1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за Русија - колку ќе ја чинат Германија?

Маркус Литикие / Александар Методијев24 јули 2014

Дискусиите во ЕУ за проширување на санкциите кон Русија ги загрижуваат германските бизнисмени. Се стравува од драстричен пад на германскиот извоз и од проблеми кои ќе ги имаат германските фирми во Русија.

https://p.dw.com/p/1ChrM
Фотографија: imago/Hoffmann

Одлучноста во однос на Кремљ истовремено носи губитоци на домашната економија – тоа е предизвикот со кој се соочени шефовите на државите или владите во ЕУ, по веројатното соборување на авионот на линијата МХ17. Додека Американците веќе долго време посакуваат драстични мерки од ЕУ во однос на Кремљ, бизнис-асоцијациите предупредуваат на несогледливи последици поради заострувањето на санкциите за Русија.

Последиците веќе се чувствуваат

„Секое трето работно место во Германија е зависно од извозот. Кога тоа ќе се пренесе на германско-руската трговија имаме бројка од 300.000 работни места чиј опстанок зависи од таа трговија“, вели Фолкер Трајер, заменик-директор на „Германската стопанска комора“. „Постојат бројни претпријатија кои многу инвестираа во Русија. Дали тие сега треба да ја платат цената за политичкиот судир? Како претставник на економијата се сомневам во тоа и тој сомнеж мораме да го артикулираме“, додава тој во разговорот за Дојче веле.

Постоечките мерки во германската јавност потсмешливо се нарекуваат санкции, бидејќи тие засега ги погодуваат само поединците блиски до Владимир Путин, чии банкарски сметки се замрзнати во ЕУ, а ним им се забранети и патувања. Меѓутоа, дури и тие симболични санкции веќе покажуваат конкретни последици по германската економија. „Во првите пет месеци од оваа година извозот во Русија е намален за над 13 проценти“, забележува Трајер.

07.05.2013 DW MADE IN GERMANY Volker Treier
Фолкер ТрајерФотографија: DW

Погодени се средните претпријатија

Со оглед на новонастанатата неизвесна ситуација, руските фирми се’ поинтензивно ќе бараат партнери во другите делови од светот.

„Врз основа на Стопанската комора за надворешна трговија знаеме дека руските бизнис партнери се вртат кон Кина“, вели Трајер. Иако Кинезите најчесто не се во состојба да понудат ист квалитет како германските фирми, таму почнува нова трговска соработка, објаснува нашиот соговорник.

И германските средни претпријатија предупредуваат на опасност од воведување поостри санкции кон Русија.

„Во економската војна со Русија може само да има губитници“, предупредува Марио Оховен, претседател на „Сојузот на мали и средни претпријатија“. „Ембаргото или слични мерки против Русите ќе погодат пред се’ многу наши средни претријатија кои извезуваат“, додава Оховен. Најголем дел од околу 6.300 германски претпријатија кои се активни на рускиот пазар, според Оховен, се мали и средни.

Die meistverkauften Autos der Welt 2013
Фолксваген, како и други германски фирми, бележи огромен извоз во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Политичарите да ги објаснат своите одлуки

Значи, многу е силен притисокот врз сојузната влада со големо внимание да се донесе одлуката за проширување на санкциите. Министрите за надворешни работи на ЕУ во вторникот во Брисел постигнаа договор Европската комисија денеска да ги разгледа предлозите за тоа на кои лица и фирми би требале да бидат проширени санкциите.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара од ЕУ да воведе „поостри санкции“. Европската унија секогаш се залага за дијалог и смирување на ситуацијата, кажа Штајнмајер. „Истовремено Русија не се придржуваше во доволна мера до договорените обврски. Од тоа мораме да извлечеме заклучоци“, рече Штајнмајер не изнесувајќи повеќе детали.

Доколку ЕУ еден ден се одлучи за проширување на санкциите и во други сектори, економистите стравуваат од можен одговор на Русите.

„Во тој случај би можеле да бидеме соочени со екстремни мерки на одмазда и да западнеме во спирала на санкции“, вели Трајер. „Политичарите тогаш би морале да им објаснат на бизнисмените и населението како и што понатаму да се прави“, додава Трајер. Германија е и зависна од увозот на гас од Русија. Трајер вели: „И на тоа прашање исто така би требало да се одговори“.