1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се декларираат како Роми за да се запишат на факултет

Динко Грухоњиќ / Ивана Стојкова16 септември 2014

За да им помогне на Ромите да излезат од сиромаштијата и да се едуцираат, Србија воведе афирмативни мерки за упис на факултетите на оваа ранлива социјална и етничка група. Проблемот е што овие мерки се злоупотребуваат.

https://p.dw.com/p/1DCpX
Roma in Serbien die Uni von Novi Sad
Фотографија: DW/D.Gruhonjic

Бројката на Роми кои се запишуваат на српските факултети во споредба со изминатите 10 години се’ повеќе расте. Но, ова е делумно точно, бидејќи всушност големиот дел од овие лица и не се Роми, туку се декларираат како такви само за да ги користат предностите од овие мерки.

Имено, афирмативните мерки се воведени со цел припадниците на ромската национална заедница полесно да можат да се запишат на факултетите, да добијат стипендии за школување и да обезбедат престој во студентските домови. Државата правилно тргна од тезата дека за еманципација на ранливата ромска заедница потребно е образование и создавање на ромска интелектуална елита.

Со овие мерки, Ромите се запишуваат во квотите од два отсто од вкупниот број на места на поединечните факултети. Но, со појавата на лажните Роми, таа квота станува се’ повеќе загрозена, велат од „Националниот совет на Ромите“.

Од друга страна, пак, согласно Уставот и законите, секој може да се декларира и определи за својата национална припадност, онака како што сака и се чувствува. Со самото тоа, практично е невозможно да се докаже дека некој не е Ром, доколку тој веќе како таков се изјаснил.

„Дајте ми потврда дека сум Ром“

Но, тука не е крајот на апсурдите. Во конкурсите кои ги распишува Министерството за образование, кога се Ромите во прашање, еден од условите е идниот бруцош заедно со останатата докуметација, да достави и потврда дека припаѓа на таа национална заедница, односно дека е запишан во посебен избирачки список, кој се користи за време на организирањето на избори за националните совети на малцинствата. Или со други зборови - за да докажат дека се Роми потребна им е само потврда?

Заменичката на покраинскиот правобранител на националните малцинства, Ева Вукашиновиќ, за ДВ вели дека проблемот со појавата на лажните Роми не само што не може, туку и не смее да се решава со издавање на некакви си потврди за национална припадност.

Roma in Serbien Eva Vukasinovic
Ева ВукашиновиќФотографија: DW/D.Gruhonjic

„Точно е дека афирмативните мерки за упис на ромските студенти на факултетите очигледно се злоупотребуваат од страна на младите луѓе кои не се Роми, а се декларираат како такви со цел полесно да се запишат на факултет и да ги искористат и другите бенефиции кои се нудат. Но, на тоа не може да се стави крај со тоа што ќе ги кршите уставните и законските права на граѓаните и да барате од нив да набават потврда дека се Роми. Сепак, националната припадност е наш личен избор“, вели Ева Вукашиновиќ.

Овластувањето за издавање на потврди го има Националниот совет на Ромите, Канцеларијата за инклузија на Ромите и локалните координатори за ромски прашања во градовите и општините. Директорот на Канцеларијата за инклузија на Ромите, Душко Јовановиќ, за ДВ вели дека суштината на проблемот е во тоа што и после три години Канцеларијата за човекови права и права на малцинствата, не донесе адекватен правилник, со кој би се поправил тој пропуст, кој сега го злоупотребуваат лажните Роми.

„Непостоењето на тој правилник им остави простор за злоупотреба на одредени поединци. А, согласно Уставот и законите секој има право да се изјасни онака како што се чувствува. Конечно, ваквата ситуација создава една голема неправда за студентите од ромската националност“, вели Јовановиќ.

Во разговор со студентите Универзитетот од Нови Сад веднаш може да се забележи дека тие немаат доволно информации за тоа што всушност претставуваат тие афирмативни мерки и зошто се потребни за да се заштитат најранливите малцинства во општеството, како што се Ромите.

Roma in Serbien Dusko Jovanovic
Душко ЈовановиќФотографија: DW/D.Gruhonjic

„Не ми е јасно зошто јас да имам помали шанси за упис или за престој во студентски дом од било кој друг, само затоа што не сум припадник на одредена националност“, вели еден од студентите, кој сакаше да остане анонимен, бидејќи и тој самиот се запишал на факултет со тоа што се регистрирал во посебен избирачки список и на тој начин докажал дека е „Ром“.

Дали и Пикасо ги злоупотребувал афирмативните мерки?

Ева Вукашиновиќ предупредува дека и без тоа во општеството расте нетрпеливоста кон припадниците на ромските малцинства, бидејќи се добива впечаток дека припадниците на малцинствата се привилегирани во однос на мнозинството.

„Граѓаните едноставно не разбираат што претсавуваат овие афирмативни мерки и зошто се потребни. Треба да се работи на едуцирањето на Ромите, но уште поважно е образувањето и на мнозинството, за да се промени нивниот однос кон малцинството, а посебно кон малцинствата кои се дискриминирани на повеќе нивоа, како што е случајот со Ромите“, потенцира Вукашиновиќ.

Истата апсурдна потврда за доказ за националната припадност се бара и при обезбедувањето престој во студентските домови. Со други зборови, и покрај тоа што е забрането и казниво секое користење на податоците од посебниот избирачки список, освен за време на изборите на националниот совет, тоа сепак се прави и тоа со подршка од државата. Од истата таа држава, која и ги воведе тие афирмативни мерки.

И како да се реши тој проблем на повеќеслојното кршење на човековите права на Ромите? Ева Вукашиновиќ предлага секој оној кој ќе се запише на факултет како претходно деклариран Ром, истовремено да се обврзе дека по завршувањето на студиите, извесно време ќе работи во корист на ромската национална заедница.

„На пример, ако студентот кој се изјаснил како Ром заврши медицински факултет, потоа тој ќе треба извесно време да работи во ромска општина како лекар“, смета Ева Вукашиновиќ.

Инаку, во рамките на програмата на неодамна завршениот фестивал на улични свирачи во Нови Сад, одржана е и изложба на фотографии од славни Роми. Доколку не сте знаеле, меѓу нив се и Чарли Чаплин, Пабло Пикасо, Рита Хејворт, Џул Бринер, Мајкл Кејн, Елвис Присли, Златан Ибрахимовиќ, Рони Вуд, Адам Ант. Да бидеме иронични и да се запрашаме: Дали и тие можеби злоупотребувале афирмативни мерки?