1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со паралелни институции ќе ја следи работата на власта

Катерина Блажевска21 август 2014

На вчерашната седница на Централниот Одбор, СДСМ не ја ревидираше одлуката за бојкот на Собранието, туку договори обемна стратегија за вонпарламентарно дејствување, велат извори од опозициската партија.

https://p.dw.com/p/1CyUi
Фотографија: MIA

Пратениците на опозициската коалиција на СДСМ и натаму остануваат надвор од Собранието. Одлуката не е нова, но посредно е реафирмирана преку седницата на Централниот Одбор на партијата, на која доцна синоќа, по речиси четиричасовна дебата, биле договорени активностите за идното вонпарламентарно дејствување на опозицијата. Тоа беше потврдено и со партиско соопштение, кое се очекува денеска подетално да и‘ биде објаснето на јавноста.

„Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз едногласно ја усвои Стратегијата за идно делување на СДСМ. Централниот одбор едногласно одлучи да ги исклучи од членство Солза Грчева и Љубица Буралиева, поради непочитување на одлуките на највисоките органи и тела на партијата. Во сите дискусии во текот на вечерашната дебата на Централниот одбор беше потврдена цврстата решеност за спроведување на ставовите донесени на Конгресот на СДСМ“, соопшти партијата веднаш по завршувањето на седницата на Централниот одбор.

Комисии наместо министри во сенка

Според партиски извори, зад кусото соопштение стои долг список од договорени партиски активности за начинот на кој СДСМ ќе дејствува надвор од Парламентот.

„Медиумите погрешно информираа дека СДСМ ќе одлучува дали да го прекине бојкотот на Собранието или не. Тоа воопшто не беше тема на дневниот ред на седницата, ниту предмет на какво било ревидирање или преиспитување. На дневниот ред имаше само две точки: утврдување на идната стратегијата за вонпарламентарното дејствување на партијата и втората - исклучување од членство на оние кои не ги почитуваат одлуките на највисоките тела на партијата, како и констатирање на претходно доставените оставки на некои членови на партиски органи“, велат партиски извори.

На седницата биле усвоени две оставки - една на член на Извршниот одбор од Кочани, и втората - на членот на ЦО, Есад Рахиќ, која тој ја најави уште на партискиот Конгрес.

Според истите извори, веќе од денеска СДСМ го очекуваат обемни внатрепартиски активности за спроведување на договорената стратегија.

„Генерално, активностите ќе се темелат на два клучни столба - засилени контакти со граѓаните и широк фронт на внатрепартиски активности. Нема да се формира класична влада во сенка сo индивидуални кадровски решенија за поеднечни ресори. Наместо министри во сенка ќе има ресорски Комисии, како колективни тела, кои активно ќе ги следат проблемите и состојбите во секое министерство, ќе предлагаат решенија, мерки и активности. Истата стратегија ќе биде разгранета и по ’вертикала‘ за сите институции - управи, фондови, агенции. Преку тие паралелни институции, будно ќе се следат состојбите во сите сфери и тие ќе бидат коректор на сите девијантни состојби. Она што беше карактеристично за синоќешната дискусија, е голема сплотеност и едногласност околу предложените и договорени решенија“, велат овие извори.

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Во некои од претходните најави, се навестуваше и директен тв - пренос од седниците на опозициските пратеници, но засега од партијата не соопштуваат дали и таа активност влегува во новиот стратегиски пакет.

На седницата, раководството информирало и дека по првата лидерска средба Груевски-Заев, немало никакви други разговори со власта за обновување на дијалогот за надминување на парламентарната криза, како и дека не се знае дали тие воопшто ќе продолжат. Како што е познато, средбата меѓу Груевски и Заев во старт доживеа неуспех, бидејќи за владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше целосно неприфатливо едно од клучните барања на социјалдемократите - формирање на техничка влада која ќе организира и спроведе фер и демократски избори.

Септември клучен месец

По оваа седница на ЦО на СДСМ, сосема е извесно дека и есенската сесија на парламентот ќе започне без присуство на опозицијата. Работата на Собранието почнува в понеделник, за кога се закажани седници на повеќе комисии, пред пленарната седница најавена за 27 август. По летниот одмор пратениците ги чека обемна работа - треба да расправаат за уставните измени, за десетина нови закони кои веќе се ставени на дневен ред, како и за ребалансот на буџетот.

