1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ поднесува кривична пријава против Груевски

АТ/ макфакс/ либертас/ нова22 април 2014

Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека партијата поднесува кривична пријава против премиерот Груевски за случајот Македонска банка. Тој презентираше и нови документи, кои, според него, се доказ за примена готовина.

https://p.dw.com/p/1BmF1
Фотографија: Petr Stojanovski

Социјалдемократскиот сојуз денеска (22.04.) поднесува Кривична пријава против Никола Груевски, информираше на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев.

„Груевски со побараниот и примениот милионски кеш во случајот Македонска банка направил три тешки кривични дела, противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок. Пријавата ја поднесуваме до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со неа како доказен материјал е доставена и аудиоснимката на којашто јасно се слушаат инструкциите на Груевски и неговата инволвираност во извршувањето на делата“, рече Заев.

Според него, Никола Груевски ја искористил својата службена положба како пратеник и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 и 2004 година.

„Од тие позиции посредувал и влијаел кај мнозинството акционери во Македонска банка АД Скопје, да ги продадат акциите од 51% на Јовица Стефановиќ-Нини. За тоа Груевски договорил награда од 1.500.000. евра директно во кеш, а останатите 900.000 евра со сукцесивно повлекување, повторно во готовина“, рече Заев.

Тој понатаму додава дека Груевски дал лажни податоци за своите приходи, противзаконски избегнал плаќање данок кон државата, на што бил обврзан, со што, според лидерот на опозициската СДСМ, ја оштетил и државата и граѓаните на Македонија.

„Од обвинителството очекуваме ефективна истрага за случајот Македонска банка, посебно што во него постојат сериозни индиции за криминал направен од лице, коешто осум години е на чело на државата - лично премиерот Никола Груевски. Обвинителството има можност, ако смета за потребно, да спроведе експертиза за веродостојноста на аудиоснимката што ја приложивме како доказ. Така ќе паднат во вода сите очајни обиди на Никола Груевски да се скрие, преку лагите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и очигледната забрана на медиумите под негова контрола да информираат за овој невиден скандал“, рече Заев.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека „за обвинувањата и клеветите изнесени од страна на Зоран Заев веќе е најавена тужба за клевета“, пренесуваат македонските медиуми. Според неа, тој нејверојатно и сосема извесно е дека ќе добие можност да ја докажува автентичноста на аудиоснимката во судската постапка, каде тој ќе биде тужен за клевета.

Нови обвинувања

Претседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев освен што најави кривична пријава против премиерот Никола Груевски поради случајот Македонска банка, денеска презентираше нови документи, кои, според него, се доказ за примена готовина.

„Еве ги тие официјални документи. На нив го има црвениот партиски печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис на овластеното лице, најверојатно тогашниот секретар на партијата. Станува збор за потврди за примени пари во кеш, како донација, во 2006-та година, од 30.000 евра и 50.000 евра, или вкупно 80.000 евра. Како донатор се јавува лицето Тумбовски Загорец. Во моментот на уплатата на донацијата во кеш, Никола Груевски, покрај претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е и премиер на Република Македонија, веќе четири месеци“, рече Заев.

„Дали Никола Груевски знаеш дека донација од физичко лице за политичка партија согласно тогашната и сегашна законска регулатива е во максимален износ од 5.000 евра“, праша претседателот на СДСМ.

Тој исто така праша и „дали овие пари, на име донација, наместо во партијата, завршиле во вашите џебови“ и дали воопшто се прикажани во завршната сметка на партијата. „Ова се докази дека Никола Груевски, на ист начин како и пред да стане премиер, и откако станал премиер на државата, продолжил да работи и да прима пари во кеш“, рече Заев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи