1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и ОН бараат прекин на насилствата во Египет

19 декември 2011

САД и ОН ја осудија употребата на прекумерна сила на египетските безбедносни органи врз демонстрантите во земјата. Барањето за воздржување од насилство дојде на третиот ден од судирите со жртви во Каиро.

https://p.dw.com/p/13VLk
Осуда на насилството во ЕгипетФотографија: dapd

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и американската државна секретарка Хилари Клинтон изјавија дека се многу загрижени за насилството кое продолжува во Египет и во исто време ги повикаа египетските безбедносни сили да ги почитуваат правата на луѓето кои протестираат. Демонстрантите трет ден бараат ставање крај на управувањето на воените власти.

„Генералниот секретар на ОН е мошне загрижен поради прекумерната употреба на сила од страна на силите за безбедност кон демонстрантите и ги повика преодните власти да покажат воздржаност и да ги почитуваат човековите права, меѓу кои и правото на мирен протест“, стои во соопштението на канцеларијата на Бан Ки Мун.

Gewalt und Ausschreitungen in Ägypten
Улични немири во ЕгипетФотографија: dapd

Американската државна секретарка Хилари Клинтон ги повика египетските власти да побараат одговорност за насилствата кај сите, вклучително и кај безбедносните органи. Таа ги повика египетските сили за безбедност да ги почитуваат универзалните права на сите Египќани, вклучувајќи го и правото на мирно и слободно изразување и собирање.

Барањето на ОН и САД за воздржување од насилство дојде на третиот ден од судирите во Египет, во кои има 10 жртви.

„Долу Тантави“ извикуваа синоќа околу илјада демонстранти на плоштадот Тахрир во Каиро против Мохамед Тантави, кој е на чело на Високиот воен совет и беше министер за одбрана во владата на соборениот претседател Хосни Мубарак.

Автор: Александар Методијев / АТ/ афп / ројтерс / миа

Редактор: Жана Ацеска