1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заканува ли нов крах на берзите?

Ф. Штефенс / З. Јордановски30 јули 2014

На Волстрит во моментов владее извонредно расположение, но експерти веќе предупредуваат од можен нареден крах. Овојпат не претставуваат проблем токсични финансиски продукти, туку самата структура на финансиските пазари.

https://p.dw.com/p/1ClsX
Фотографија: Fotolia/Dan Race

На почетокот на јули имаше повод за славје на њујоршката берза: индексот Дау Џонс за прв пат во историјата ја надмина границата од 17.000 поени. Во тој момент сеќавањата на големата криза изгледаа многу далечни. Погрешно, велат мнозина. Во 2008 година токсичните финансиски продукти го предизвикаа крахот на системот; денес структурата на финансиските пазари може самата да го предизвика наредниот крах.

Аргумент на предупредувачите е дека финансискиот пазар веќе не се состои само од големи берзи, туку е расцепкан на многу мали пазари. Тоа ја отежнува контролата. Пример за тоа се таканаречените „дарк пулови“. Тоа се приватни берзи на банки, осигурувања или хеџ-фондови. Таму се одвива трговија надвор од регуларните берзи. Опциите за продажба или купување не се објавуваат јавно, туку само резултатот од зделките.

Расцепкан пазар

Петнаесет проценти од трговијата со акции во САД веќе се одвива во дарк пулови. Колку е во меѓувреме фрагментирана трговијата со акции станува јасно ако овде се придодадат и сите други платформи. Покрај 13 регуларни берзи, во меѓувреме само во САД има и околу 50 платформи за трговија со акции, преку кои, според проценките, се одвива повеќе од половина од светската трговија. Но, колку повеќе се одвива трговијата надвор од берзите, толку помалку се индикативни вредностите на јавните берзански курсеви.

Ansicht Wall Street New York
На Волстрит во моментов владее извонредно расположение, но...Фотографија: AFP/Getty Images

Џон Ц. Кофи е професор на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и беше советник на СЕК (институција за надзор врз берзите). Тој нагласува дека дарк пуловите апсолутно имаат легитимација: нивната улога е да ги штитат големите инвеститори кои не сакаат прерано да ги обелоденат своите намери за продажба или купување. Но во нив заштита наоѓаат и непожелни практики, предупредува Кофи: „Ние премалку знаеме што всушност се одигрува во дарк пуловите, потребна ни е поголема транспарентност.“

Контролата станува потешка

Премалку знаење значи и премалку контрола. Токму е во тек истрагата на њујоршкиот виш јавен обвинител против британската банка Беркли поради некоректни практики во нејзиниот дарк пул. Банката, покрај другото, во својот пул дозволила таканаречена високофреквентна трговија (трговија со хартии од вредност преку компјутер - автоматизирана или алгоритмичка трговија - кај која хартиите се задржуваат само кратко време), иако ги уверувала своите клиенти дека токму од тоа се заштитени! Џон Ц. Кофи стравува дека високофреквентните трговци се привилегирани во дарк пуловите и побрзо добиваат информации отколку другите учесници.

„Нема никаква причина зошто во дарк пуловите би требало да привилегираме поединечни страни, кои можеби повеќе плаќаат и потоа можат да ги искористат пуловите во своја полза. Тука ни е потребна поголема транспарентност и подобра регулатива.“

Symbolbild China und Russland gründen Ratingagentur
Фотографија: STR/AFP/GettyImages

Мери Џо Вајт, која претседава со американската институција за надзор на берзите СЕК, неодамна предупреди дека дарк пуловите би можеле да го нарушат целиот финансиски пазар. Расцепкувањето на трговијата со акции ја отежнува контролата, вели и аналитичарот Лери Таб. Од тоа, заедно и со дигитализацијата и забрзувањето на трговијата, според него, настануваат несогледливи опасности.

„Во еден фрагментиран пазар регулирањето ќе биде се’ потешко, потешко отколку со сите хартии од вредност да се тргува на едно место“, објаснува Таб. „Ако трговијата се отвори за уште повеќе понудувачи, ќе биде потешко да се сфати меѓузависноста на сите тие трансакции. И ако се прејде од човек на компјутер, тогаш може да има стотици компјутери и ќе биде се’ потешко да се сфати што прават тие компјутери на пазарот.“

Се заканува ли нов „блиц крах“?

Сето може да се одвива многу брзо, како што покажа и таканаречениот „блиц крах“ од 2010 година. За само неколку минути Дау Џонс доживеа пад од речиси 1000 поени - најголем што било кога го доживеал Волстрит во еден ден тргување. Токму високофреквентните трговци беа тие кои масовно, во еден миг, се повлекоа од пазарот за да го спасат својот капитал. Се’ уште никој не знае што може да се стори против некој нов „блиц крах“.

Symbolbild Börsenhandel Ethikkodex
Се’ уште никој не знае што може да се стори против некој нов „блиц крах“Фотографија: Fotolia/Eisenhans

Покрај овие структурни проблеми, тука се и одамна познатите. Дериватите беа меѓу предизвикувачите на кризата, а нивниот пазар пак е во подем. Регулаторните механизми, кои беа креирани по финансиската криза, досега не мораа да положат некој поголем тест. Многу од нив уште не се ни во сила, други пак се спречени од лобистите на финансиската индустрија, критикува Џон Ц. Кофи. „Семето на некоја нова криза е посеано“, вели професорот. Реформите на американскиот претседател Обама одеа во вистинска насока, но веќе се повторно разводнети, нагласува Кофи и укажува дека досега одвај половината од новите правила се воопшто спроведени.

Запирање на трговијата како „рачна кочница“

Аналитичарот Лери Таб не претскажува нова криза и покрај структурните проблеми. Напротив, тој смета дека е оправдан оптимизам. Во моментов пазарот е многу благопријатен за инвеститорите. „Тој е брз и бара многу технологија“, признава Таб, „но сето тоа конечно го регулираат цените. Во поблиска иднина не гледам никаков вистински крах“. А ако сепак нешто се случи, аналитичарот предлага едноставно „да се повлече рачна кочница“: „За да се спречи крах најдобро би било да се запре трговијата. Ако премногу страни истовремено сакаат да продаваат, треба да се запре продажбата за неколку секунди и потоа повторно да се отвори.“

Но, никој не знае дали тоа ќе помогне ако навистина настапи таков случај, кога настанува паника и сите - и луѓето и компјутерите - одеднаш сакаат да продаваат. Оти, проблемот со краховите и кризите е во тоа, дека тие не можат да се претскажат со апсолутна сигурност. А кога веќе ќе настапат, е предоцна за мерки на претпазливост.