Септември се смета за клучен месец за надминување на парламентарната криза, поради претстојниот извештај на Европската комисија, во кој треба да се нотира напредокот на Македонија, односно дали профункционирал очекуваниот меѓупартиски дијалог, по кризата што настана откако опозицијата реши да не ги признае резултатите од двојните избори на 27 април. Со цел да помогне во надминувањето на кризата, делегацијата на ЕУ во Скопје делегираше и посредник-олеснувач во разговорите меѓу власта и опозицијата. Сепак, белгискиот експерт за јакнење на Парламентот како институција, Питер ван Хоуте, летово остана без работа. Иако тој и во јули една недела престојуваше во Македонија, не одржа ниту одвоени ниту заедничка средба со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според дипломатски извори, „тој ја скенирал состојбата, условите и предусловите за дијалог, но и фактот дека значајни уставни измени се предлагаат во време кога опозицијата е надвор од парламентот“.

Што понатаму? Ако во септември двете партии не успеат да постигнат договор за надминување на парламентарната криза, можно е да бидат констатирани оставките на опозициските пратеници, чин што претходно беше одложен, со цел да му се даде шанса на дијалогот. Сепак, повеќето политички аналитичари се убедени дека тоа нема да се случи, и дека ќе има второ одложување на констатирањето на оставките, со цел и натаму да се одржува во живот барем надежта за дијалог.

Politischer Dialog in Mazedonien
Средбата на премиерот Груевски и Заев не донесе ништоФотографија: Amalia Oganjanyan

Нема коректор на власта

Вчера, пред почетокот на седницата на ЦО на СДСМ, пратеници на владејачката коалиција, изразија надеж дека септемвриската сесија на Собранието ќе ја започне работата во комплетен состав. Силвана Бонева, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, очекува опозицијата да се врати во собраниските клупи.

„Парламентот треба да има опозиција која ќе биде коректор на власта и на нејзината работа. И ние и опозицијата во кампањата им дававме ветувања на граѓаните дека ќе ги вложиме сите напори Република Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО. По 24 декември 2012 година, сите партии потпишаа меморандум со кој се обврзаа дека ниедна од нив нема да го попречува остварувањето на крајната цел - интеграцијата во ЕУ и дека сите несогласувања ќе се решаваат по мирен пат, преку дијалог, во институциите. Тоа е и единствената обврска од Договорот од 1 Март, што е досега реализирана. Очекувам потписот на тој меморандум да го потврдат и во практиката, на седницата на Централниот одбор на СДСМ. Очекувам да не го газат основниот политички постулат на кој почива Охридскиот договор - дека нема постигнување на политички цели со насилни средства, туку само преку дијалог во институциите. И да не заборават дека главниот критериум Македонија да добие позитивен извештај од Европската комисија е да има функционален политички дијалог, а не улица“, рече Бонева.

Сличен став изрази и пратеникот Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски Сојуз.

„Долгорочно гледано, отстуството на СДСМ од парламентот е неприфатливо и опасно. Треба политичкиот дијалог да продолжи. Очекувам СДСМ да излезе со конкретни законски проекти и решенија околку избирачкиот список, одвојувањето на партиите од државата, медиумските слободи, финансирање на партиите, пописот на населението, Македонија да биде една изборна единица и слично, со цел да можеме сериозно да расправаме и постигнеме договор. Се‘ друго е политички маркетинг“, оцени тој.

Не е тешко да се претпостави дека синоќешните одлуки на СДСМ денеска ќе бидат предмет на остра критика од власта. Според дипломатски извори, не е исклучено „многу скоро“, да се направи обид за средба меѓу претставници на власта и опозицијата, „без разлика дали таа ќе биде на пониско или на повисоко ниво“, пред целосно да се зацементираат непопустливите позиции на двете страни. Но, потенцираат дека предуслов за тоа е да има минумум волја и кај едните и кај другите, за суштински, а не за формален дијалог.