирнодопски услови. Од 35 земји-членки само 13 го ратификуваа и ја укинаа смртната казна.Во многу држави на американскиот континент и натаму се изрекуваат смртни пресуди, а само во САД и натаму се извршуваат смртни казни.

Karte Todesurteile und Vollstreckungen 2014
На графиконот со потемна боја се обележани земјите каде се врши смртна казна, а со посветла каде се изречени смртни казни

ЕУ е против смртната казна

Во 1982 година Советот на Европа го донесе 6. дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права, според кој се укинува смртната казна во мирнодопски услови. Него го ратификуваа веќе 46 од 47 земји, само Русија не.

Во 2003 година во сила стапи и 13. дополнителен протокол на споменатата Конвенција, со чија ратификација смртната казна се укинува и во мирнодопски и во воени услови. ЕУ укинувањето на смртната казна го постави како еден од условите за прием на нови држави-членки.

Германија и нејзините европски партнери се залагаат за укинување на смртната казна во целиот свет. Така, државите од ЕУ во 2007 година активно ја поддржаа Резолуцијата на ОН за мораториум на смртната казна. За неа секои две години повторно гласа Генералното собрание на ОН. На последното такво гласање во 2014 година, 117 земји беа за мораториумот, 38 беа против, а 34 држави се воздржаа.