1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и‘ прогласија војна на еболата

Клаус Штекер / Елизабета М. Фиданоска17 септември 2014

Како во речиси сите хуманитарни кризи, светот во случајот со еболата делува премногу колебливо. Сега САД сакаат да ја победат заразата со воени средства. ЕУ и Германија треба да го следат тој пример, смета Клаус Штекер.

https://p.dw.com/p/1DDiC
Фотографија: DW/J. Kanubah

Додека африканските драми да стигнат на политичката бина во Европа, минува долго време. Секоја хуманитарна криза го покажува тоа. Поплави, глад, сида или бегалци кои се дават во Средоземното Море - Европа ескивира се‘ додека политичкото дејствување не стане неизбежно. Кризата со ебола е најновиот, со својата драматика повеќе од впечатлив доказ за двоумењето. Дури и лекарите, спасувачите и новинарите, кои виделе се‘ и сешто, немаат доживеано таква тешка и комплексна хуманитарна криза. Организациите како „Лекари без граници“ со недели укажуваат на драматичната состојба, ја критикуваат неактивноста на меѓународната заедница. Инифицирани лица не може да се примат на лекување, центрите за лекување се забарикадирани, лекарите и сестрите умираат или се засолнуваат на сигурно. Телата едноставно се оставаат на улица. По половина од министрите во земјите каде има ебола се заминати во странство, економиите замираат, слабите социјални системи едноставно потклекнуваат под големиот товар. Бројот на починати - во меѓувреме 2500 - сепак се‘ уште не ги има разбудено сите.

„Невидена катастрофа“

Светската здравствена организација СТО зборува за „невидена катастрофа во поново време“. Координаторката на ОН за хуманитарна помош, Валери Амос, предупредува од опасноста од „колапс“ на запaдноафериканските земји погодени од кризата. Со очајнички писма претседателката на Либерија, Елен Џонсон-Сирлиф, бараше помош од државите ширум светот, од Австралија до Русија. И‘ пиша и на германската канцеларка Ангела Меркел: „Без ваша поголема помош ќе ја загубиме битката.“

Deutsche Welle Claus Stäcker
Клаус Штекер, раководител на одделот за Африка во ДВФотографија: DW

Мора да се создадат воздушни мостови, потребен е медицински персонал, мобилни болници и центри за нега. Мора да се даде поддршка на локалните медиуми кои се обидуваат да придонесат за информирање на населението во врска со болеста и заштитата од неа. ОН проценија дека акутно се неопходни речиси 800 милиони евра, од тоа половината во Либерија. Досега не е ветена ниту една третина од тоа. Германската влада вети прво 2,7 милиони евра, а потоа зголеми за уште 9 милиони. Се вели дека се преиспитуваат можности за натамошна помош.

Војна со мирнодопски средства

Крајно време беше да се дејствува. САД покажуваат како треба. За разлика од воените интервенции во минатото, испраќањето на околу 3000 војници со шатори, кревети и медицински апарати во Либерија нема да биде критикувано. Ангажманот на армијата е работа која досега е докажана - транспортна логистика и јасен ланец на издавање наредби ја забрзуваат борбата против болеста. Во нужда дури и историските непријатели се здружуваат. Куба официјално испрати 165 лекари. Кина сака да испрати 59 здравствени експерти. Дури и Малезија доставува 21 милиони гумени ракавици. Конечно умирањето на Африканците стигна во фокусот, дури и во Европа каде ставовите за еболата се‘ уште се сортираат. Обединетите нации предупредуваат дека до крајот на годината бројот на инфицирани во Западна Африка може да се зголеми за четири пати - на 20.000. Се‘ уште секаков контакт со болен од ебола завршува речиси по правило со смрт. Сосема со право хуманитарната организација „Лекари без граници“ се чуди зошто до денес таа е донатор на најголем број кревети за болните од ебола во земјите зафатени со заразата. Нејзините доброволци прават натчовечки напори, а пациените преживуваат натчовечки маки, особено оние кои остануваат надвор од болниците зашто не можеле да бидат примени на лекување.