1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ќе решава за „втората сезона на бомбите“

Катерина Блажевска 21 мај 2015

Ништо нема да остане необјавено. Кон крајот на неделава ќе решиме кога ќе продолжиме со објавување и на други содржини од „Вистината за Македонија“, најавува Заев.

https://p.dw.com/p/1FTVB
Фотографија: Petr Stojanovski

Најсилно може да одекнат необјавените „бомби“. Со вакво „предупредување“ се соочи СДСМ, откако пред протестот на 17 мај, најави привремен мораториум на проектот „Вистината за Македонија“. Запрашан дали ќе продолжи со објавувањето на аудио-снимки, лидерот на СДСМ тогаш одговори дека „бомбите“ ќе паузираат се додека траат протестите.

„За случајот „Монструм“ ветивме и секако дека ќе бидат објавени сознанијата, но заради чувствителноста на моментот (денови по полициската акцијата во Куманово н.з.), не ги објавивме пред големиот протест“, изјави тогаш Заев.

Се ќе биде објавено!

Ваквата одлука на СДСМ го испровоцира првото незадоволство. Движењето „Беса“, кое претходно го поддржа антивладиниот протест, незадоволно што лидерот на СДСМ во „бомбите“ ги поштедил функционерите од ДУИ, соопшти дека нема да учествува во протестот на 17 Мај. Граѓанскиот протест заврши, но тој и натаму продолжува пред Владата во поинаква форма. Колку ќе трае зависи од разврската на кризата, а таа може да трае и со месеци. Дали за време на целиот тој протестен период, „бомбите“ ќе бидат под мораториум - е прашањето што се поставува во јавноста.

Ветивме дека ќе ја соопштиме целата вистина и не бегаме од тоа, одговара лидерот на СДСМ.

„Не е во прашање само 'Смилковско езеро'. Има и други содржини што и ги ветивме на јавноста, а до денес не се објавени, како што е и случајот 'А1 телевизија', 'Скопје 2014' и многу други. Изминативе денови имаме многу активности - протест, лидерска средба во Скопје, средба во Стразбур... Објавувањето на 'бомбите' привремено беше запрено затоа што сакавме да му дадеме примат на протестот. Но, ништо нема да остане необјавено. Кон крајот на неделава ќе донесеме одлука кога ќе продолжиме со објавувањето и на другите содржини од 'Вистината за Македонија'. Затоа, молам за трпение и за разбирање“, изјави Заев.

Неопходни системски промени

Но, се чини дека тоа веќе нема да биде доволно. Од „Беса“ сметаат дека „Вистината за Македонија“ се претворила во „Вистината за ВМРО-ДПМНЕ“, бидејќи и по 33 објавени пакет-разговори, речиси ништо суштинско не се слушнало за делата на албанскиот коалициски партнер, ДУИ.

„На почетокот од објавувањето на прислушкуваните разговори, Албанците се охрабрија и се надеваа дека ќе ја слушнат вистината за ДУИ, но мислиме дека СДСМ скршна од првичната цел - од патот кој ќе ја прикаже „Вистината за Македонија“ и дека сега веќе се потполно на патот на калкулациите - како побрзо до власта. Не слушнавме дали тие имаат претстава како ќе ги извршат промените во државата и дали, според нив, воопшто треба нешто да се смени, освен Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Сметаме дека системот е тој што ја произведе оваа ситуација, а не некоја одредена личност или група луѓе. Тие само ја (зло)употребија можноста што им ја овозможи системот. Со ваков систем на функционирање на државата ние и во иднина ќе имаме исти, а можеби уште поекстремни случаи на злоупотреба на државата. Затоа предложивме и постојано повикуваме на започнување на процесот на редефинирање на државата. Ако СДСМ одлучи да ги објави сите „бомби“, ако се изјасни за каква Македонија се залага и каде ги гледа Албанците во новата Македонија, сигурни сме дека и односот на Албанците кон нив ќе се смени“, укажува Африм Гаши од движењето „Беса“.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski

Тој потенцира дека во Движењето добро знаат дека за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ е многу полесно да владеат со субјекти како што се ДУИ и ДПА, кои влегуваат во секоја власт без никакви услови.

„Но, на македонските политички партии треба да им биде јасно дека на тој начин ја немаат поддршката на Албанците за таква власт, а со тоа во секој момент ќе биде загрозена стабилноста и иднината на државата“, предупредува Гаши.

Ракавицата фрлена

Лидерот на СДСМ во повеќе наврати изјави дека преку „бомбите“ ниту се прават калкулации, ниту се штитат одредени политичари. Од друга страна, на тематскиот конгрес на ДУИ одржан на 28 март, и Ахмети јавно го повика СДСМ се што има за него лично или за ДУИ, јавно да објави.

„Ништо да не остане необјавено. За да нема дилеми за јавноста, ќе повторам и денес: сè што постои за ДУИ, да излезе во јавноста. Дури и секој мој разговор, било за политички активности, било приватен разговор, нека се објави. Јас не водам политика со двојни стандарди“, рече Ахмети.

Деновиве, пак, во интервју за емисијата „Opinion“ на албанската телевизија „Клан“, запрашан од новинарот Бленди Февзиу дали снимките се автентични, Ахмети одговори потврдно, а во однос на можни сознанија за функционери од ДУИ на тие снимки, нагласи дека ако некој згрешил - ќе одговара.

Дел од досегашните „бомби“, кои открија епитети што ВМРО-ДПМНЕ наводно ги користела за коалицискит партнер - „Шиптариштава“, „Индијанциве“ „Тоа племе...“, не ја предомислија ДУИ од намерата да остане во власта.

„Излегувањето на ДУИ од Владата само би ја заострило кризата“, изјави деновиве во интервјуа за странски медиуми, Али Ахмети.

По оваа најава, според аналитичари, Ахмети освен што излегол на дефиниран и бришан простор, тој и директно го предизвикал Заев да објави се за ДУИ, доколку досега евентуално се воздржувал.

Во СДСМ, освен што немаат дилема дека сите сознанија ќе бидат споделени со јавноста, меѓудругото, размислуваат и за други форми на артикулирање на незадоволството.

„Покрај протестот кој ќе трае, деновиве ќе одлучиме какви други видови на активности ќе креираме се до исполнувањето на крајната цел“, најави Заев.