1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самите ја создадовме „Исламската држава“

Матиас Фон Хајн/Б. Георгиевски27 април 2015

Припадниците на „Исламската држава“ убиваат новинари пред вклучени камери. Сепак, публицистот Јирген Тоденхефер во декември мина десет дена со ИС, а потоа ја напиша книгата „Десет дена со Исламската држава“.

https://p.dw.com/p/1FFe9
Фотографија: picture alliance/ZB

ДВ: Во текот на десет дена одвнатре ја запознавте „Исламската држава“. Што е најважниот заклучок од тоа патување?

Тоденхефер: Прво, Исламската држава е најопасната терористичка армија во модерната историја. Второ, тој тероризам го создадовме самите, со нашите антитерористички војни - во овој случај со војната во Ирак. Ние, по 11 септември 2001 година имавме речиси 1.000 меѓународни терористи во пештерите на Авганистан, а денес имаме 100 илјади меѓународни терористи. Значи, ние самите го создадовме тој тероризам со нашата стратегија на бомбардирање. Откако ги доживеав тие луѓе во текот на десет дена, ја доживеав нивната професионалност, нивниот фанатизам, можам само да апелира до владата на Германија да се заложи за политичко решение во Ирак и во Сирија. А тоа гласи: повеќе права за сунитите. И четврто, откако таму востановив дека она што го застапува ИС нема многу врска со исламот, можам на сите млади луѓе на Западот да им порачам: не одете таму. Тоа има исто толку врска со исламот, колку и Кју-Клакс-Кланот со христијанството: ништо. Вие таму и‘ правите штета на својата религија. Во основа, тоа не е „Исламска држава“, туку анти-исламска држава. Така всушност и треба да се нарекуваат- АИС.

Irak Mossul IS Zerstörung Hatra UNESCO Welterbe Mosul Irak
Уништување на неисламските вредности во МосулФотографија: picture-alliance/AP Photo/Militant video

Ние ја перцепираме Исламската држава пред се‘ како терористичка организација. Колку од таа држава можеше да се забележи за време на Вашиот престој во Мосул?

Тоденхефер: Вие таму не го гледате она што се гледа на пропагандните снимки. Многу луѓе сметаат дека таму цел ден минуваат автомобили со, во црно маскирани мажи, со вперени пиштоли во воздух и дека тие постојано им сечат глави на луѓето. Тоа не е така. Во Мосул сѐ делува нормално. Сообраќајот е густ, тоа се улици и улички со пазарчиња и продавници, сосема нормални луѓе кои купуваат и слободно се движат. Вие таму не гледате ништо од Исламската држава. Одвреме-навреме ќе видите знамиња. Автомобилските таблички имаат ознаки на ИС. И полицајците имаат униформи на ИС, но таа изгледа сосема нормално. Постои една своевидна нормалност на злото. И тоа се доживува кога ќе се отиде во „Исламската држава“.

Постои ли нешто како државни структури со управа, судови, болници?

Јас бев државен правобранител и разговарав со компетентни државни правобранители. Тие го имаат следното мислење: тоа е де факто држава. Таа де факто има власт над одредена територија. Населението тоа во најголем дел го прифаќа. Таа има сообраќајна полиција, има нормална полиција - тоа значи не се борци на ИС. Таа формираше судска надлежност во граѓанските спорови и луѓето тоа многу го ценат, бидејќи судовите не се корумпирани. Тие велат: „Тука одлуките брзо се носат и не мораме да плаќаме за тоа. Порано моравме да плаќаме и долго да чекаме“. Тие наплаќаат данок, а тоа е токму една од првите работи кои државите ги прават. И тие имаат одредена здравствена заштита. Имаат болници кои функционираат. Тие секако се соочуваат со проблемот на недостаток на лекови, бидејќи Багдад ја блокира доставата, но тоа е држава која функционира. Јас го познавав Мосул, бев таму пред војната во Ирак во 2002 година и не можев да забележам поголеми разлики. Секако морам да прецизирам: во 2002 бев во Мосул во христијанскиот кварт, во мултикултурни квартови, по кои тој град беше препознатлив и сега можам да ја воочам разликата. Имено, сите оние кои не се сунити - тоа значи сите шиити, христијани, језиди - се протерани или избегале. Но вие тоа не го гледате, доколку не одите на местата каде тие живееле.

Irak Mossul Jesiden Flüchtlinge Frauen
Бегство на Језидите од МосулФотографија: picture-alliance/AA/E. Yorulmaz

Едни побегнале или се протерани, а други заминуваат доброволно. Во Германија, во Европа, се чудат зошто илјадници луѓе доброволно одат во наводниот џихад. Вие разговаравте со тие луѓе. Зошто одат тие таму?

Бев во регрутниот центар во близина на границата, каде секојдневно доаѓаа повеќе од 50 луѓе. Постојат уште многу такви регрутни центри, а луѓето доаѓаат со одушевување. Тоа не се некакви будали, туку делумно многу интелигентни луѓе. На пример, видов еден млад човек од Карибите, елегантно облечен, со „Реј-Бан“ очила. Го прашав: „Што правите вие овде?“ А тој одговори: „Токму го положив мојот државен правнички испит. Добив дозвола за работа во судот, но сакам да се борам за Исламската држава, каде и да ме повика таа“. Следниот пат шетајќи по улиците на Мосул, сретнавме висок, слабичок, русокос маж. Беше очигледно дека не е Ирачанец. Беше Швеѓанец и рече: „Ова е сега најдобриот период во мојот живот“.
Таму се работи за перење мозоци кое имаше неверојатен ефект. „Исламската држава“ не е само многу силна - таа денес има под своја контрола подрачје со големина на Велика Британија - туку е и многу атрактивна за одредени групи млади луѓе. Тие млади луѓе гледаат како „Исламската држава“ сече глави, пали, измачува луѓе... Но тие велат: „Постојат многу важни причини поради кои тоа сега е исправно. Слабоста не може да биде великодушна, слабоста мора да биде брутална“. Значи, еден страшен, и од мој агол, многу опасен развој на состојбата.

Што, според Вашите сознанија од регионот, би можел да биде планот кој би довел до победа над ИС?

Може да постои само политичко решение. Воено решение на постои. Тука исто така не се вбројуваат ни воените успеси како што тврдат Американците. Неколку часа откако Американците го зазедоа Тикрит и рекоа „Исчистен е“, ИС ја зазема Рамада, кој е многу поголем. Во меѓувреме, ИС веројатно изведува напади во Авганистан. Тоа е феномен, сличен на карцином, а јас предупредувам пред сѐ на извештаите за воените успеси. ИС може да биде победена само ако се успее повторно, во целост и на рамноправен начин, во политичкиот живот на Ирак да се интегрираат сунитите, а тоа се веројатно околу 35 проценти од Ирачаните. Без тоа национално помирување, нема ништо.

Поранешниот политичар и медиумски менаџер, Јирген Тоденхефер денес работи како новинар и публицист. На 27 април од печат излезе неговата книга „Inside IS- десет дена со Исламската држава“.